Почитувана Редакцијо, здраво!
Имам едно прашање: Го изработив електронското транзисторско палење од проектот "Транзисторско палење" објавен во ЕМИТЕР бр. 10/07, кое го монтирав на "Лада". Арно ама, сега се случува инструментот за покажување на вртежите на моторот да не работи рамномерно, односно стрелката подрипнува, а забележувам и "бобината" е малку топла, а ладилникот монтиран на излезниот транзистор T4 е ладен. Дали има некаков проблем со палењето или е до бобината?
На бобината помеѓу конекторите +15 и -1 измерив отпор од 3,2Ω - во што е проблемот, зошто се слуша зуење на радиото кога работи автомобилот?
Однапред ви благодарам,
Горан Василевски
преку и-меил
Најнапред да напоменам дека ова транзисторко палење го имам монтирано во "Лада" пред повеќе од 15 год. и работеше одлично без никакви проблеми!
Отскокнувањето на стрелката од инструментот за покажување на вртежите може да биде како последица од начинот на негово поврзување со "платината". Инструментот пред да го монтирате електронското палење беше поврзан на плусот на акумулаторот, а неговиот минус на маса, а третата жица беше поврзана на (–1) од бобината. Во дадениов случај сега таа трета жица треба да ја поврзете директно на завртката од платината (погледнете ја слика 6 од проектот). Ова сето треба да се направи, бидејќи инструментот ги мери импулсите од платината, а не импулсите на транзисторот T4. Ако и по ова стрелката откскокнува, намалете ја вредноста на отпорникот R1 на 220Ω, и, по потреба, заменете ја платината со нова. Исто така, пробајте со повторно спојување на кондензаторот C од платината кој претходно беше отспоен.
Зуењето кое се јавува од радиото може да биде последица од повеќе причини. Една причина може да биде влагата која навлегува во ППК од палењето, која многу ја има во овие есенски/зимски услови. Друга причина може да биде кондензаторот C4. Него треба да го замените со нов со вредност од 330…470nF/630V и да го залемите што поблиску до транзисторот T4. Сепак, проблемите поврзани со зуењето најчесто се од електромагнетна природа. Искрењето на свеќичките и платинката, како и напонско-струјните скокови во бобината, создаваат електромагнетни пречки за чие целосно елиминирање е неопходно да се примени оклопување на најчувствителните делови на радиото, како и на целиот уред. Исто така, треба да се обрне внимание и на начинот на поврзувањето на радиото со електричната инсталација во автомобилот. Секогаш треба да се тежнее за напојување да се користат посебни жици кои ќе бидат приклучени што е можно поблиску до акумулаторот. Електромагнетните пречки кои се индуцираат во каблите за напојување на радиото можат да се намалат или целосно да се елиминраат со додавање на "филтер за блокажа": кај радиото помеѓу плусот и масата поставете паралелно електролитски кондензатор од 1000 до 4700µF/25V и керамички кондензатор од 100nF, а жицата за плусот поврзете ја на плусот од напојувањето преку реден калем од неколку mH/5A.
На крај, за вредност на отпорот на "бобината" R поголема од 2,2Ω, како што е во дадениов случај, вредноста на отпорникот R9 треба да е 120Ω/2W, ова доаѓа од препораките од проектот.
За загревањето на бобината не "берете гајле", бидејќи како што наведовте во писмото таа има отпор од 3,2Ω, тоа значи ако тече струја низ неа заради нејзиниот отпор струјата ќе изврши нејзино загревање. Постои еден услов, температурата на бобината да не е многу голема за да не предизвика нејзино уништување. Ако со допир со рака можете да ја издржите температурата создадена во бобината, тоа докажува дека со неа сè е во ред.
Ви посакувам на крај успешно да ги отстраните проблемите на кои наидовте.
Славко Стојковски