1. Во проектот за 100W транзисторски засилувач од Е11/98 пишува дека за еден канал е потребен трансформатор од 350VA. Ова моќност ми изгледа премногу голема за еден засилувач од 100W па ве молам одговорете ми дали овој податок е точен?
2. Дали транзисторот T3 од 100W засилувач објавен во Е11/98 треба да биде поставен на ладилникот на излезните транзистори како што е вообичаено за ваквите шеми?
Марјан Димевски од Скопје

1. Добро сте забележале дека моќноста на трансформаторот од 350VA за еден засилувач од 100W е претерана иако од многу зијан нема. Шегата на страна, при чукањето на текстот направена е грешка па наместо 2 отчукано е 3 што значи дека моќноста на трансформаторот треба да биде 250VA. Ако и ова ви изгледа премногу еве објаснување како е дојдено до оваа бројка:
Засилувачот работи во AB класа со коефициент на корисно дејство од околу 50%. Грубо кажано 50% одат во звучникот, а 50% се дисипираат од ладилниците на засилувачот. Според законот за запазување на енергија изворот на напојување треба да ги покрие тие "две енергии" односно да дава најмалку 200W моќност на својот излез. Бидејќи имам релативно големо искуство во конструирањето на уреди овде во "македонски услови", често пати ми се случило кога од некои од локалните "винклери" ќе нарачам да ми изработат трансформатор од 200W, практично заради слабиот квалитет на изработката да добијам трансформатор со значително помала моќност. Од тука доѓаат и тие 50W резерва со кои се доаѓа до вредноста од 250W. Засилувачот сосема добро ќе работи и со трансформатор од 150W, но имајте го на ум она што веќе го кажав во текстот "ЗАСИЛУВАЧОТ Е ДОБАР КОЛКУ ШТО Е ДОБАР ИЗВОРОТ НА НАПОЈУВАЊЕ". Затоа ако сакате најдобар квалитет употребете трансформатор од 250W за еден канал на засилувачот.
2. Од T3 зависи преднапонот на излезните транзистор односно мирната струја. Знаејќи дека излезните транзистори се дарлингтон транзистори со напон на поларизација на спојот база емитер поголем од кај класичните биполарни транзистори, преднапонот на базите на излезните транзистори односно напонот меѓу колекторот и емитерот на транзисторот T3 е релативно голем. Доколку истиот се постави на ладилниците кај што се прицврстени излезните транзистори неговата задача би била да обезбеди намалување на преднапонот односно мирната струја на излезните транзистори со зголемување на температурата на ладилниците, со тоа што ќе се намалува напонот меѓу колекторот и емитерот а воедно и преднапонот на излезните транзистори односно мирната струја. Но промената на напонот помеѓу колекторт и емитерот на T3 е незначителна во однос на преднапонот на базите на излезните транзистори. Од друга страна R18 и R19 имаат релативно голема вредност така што истите обезбедуваат сосем доволна стабилизација на мирната струја. Затоа во оваа конструкција тој транзистор (T3) не е потребно да биде прицврстен на ладилникот на излезните транзистори.
Игор Николовски


1. Дали е можно дигиталниот термометар од Е2/98 да се преправи и наместо до 100°C да мери до 500°C.
2. Дали можете да објавите шеми за моно, стерео, high/low и loudness контрола? За loudness контролата слушнав дека е објавена во ЕМИТЕР 3/95, но не можам да стигнам до тој број.
Поздрав,
Ристо Гулев од Гевгелија

1. Како температурен сензор кај дигиталниот термометар од Е2/98 се користи полупроводнички елемент. Тоа значи дека таквиот температуртн сензор покажува линерни карактеристики до 100°C, а над 150°C настанува негово разорување и уништување. За мерење на темпертури поголеми од 100°C најдобро е да се користат термопарови кои можат да се имплементираат на местото од температурниот сензор од Е2/98 но со значителни предимензионирања на вредностите на елементите и со делумна промена на електричното коло. Но за тоа во некој нареден текст.
2. Вакви шеми сме објавиле во повеќе наврати - "Loudness корекција на бојата на тонот" (Е3/95), "Hi-Fi стерео предзасилувач" (Е5-6/96), "Линиски предзасилувач со тонска контрола" (Е9/96), "Напонско контролиран стерео предзасилувач" (Е2/98) и "Електронска комутација и регулација" (Е7-8/98 и Е9/98). Спомнатите броеви можете да ги набавите од редакцијата (видете на стр. 4).
Игор Николовски


Здраво ЕМИТЕР !
Поздрав до редакцијата и до сите теоретичари и практичари - читатели на ЕМИТЕР.
Имам една идеја и неколку прашања, што мислам дека се интересни.
1. Повторно за "појачалата": напишавте дека Bob Carver за засилувачот Sunfire конструирал систем за напојување, кој дава таман толкав напон, колкав им е потребен на излезните транзистори. Имам една идеја. Досега со потенциометар го менувавме нивото на влезниот сигнал, а со тоа и на излезниот. Наместо тоа, дали може излезниот сигнал (излезната моќност) на засилувачот да се регулира со потенциометар кој ќе го менува напонот на напојување на излезните транзистори?
2. Доколку некоја фирма се заинтересира за масовно производство на некој уред кој е објавен во ЕМИТЕР (проект или апликација), која е постапката за тоа – дали се потпишува лиценца или нешто друго?
3. Кога веќе има само еден лист во боја, зошто на него има ¾ реклами, а сосема малку фотографии од уредите и проектите? Некои од нив се и со лош квалитет – на пример во минатиот број има две супер фотографии (контролерот и компресор/лимитерот), но нејасната фотографија на плочата од засилувачот ја руши хармонијата, а позадината "реже". Предлагам на корицата да има повеќе фотографии од уредите, со што ќе се збогати изгледот, а така може да се заинтересира и некој кој прв пат ќе го види ЕМИТЕР.
Поздрави од
Александар Тефов
од Кавадарци

Ви благодариме за поздравите и за Вашите размислувања во врска со дизајнот на ЕМИТЕР.
1. Не може! Промената на напонот на напојувањето не влијае на величината на излезниот сигнал туку само на максималната моќност што може да се добие! Засилувачите кои користат променлив напон на напојување (кој го следи музичкиот сигнал) само го одржуваат коефициентот на искористување блиску до максималната теоретска вредност (независно од големината на сигналот), односно го намалуваат на минимум непотребното греење на излезните транзистори.
2. Сите објавени проекти и апликации можат слободно да се изработуваат но само за лична (некомерцијална) употреба. Било какво комерцијално користење на објавените проекти, апликации и написи (производство и продажба на ППК, китови, модули и готови уреди) подлежи на заштита на авторските и издавачките права, што значи дека за тоа е потребно претходно писмено одобрение од ЕМИТЕР. Околу условите за ваков договор и соработка со ЕМИТЕР заинтересираните фирми можат да се обратат во редакцијата.
3.) Реклами мора да има – објаснување за тоа не е потребно.
Навистина, понекогаш некои од фотографиите на проектите не се најквалитетни, но тоа не е наша грешка – тоа се фотографии кои сме ги добиле од страна на авторите на написите. За тоа дали е подобро на насловната страница да има една или повеќе фотографии стручњаците за дизајн и маркетинг сè уште не се сложиле така што, како и сите списанија, и ние подеднакво ги применуваме и двете варијанти. Некогаш одлуката за тоа зависи и од тоа колку квалитетни фотографии имаме за поглавните написи од тој број. Навистина позадината на претходниот број (како и на некои пред тоа) како што велите "реже", но така не ни изгледаше на мониторот на компјутерот и на пробниот (црно-бел) отпечаток. Како и да е, останува во иднина повеќе да внимаваме на квалитетот на фотографиите и на неутралноста на позадината.
В. Филевски и С. Таневски