Почитувана Редакцијо,
Јас сум ваш редовен читател почнувајќи од јануари 1998 г. и можам да кажам дека списанието ми се допаѓа бидејќи има интересни работи. Имам две прашања:
1. Дали можете да објавите проект за предавател кој може да "фаќа" од 2 до 6km?
2. Кај предзасилувачот за антена објавен во Е9/98, кондензаторот C13 во шемата има една вредност, а во текстот друга - што е точно?
Со почит,
Димче Ѓорески од Охрид

Благодарам што се интересирате за ЕМИТЕР и што позитивно ги оценувате неговите содржини. Еве одговор на Вашите прашања:
1. Предавател кој може да има толкав домет (па и поголем) објавивме уште во бројот 4/95. Меѓутоа дометот не зависи само од моќноста на предавателот туку и од типот на антената, нејзината височина, степенот на прилагоденост помеѓу антената, антенскиот кабел и предавателот, конфигурацијата на теренот и многу други фактори. Планираме во некој од следните броеви да објавиме шема и на предавател со поголема моќност.
2. Точната вредност на кондензаторот C13 од антенскиот предзасилувач од Е9/98 е онаа што е означена на шемата (1 - 2,2pF).
Слободан Таневски


Почитувана Редакцијо,
Во ЕМИТЕР бр. 5/98 објавивте еден многу баран и интересен проект - проектот за авто алармот AA1302. Меѓутоа поради различните типови на брави кај разни автомобили не ни е јасна врската помеѓу изводот број 6 од алармот и изводот "park" од бравата на автомобилот, па ве молиме тоа поопширно да го објасните. Поконкретно нè интересира на кој извод од бравата на Golf 1.1 и Zastava 750 треба да се поврзе изводот број 6 од алармот.
Второто прашање е за времетраењето на активирање на сирената, односно кои елементи од шемата треба да се сменат за тоа време да се намали на приближно 20 секунди бидејќи ни се чини дека добиениот интервал од 35 секунди е предолг.
Исто така, проблем ни прави и релејот кој не се совпаѓа со предвидените места за монтажа на плочката.
Со почит,
Влатко Насев, Игор Ицев и Никола Манев од Скопје.

Во текстот не случајно стои „Прикажаната шема во целост се совпаѓа со постоечката инсталација на едно Jugo 55, но принципиелно одговара и за други типови возила". Врската помеѓу положбата PARK на контакт бравата и изводот бр. 6 е целосно определена со слика 4, но само за наведениот тип на возила. Сепак имате право кога велите дека спомнатата врска треба поопширно да се објасни. Не сметајќи ги потрошувачите кои секогаш можат да се активираат (светлото во кабина е еден таков потрошувач), во положбата STOP ниеден потрошувач не може да се активира. Во положбата PARK можат да се активираат позиционото светло и светлосната сирена (абленда). По правило приклучокот за радио касетофон треба да се извлече од оваа положба на контакт бравата. Во положбата HOD севкупната инсталација е спремна за работа вклучувајќи ја и бобината која доаѓа под напон, а положбата START служи за задвижување на моторот. Значи, изводот бр. 6 можете да го приклучите на прекинувачот за позиционо светло (внимавајте! истиот прекинувач се користи и за средно светло) или на тастерот за аблендирање. Никако не смеете да го приклучите на некој од потрошувачите кои можат да се активираат само тогаш кога и бобината е под напон, односно на положбите HOD и START на контакт бравата.
Конкретен одговор на вашето прво прашање, за жал, не можеме да дадеме бидејќи немаме шема на електричната инсталација за спомнатите автомобили. Само списокот на возила што се движат по нашите патишта би одзел повеќе од една страница, а заедно со објаснувањето кој знае уште колку. Меѓутоа, ако го следите горе даденото појаснување лесно ќе можете и сами да се снајдете. Во таа насока еве уште неколку практични совети. Во инсталационата шема за вашето возило најдате ги сите положби на контакт бравата во кои бобината е под напон. Изводот бр. 6 можете да го приклучите на било која од преостанатите положби (освен се разбира почетната во која скоро целата инсталација е исклучена) или на некој соодветен потрошувач. Ако не сте прв сопственик или имате вршено преправки во инсталацијата пожелно е да извршите и експериментална проверка. Поврзете сијаличка од 12V помеѓу масата и позитивниот пол на бобината ако имате класично палење, односно, помеѓу позитивниот и негативнит пол на напојувањето ако имате електронско палење. Поместувајте го контакт клучот од положба во положба. Положбите во кои сијаличката свети не можете да ги искористите за поврзување на изводот бр. 6 од алармот - него треба да го поврзете со некоја од преостанатите положби (во кои сијаличката не свети).
Под поимот „времетраење за активирање на сирената" веројатно ја подразбирате задршката „време на влегување". Нејзиното времетраење може да се пресмета од изразот:
каде што со UCC е означен напонот на напојување на интегралното коло, а UD е директниот пад на напон на диодата D5. Притоа треба да се има во предвид дека таа е во директна врска со времетраењето во кое сирената и трепкачите се вклучени:
Во дадените изрази не е земена во предвид толеранцијата на елементите на која влијае и температурата. Затоа бидете внимателни при одредувањето на задршката. Температурните разлики лето - зима достигаат и до 50°C.
Временската задршка „време на излегување" зависи од многу фактори. Поточно речено состојбата на излезот на компараторот A1 зависи од многу фактори, а тие истовремено влијаат и на задршката „време на излегување". Поради тоа изразот за одредување на задршката е условен со неколку ограничувања, а за нивно објаснување во оваа рубрика нема доволно простор. Најдобро е оваа задршка да ја оставите таква каква што е. Ако по секоја цена сакате да ја смените обидете се со промена на вредноста на отпорниците R1 и R2, но притоа запазете го односот R1/R2.
Во право сте кога тврдите дека тлоцртот на релејот Re1 на печатената плочка не се совпаѓа со податоците во пописот на потребен материјал. Релеите со контакти за трајна струја од 10A се поинакви, а релето употребено во авто алармот е со контакти за трајна струја од 8A (TRM 30... – Iskra, 609 06... – Končar и други). Притоа имајте на ум дека трепкачите на едно Jugo 55 се со вкупна моќност од 92W, што одговара на струја помала од 8A. Ако вашето возило има појаки трепкачи тогаш ќе треба да додадете едно надворешно автореле, кое ќе се побудува со помош на релето од плочката на алармот.
Георги Ефтимов


Почитувана Редакцијо,
Јас сум ваш редовен читател уште од првиот број и за досегашните броеви немам некои поголеми забелешки. Мислам дека напорите би требало да се насочат кон зголемување на бројот на страниците, додека воведување страници во боја не е неопходно - списанието и вака изгледа одлично...
... Имам идеја за неколку кратки апликации и проекти, па ве молам да ми испратите упатство за техничка подготовка на написи според вашите стандарди...
... Исто така би побарал одговор на едно мое прашање во врска со звучниците Beauty 5.5 (Е11/96). Дали може како материјал за дампирање да се употреби синтетичко влакно malon (на изглед многу личи на памук)? Ако не, каде може да се најде полиестерскиот материјал, кој се спомнува во текстот и како се поставува - залепен за страниците или целата кутија се полни (погусто во долниот дел)?
Поздрави и желби за успешна работа од
Иво Наумовски, Скопје

Благодарам за Вашите предлози и за позитивното мислење за ЕМИТЕР.
Упатството за техничка подготовка на написите ќе го добиете по пошта, а еве го одговорот на Вашето прашање.
Синтетичкото влакно malon не е добар материјал за дампирање на звучници, бидејќи тој не е доволно еластичен, па вибрациите на воздухот во кутијата ќе го спуштат на дното од кутијата. Полиестерот се користи како материјал за полнење на перници (популарно наречени "лио") и за постава на палта. Можете да го најдете кај јорганџиите, во продавниците за перници и сл. Најдобро е еден слој од материјалот за дампирање да се залепи на внатрешните страници, а остатокот од волуменот на кутијата да се пополни како што е објаснето во проектот. Уште една препорака - употребете ја свртницата објавена во Е6/97 во проектот Mini Monitor 5.5.
Владимир Филевски


Почитувана редакцијо!
Уште на самиот почеток големи пофалби за вашето списание, а посебно за конкурсот за најдобар проект на звучна кутија во "самовска" режија. А сега нешто конкретно. Го барам вашето мислење за следнава комбинација, а исто така и потенцијалните карактеристики на готовата кутија:
Бас-звучник: 3D 0175, производство на "RIZ" Загреб,
Високотонец: AZSK 25/8, производство на "Ei" Ниш.
Кутијата ќе биде изработена од мермер со дебелина од 15mm, а како материјал за дампирање ќе се користи чиста волна. Басот ќе биде прицврстен на плочата преку гумен амортизер. По моја пресметка, свртницата би била како на приложениот цртеж. Би ве замолил за Thiele-Small параметрите на бас-звучникот.
На крајот ви посакувам голем успех во работата и да продолжите со уште поголеми резултати.
Поздрав,
Ѓоко Каракашоски
од Прилеп

Ви се заблагодарувам за пофалбите и за убавите желби. Ја поздравувам Вашата иницијатива за градба на звучна кутија од мермер, што сигурно ќе биде визуелна атракција. Уште повеќе, ја поздравувам Вашата намера да ја проектирате звучната кутија врз основа на Thiele-Small параметрите, што е единствениот правилен начин. За жал, досега ги немам мерено тие два звучника, ниту ми се познати Thiele-Small параметрите на бас-звучникот. Ќе мора да се јавите директно во Загреб во "RIZ" и од нив да ги побарате Thiele-Small параметрите, или погледнете во малите огласи во ЕМИТЕР за мерење на параметрите.
Бидејќи не ми се познати карактеристиките на звучниците, не можам ништо поконкретно да кажам за оваа комбинација, но послушајте ги следниве совети. Откако ќе ги дознаете Thiele-Small параметрите, направете ја кутијата и вградете ја Вашата свртница. Пуштете музика (по можност класика или џез) и сите евентуални проблеми (поголеми) веднаш ќе се чујат. За да бидете сосема сигурни, мора да направите некои мерења. Наједноставно и најевтино е ако употребите тест CD, а особено внимание посветете на фреквенциите од 500Hz до 10kHz. Многу корисни се модулираните warble тонови со опсег од 1/3 октава.
Кога ќе бидете задоволни од звукот, донесете ги Вашите звучници во ЕМИТЕР на тестирање. Можеби токму Вашиот звучник ќе ја освои наградата – едногодишна претплата на ЕМИТЕР!
Владимир Филевски