Почитувана Редакцијо,
Во ЕМИТЕР бр. 5/98 објавивте еден многу баран и интересен проект - проектот за авто алармот AA1302. Меѓутоа поради различните типови на брави кај разни автомобили не ни е јасна врската помеѓу изводот број 6 од алармот и изводот "park" од бравата на автомобилот, па ве молиме тоа поопширно да го објасните. Поконкретно нè интересира на кој извод од бравата на Golf 1.1 и Zastava 750 треба да се поврзе изводот број 6 од алармот.
Второто прашање е за времетраењето на активирање на сирената, односно кои елементи од шемата треба да се сменат за тоа време да се намали на приближно 20 секунди бидејќи ни се чини дека добиениот интервал од 35 секунди е предолг.
Исто така, проблем ни прави и релејот кој не се совпаѓа со предвидените места за монтажа на плочката.
Со почит,
Влатко Насев, Игор Ицев и Никола Манев од Скопје.
Во текстот не случајно стои „Прикажаната шема во целост се совпаѓа со постоечката инсталација на едно Jugo 55, но принципиелно одговара и за други типови возила". Врската помеѓу положбата PARK на контакт бравата и изводот бр. 6 е целосно определена со слика 4, но само за наведениот тип на возила. Сепак имате право кога велите дека спомнатата врска треба поопширно да се објасни. Не сметајќи ги потрошувачите кои секогаш можат да се активираат (светлото во кабина е еден таков потрошувач), во положбата STOP ниеден потрошувач не може да се активира. Во положбата PARK можат да се активираат позиционото светло и светлосната сирена (абленда). По правило приклучокот за радио касетофон треба да се извлече од оваа положба на контакт бравата. Во положбата HOD севкупната инсталација е спремна за работа вклучувајќи ја и бобината која доаѓа под напон, а положбата START служи за задвижување на моторот. Значи, изводот бр. 6 можете да го приклучите на прекинувачот за позиционо светло (внимавајте! истиот прекинувач се користи и за средно светло) или на тастерот за аблендирање. Никако не смеете да го приклучите на некој од потрошувачите кои можат да се активираат само тогаш кога и бобината е под напон, односно на положбите HOD и START на контакт бравата.
Конкретен одговор на вашето прво прашање, за жал, не можеме да дадеме бидејќи немаме шема на електричната инсталација за спомнатите автомобили. Само списокот на возила што се движат по нашите патишта би одзел повеќе од една страница, а заедно со објаснувањето кој знае уште колку. Меѓутоа, ако го следите горе даденото појаснување лесно ќе можете и сами да се снајдете. Во таа насока еве уште неколку практични совети. Во инсталационата шема за вашето возило најдате ги сите положби на контакт бравата во кои бобината е под напон. Изводот бр. 6 можете да го приклучите на било која од преостанатите положби (освен се разбира почетната во која скоро целата инсталација е исклучена) или на некој соодветен потрошувач. Ако не сте прв сопственик или имате вршено преправки во инсталацијата пожелно е да извршите и експериментална проверка. Поврзете сијаличка од 12V помеѓу масата и позитивниот пол на бобината ако имате класично палење, односно, помеѓу позитивниот и негативнит пол на напојувањето ако имате електронско палење. Поместувајте го контакт клучот од положба во положба. Положбите во кои сијаличката свети не можете да ги искористите за поврзување на изводот бр. 6 од алармот - него треба да го поврзете со некоја од преостанатите положби (во кои сијаличката не свети).
Под поимот „времетраење за активирање на сирената" веројатно ја подразбирате задршката „време на влегување". Нејзиното времетраење може да се пресмета од изразот:
каде што со UCC е означен напонот на напојување на интегралното коло, а UD е директниот пад на напон на диодата D5. Притоа треба да се има во предвид дека таа е во директна врска со времетраењето во кое сирената и трепкачите се вклучени:
Во дадените изрази не е земена во предвид толеранцијата на елементите на која влијае и температурата. Затоа бидете внимателни при одредувањето на задршката. Температурните разлики лето - зима достигаат и до 50°C.
Временската задршка „време на излегување" зависи од многу фактори. Поточно речено состојбата на излезот на компараторот A1 зависи од многу фактори, а тие истовремено влијаат и на задршката „време на излегување". Поради тоа изразот за одредување на задршката е условен со неколку ограничувања, а за нивно објаснување во оваа рубрика нема доволно простор. Најдобро е оваа задршка да ја оставите таква каква што е. Ако по секоја цена сакате да ја смените обидете се со промена на вредноста на отпорниците R1 и R2, но притоа запазете го односот R1/R2.
Во право сте кога тврдите дека тлоцртот на релејот Re1 на печатената плочка не се совпаѓа со податоците во пописот на потребен материјал. Релеите со контакти за трајна струја од 10A се поинакви, а релето употребено во авто алармот е со контакти за трајна струја од 8A (TRM 30... – Iskra, 609 06... – Končar и други). Притоа имајте на ум дека трепкачите на едно Jugo 55 се со вкупна моќност од 92W, што одговара на струја помала од 8A. Ако вашето возило има појаки трепкачи тогаш ќе треба да додадете едно надворешно автореле, кое ќе се побудува со помош на релето од плочката на алармот.
Георги Ефтимов