Почитувана редакцијо,
Редовен читател сум на ова единствено списание од овој вид во нашава земја, многу ми се допаѓа, но мислам дека треба да престанете со проекти за НФ засилувачи. Редно би било во некој од следните броеви да објавите шема за поквалитетен приемник, а и еквилајзер кои заедно со некој од засилувачите од предходните броеви би претставувал добар склоп.
И уште еден предлог. Хоби ми е музиката, па би сакал да имам и безжичен микрофон, но за жал такво нешто немам сретнато. Можеби би ми препорачале некој од мини предавателите, но гласот преку нив не е оној вистинскиот.
Синиша од Кичево
Најголемиот број од читателите на ова списание своите први чекори во светот на електрониката сигурно ги направиле со конструкцијата на некој НФ засилувач. НФ засилувачите како и другите степени од НФ ланецот сигурно се најпопуларни меѓу аматерите електроничари. Фактот дека кругот на читатели на списаниево е релативно широк и дека од број во број тој се зголемува со нови читатели што допрва запливуваат во водите на електрониката ја условува потребата од константно постоење на такви текстови. Од друга страна оние понапредните електроничари сигурно ги гледаат НФ засилувачите и од еден друг агол - како специфична електронска конструкција и решение, па така различните решенија на НФ засилувачите (посебно оние дискретните) се извор на различни знаења и идеи кои потоа можат да се аплицираат и при конструкција на други уреди. Што се однесува до конструкција на еквилајзер, истата очекувајте ја во некој од следните броеви.
Со оглед на цената на комерцијалните радио приемници (тјунери) и нивниот квалитет (денес и "најлошите" се сосема добри и со задоволувачки квалитет кој обично е недостижен за домашно изработените), доколку сакате радио приемник најдобро е истиот да го купите.
Безжичните микрофони (мини предавателите, шпиун бубите) сигурно се едни од најпопуларните конструкции меѓу младите електроничари. Повеќето се со едноставна, евтина и сигурна конструкција (неколку полупроводници и пасивни елементи) и обично без проблеми проработуваат "од прва" - за нивна градба не се неопходни големи познавања ниту пак некои специфични и скапи инструменти. Меѓутоа, предавател (безжичен микрофон) со поголема моќност и квалитет (што подразбира стабилна фреквенција, малку хармоници и мали изобличувања) е скоро невозможно да се изработи успешно во аматерски услови бидејќи за тоа се потребни големи теоретски знаења и практични искуства од електрониката (со акцент на ВФ техниката), соодветна литература и специфични мерни инструменти - ова последново е најголем проблем со оглед на нивната цена и недостапност. Поради овие причини до сега не сме објавиле проект за поквалитетен и помоќен предавател, но во иднина планираме да објавиме и таква конструкција. До тогаш Ви го препорачувам написот за мини ФМ предавателите (Е4/95) и ФМ приемникот со TDA7000 (Е5/95). Нивниот квалитет не е голем, но сепак е доволен за аматерска примена, меѓутоа најважно е тоа што со нивна градба ќе стекнете драгоцени знаења и искуства од областа на радио техниката.
Игор Николовски