Здраво,
... Би сакал да објавите напис за изработка на засилувач на телевизиски сигнал и да дадете кратко објаснение од што зависи приемната моќ на една антена и како истата да се зголеми.
Продолжете така и сè најубаво.
Горан Паликаров од Струмица.
Под засилувач на телевизиски сигнал претпоставувам подразбирате антенски засилувач. Напис за еден антенски засилувач (заедно со широкопојасна UHF антена) објавивме во бројот 3/98. Прикажаниот засилувач може да се користи и со други типови на ТВ антени - логаритамски или јаги. Доколку пак под засилувач на ТВ сигнал мислите на видео засилувач тогаш таков засилувач можете да најдете во броевите 6/98 и 12/96. Се разбира, во иднина планираме да објавиме и други проекти и апликации за вакви уреди.
Како ТВ антени денес најчесто се користат јаги или логаритамски антени. Нивното засилување најмногу зависи од бројот на елементите (повеќе елементи - поголемо засилување), но и од многу други фактори. За ТВ и УКБ антените повеќе можете да дознаете од серијата написи што ја објавивме во броевите 4/95, 5/95, 1-2/96 и 3-4/96.
Слободан Таневски
Доколку вашата редакција е во можност би сакал во некој од следните броеви на ЕМИТЕР да објавите проект за изработка на шема за безжично (преку радио врска) поврзување на повеќе компјутери кои се на растојание и до 2-3km. Доколку имате некакви шеми за изработка на погоре наведеното, но не сте во можност да ги објавите во следниот број, би ве замолил да ми ги пратите шемите и потребните податоци за изработка.
Давид Јордановски од Велес
За поврзување на повеќе компјутери во безжична LAN мрежа, на секоја станица Ви е потребен примопредавател и соодветен модем. Сложеноста на овие уреди зависи од барањата кои ги поставувате пред нив. Во секој случај, за да се избегнат грешките при преносот потребно е примопредавателот да има исклучително стабилна фреквенција, што значи осцилаторот во него да е изведен со кристал. Како примопредавател може да се користи и рачна (радио-аматерска) станица, но поради ограничениот фреквентен опсег кај неа, 2,5kHz, не можат да се постигнат задоволителни брзини на битски пренос. Ќе се потрудиме во некој од следните броеви да презентираме неколку добри решенија на оваа тема, а сега заради едноставноста на решението Ви ја нудиме прикажаната шема.
BIM-433-F (433,95MHz) е готов модул кој можете да го набавите по цена од околу 50 фунти од Radiometrix Ltd. (UK), тел. 0181-810-8647, факс: 810-8648. Овој склоп за жал обезбедува домет само до 30m во зграда.
Игор Мазгански
Почитувана редакцијо,
Редовен читател сум на ова единствено списание од овој вид во нашава земја, многу ми се допаѓа, но мислам дека треба да престанете со проекти за НФ засилувачи. Редно би било во некој од следните броеви да објавите шема за поквалитетен приемник, а и еквилајзер кои заедно со некој од засилувачите од предходните броеви би претставувал добар склоп.
И уште еден предлог. Хоби ми е музиката, па би сакал да имам и безжичен микрофон, но за жал такво нешто немам сретнато. Можеби би ми препорачале некој од мини предавателите, но гласот преку нив не е оној вистинскиот.
Синиша од Кичево
Најголемиот број од читателите на ова списание своите први чекори во светот на електрониката сигурно ги направиле со конструкцијата на некој НФ засилувач. НФ засилувачите како и другите степени од НФ ланецот сигурно се најпопуларни меѓу аматерите електроничари. Фактот дека кругот на читатели на списаниево е релативно широк и дека од број во број тој се зголемува со нови читатели што допрва запливуваат во водите на електрониката ја условува потребата од константно постоење на такви текстови. Од друга страна оние понапредните електроничари сигурно ги гледаат НФ засилувачите и од еден друг агол - како специфична електронска конструкција и решение, па така различните решенија на НФ засилувачите (посебно оние дискретните) се извор на различни знаења и идеи кои потоа можат да се аплицираат и при конструкција на други уреди. Што се однесува до конструкција на еквилајзер, истата очекувајте ја во некој од следните броеви.
Со оглед на цената на комерцијалните радио приемници (тјунери) и нивниот квалитет (денес и "најлошите" се сосема добри и со задоволувачки квалитет кој обично е недостижен за домашно изработените), доколку сакате радио приемник најдобро е истиот да го купите.
Безжичните микрофони (мини предавателите, шпиун бубите) сигурно се едни од најпопуларните конструкции меѓу младите електроничари. Повеќето се со едноставна, евтина и сигурна конструкција (неколку полупроводници и пасивни елементи) и обично без проблеми проработуваат "од прва" - за нивна градба не се неопходни големи познавања ниту пак некои специфични и скапи инструменти. Меѓутоа, предавател (безжичен микрофон) со поголема моќност и квалитет (што подразбира стабилна фреквенција, малку хармоници и мали изобличувања) е скоро невозможно да се изработи успешно во аматерски услови бидејќи за тоа се потребни големи теоретски знаења и практични искуства од електрониката (со акцент на ВФ техниката), соодветна литература и специфични мерни инструменти - ова последново е најголем проблем со оглед на нивната цена и недостапност. Поради овие причини до сега не сме објавиле проект за поквалитетен и помоќен предавател, но во иднина планираме да објавиме и таква конструкција. До тогаш Ви го препорачувам написот за мини ФМ предавателите (Е4/95) и ФМ приемникот со TDA7000 (Е5/95). Нивниот квалитет не е голем, но сепак е доволен за аматерска примена, меѓутоа најважно е тоа што со нивна градба ќе стекнете драгоцени знаења и искуства од областа на радио техниката.
Игор Николовски
Почитувана редакцијо,
Често го купувам ЕМИТЕР уште од првиот број и сметам дека поголемиот дел од написите се добро подготвени и интересни. Но, имам и некои забелешки и предлози:
1. Објавениот напис "Тајната на сјајниот диск" од 5/98 во најголем дел е превземен од хрватското списание BUG (Listopad 1995), при што тоа не е наведено. Користењето литература и списанија при подготовка на написите е разбирливо, но сметам дека не треба да се сведе на препишување од збор до збор, вклучувајќи ги и грешките (на пр. intertrack gap од 2s е карактеристика на DA формат на CD-R, но кај оригиналните CD-DA се движи од 0, па до десетина секунди).
2. Најголем дел од читателите се ученици или студенти од електротехничка струка, на кои содржините од "Мерења и мерна опрема во електрониката" и "Почетен курс по практична електроника" им се веќе познати. Во интерес на сите читатели, предлагам објавување и на серии написи со содржини кои не се опфатени во образованието или за кои тешко се доаѓа до литература. При тоа, ако е потребно, може дополнително да се зголеми бројот на страници, со соодветно зголемување и на цената.
3. Мислам дека е покорисно Z32KV да го замени "Радио аматерски информатор" со редовна рубрика за самата радио техника, ЕМ бранови, антени и сл. (за што веќе има пишувано во некои од минатите броеви).
4. Постоењето на "Операциона сала" како рубрика во суштина се сведува на повторување. Еден напис беше сосема доволен за пример.
5. Идејата на З. И. од Битола за подарок - шеми на ТВ приемници од Јапонски производители, може лесно да се реализира и ќе предизвика интерес кај читателите.
6. Им предлагам на дипломците на ЕТФ - читатели на ЕМИТЕР своите дипломски работи накратко да ги претставуваат во посебна рубрика (како во ЕЛФАСКО) со што мислам дека ќе се привлечат нови читатели.
Се надевам дека барем некои од предлозите ќе бидат прифатени со што ќе се зголеми квалитетот на списанието.
Горан Џамбазов, Велес
На почеток сакам да Ви се заблагодарам за писмото. Мислењата на читателите претставуваат приоритет за нас бидејќи ни укажуваат во која насока треба да се движиме за да бидеме подобри и поинтересни. Затоа сугестии, коментари и критики, позитивни и негативни, се секогаш добредојдени. Впрочем, една од основните функции на оваа рубрика е да ги дознаеме желбите и мислењата на читателите. Меѓутоа, верувам ќе се сложите, на дел од нив не е возможно позитивно да одговориме поради повеќе причини од кои ќе набројам само неколку: ограничениот простор во списанието, немањето соодветни технички услови, немањето соработници за одредени области, зацртаната концепција и нашите планови во врска со содржината на списанието, нашите сознанија за интересите на други групи читатели итн. Работиме на тоа и се надевам дека во иднина ќе успееме да исполниме поголем дел од предлозите на нашите читатели. А, сега конкретно за Вашите забелешки и предлози.
1. Една од ретките привилегии на новинарите е своите извори на информации да ги чуваат во тајност. Во текстот "Тајната на сјајниот диск" се изнесени факти кои лесно можат да се проверат, а самиот текст претставува новинарски напис, а не научен труд каде задолжително мора да се наведат изворите кои се користени, и врз основа на кои се дошло до нови сознанија и заклучоци. За овој напис се користени технички податоци од Интернет, неколку странски списанија и книги, а поради својата концизност и реноме на еден од најдобрите европски компјутерски магазини, и од списанието кое Вие го наведувате. Дури ни во таа елитна публикација не се наведени изворите на информации кои се користени во ниеден од текстовите, иако не верувам дека авторите на текстовите се и творци на сè она за што пишуваат, па да изнесуваат информации од "прва рака". Што се однесува до "сјајниот диск", се надевам дека со наша помош тој претставува помала тајна.
2. Нашите сознанија, кои потекнуваат од контакти со читателите, од претходната анкета (лето 1996) и од анкетата што е во тек, укажуваат дека околу половина од читателите не се и не биле ученици во електротехничко училиште. Од друга страна добро ни е познато што и колку се учи во средните електротехнички училишта и на ЕТФ и колкаво внимание се посветува на информации битни за практично работење во електрониката - општо е познато дека во нашиот образовен систем праксата е многу малку застапена. Токму поради тие причини објавувањето на спомнатите серии на написи е повеќе од оправдано за што сведочат и позитивните реакции на голем број читатели. Инаку, како што знаете, во тек е и серија написи под наслов "Курс за микроконтролери", а во план имаме и серии на други теми.
3. Првичните анализи на анкетните листови ни укажуваат дека рубриката "Радио аматерски информатор" вака конципирана побудува интерес само кај мал број на читатели. Поради тоа планираме некои промени токму во насоката што и Вие ја сугерирате, но тоа ќе ја почека есента.
4. Вашите забелешки дека "Постоењето на ОПЕРАЦИОНА САЛА како рубрика во суштина се сведува на повторување" и дека "Еден напис беше сосема доволен за пример" никако не можам да ги прифатам. Рубриката ОПЕРАЦИОНА САЛА во суштина се сведува на мерења на звучници, па навистина е парадоксално зошто не Ве интересира оваа рубрика, со оглед на тоа што во анкетниот лист сте напишале дека особено многу Ве интересираат мерни тестови на Hi-Fi уреди! Во Hi-Fi уреди се вбројуваат и звучниците (барем дел од нив). Не може да стане ни збор за некакво повторување, од проста причина што секогаш се мерат и анализираат различни модели на звучници. Единствено нешто што се повторува во рубриката ОПЕРАЦИОНА САЛА е тоа што редовно се употребува CLIO - професионалниот уред за мерење на звучници, единствен од таков вид во Македонија. Мислам дека никој не би требало да се жали заради тоа, напротив.
Анализите и резултатите од мерењата на звучниците Infinity Reference 1i (ОПЕРАЦИОНА САЛА во ЕМИТЕР 3/98) не знам како би можеле да бидат "сосема доволни за пример" на сопствениците на Videoton DC 2580 (ОПЕРАЦИОНА САЛА во ЕМИТЕР 5/98). Дали тоа значи дека некој би можел да направи модификација (подобрување) на Videoton DC 2580 само врз основа на мерењата на звучникот Infinity?
Верувам дека анализите на употребените техничките решенија, измерените карактеристики и графикони и предлозите за модификации на тестираните звучници им овозможуваат на читателите на рубриката ОПЕРАЦИОНА САЛА да добијат објективна слика за тие модели на звучници, а исто така и да стекнат многу нови сознанија од аудио техниката.
5. Таква идеја носиме уште од првиот број, но до сега не сме ја реализирале поради низа објективни причини, меѓу кои и поради технички проблеми поврзани со обезбедување на квалитетни оригинални шеми, скенирање и печатење на такви големи формати и слично. Како и да е, наскоро и оваа идеја ќе биде реализирана и тоа во склоп на серија написи за поправка на ТВ и видео уреди која планираме да стартува на есен.
6. Веднаш по излегувањето на првиот број истиот предлог го упативме и ние до професорите и асистентите од катедрата за електроника на ЕТФ со молба да ги упатуваат дипломците своите дипломски работи во скратена форма да ги објавуваат во ЕМИТЕР. До сега таква понуда не добивме од ниту еден иден инженер, па ова нека претставува и јавен повик до сите дипломци на ЕТФ, особено од насоките ЕТ и КТИА.
Уште еднаш Ви благодарам за писмото и се надевам дека и во иднина со интерес ќе нè следите и ќе ни давате корисни предлози и забелешки.
Слободан Таневски, Ристо Даскалов и Владимир Филевски
Почитувани господа,
Во весникот "Вечер" од 9-ти и 10-ти мај на стр. 33 објавен е купон за нарачка на минијатурна електронска антена за телевизор и радио. Порано истата антена ја продаваше претпријатието "ELDA" од Хрватска. За неа постоеше реклама во списанието "Majstor" од Загреб, број 12 од 1994 година. Кај нас антената ја продава "Регата Постмаркет", П. Ф. 8, од Скопје, по цена од 990 денари. Ве молам одговорете ми дали ви е позната оваа антена, како ја оценувате и дали ја препорачувате?
Дамче Зафиров од Велес
Рекламата за таа минијатурна антена со големи можности ја забележавме и ние и доста нè заинтригира бидејќи според теоријата и практиката што ни е позната во врска со антените толку добри карактеристики од толку мала антена е невозможно да се добијат. Меѓутоа напредокот на техниката можеби го овозможил и тоа. Затоа би сакале да ги чуеме искуствата на некои од читателите кои ја набавиле оваа антена или, уште подобро, некој читател или фирмата што ја продава да ни ја позајми на неколку дена за да можеме детално да ја тестираме.
Слободан Таневски