Здраво,
Ве поздравувам и имам неколку прашања и сугестии во врска со мојот проект.
Планирав да направам 2+1 домашен Hi-Fi систем со Aquarium сабвуферот (од Емитер 9/02), 2 Midi TL (Емитер 7-8/06), филтер-засилувачот од 100W (Емитер 9/03) и 2 DMOS засилувачи од 80W (Емитер 7-8/02).
Пред сè, сакам да ве "искарам" поради тоа што веќе долго време не сте објавиле проект за звучници. Наведените звучници не ги избрав од некој голем избор и проблемот е што во нив се користат "застарени" драјвери. Не се застарени во вистинска смисла на зборот, туку во смисла дека веќе не се продаваат, со што самиот проект е невозможен. Затоа би сакал да објавите некој нов проект за woofer или за TL звучник во следните броеви.
Исто така, знам дека практичниот курс за електроника што излегуваше во стариот Емитер се користеше како скрипта по скопските средни училишта. Зашто не направите брошура од него? Ако читателите не го купуваат, учениците барем ќе го купуваат. Истото тоа би го сакал и за сите тие познати написи за компресиони и бас-рефлекс кутии кои секој пат кога ќе се спомне самоградба веднаш се посочуваат. Проблемот со тие написи е што никој не може да ги најде. Јас лично не познавам човек кој ги има тие написи и воопшто тој број од Емитер (а невозмозно е да се купи, зашто се потрошени количините). Затоа, следниот пат кога ќе речете "погледнете го написот од тој и тој број", направете го достапен истиот напис. Преиздадете го во новите броеви, објавете го на интернет, направете го ДОСТАПЕН!
Поздрав и продолжете со добрата работа.
Иван од Скопје

Во подготовка е проект за високоефикасни звучници, а потоа ќе има и за сабвуфер. Басовите и високотонците во овие проекти ќе бидат "нови", па ќе можат да се купат во секое време. Понатаму, во подготовка е брошура за звучници, со објаснувања за Thiele-Small параметри, компресиона и бас-рефлекс кутија, трансмисиона линија, свртници, и сè друго што е потребно за самостојна изработка на звучни кутии. Исто така, во план е и книга "Електроника за почетници", но дали и кога таа би се реализирала сега не би можел да ветам.
Инаку, во врска со старите написи во ЕМИТЕР за компресиони и бас-рефлекс кутии, не сте во право кога тврдите дека "проблемот со тие написи е што никој не може да ги најде" и "тој број на ЕМИТЕР е невозможно да се купи". Во секое време можете да ги најдете и купите од нашата редакција, ако ги нарачате соодветните броеви на ЕМИТЕР - од повеќето броеви имаме оригинали, а ако оригиналите од некој број се потрошени ќе добиете комплетна фотокопија (повеќе на https://emiter.com.mk/prethodni.php). Така, секој број од ЕМИТЕР е достапен за секого.
ЕМИТЕР опстојува меѓу другото и од продажбата на списанието, па затоа немаме намера на интернет да ги објавиме старите броеви на ЕМИТЕР.
Владимир Филевски


Здраво,
Го изработив интелигентниот прекинувач за сабвуфер од Емитер 6/2006. Имам еден голем проблем. Сè е залемено каде што треба и како што треба, нема ладни лемови или кратки споеви но, сепак, кога ќе се вклучи напојување прекинувачот (односно релејот) се вклучува и не може да се исклучи. Што би можело да биде проблем?
Никола Николовски
преку имејл

По вклучувањето на колото, прво што треба да направите е да го проверите напонот за напојување на пинот 14 од IC1 кој треба да биде околу 12V. Потоа, во отсуство на влезен сигнал, проверете го напонот на пинот 8 од IC1. Овој напон треба да биде приближно 0V, што одговара на логичка нула. Ако напонот е приближно 0V, тогаш проверете ја исправноста на транзисторот T2 и прекинувачот C1 и по потреба заменете ги со нови (исправни). Во спротивно, доколку на пинот 8 има логичка единица, односно напонот е поголем од 8V, ќе треба да го проверете и напонот на пинот 6 од IC1. Како што е кажано во текстот, во отсуство на влезен сигнал на пинот 6 треба да има логичка единица. Доколку напонот на овој пин е помал од 8V, тоа значи дека дека нешто не е во ред со контролната логика па затоа проверете ја положбата на сите елементи на плочката, како и нивната вистинска вредност односно ознака. Ако тоа е во ред, проконтролирајте ја исправноста на T2 и како крајна опција направете замена на IC1 со ново.
Само како потсетување, да кажам дека IC1 се изработува во CMOS технологија која е осетлива на статички електрицитет, па затоа, пред да ја извршите неговата замена неопходно е да го одведете статичкиот електрицитет од вашето тело (со допирање на водоводна цевка). Исто така, важно е да се напомене дека IC1 треба да ја носи ознаката "4069UB", односно излезите од инверторите треба да бидат без вообичаените бафери кои се вградуваат во повекето логички кола.
На крајот, не заборавајте да ги прочитате и дополнителните упатства и корисни информации во текстот под наслов "Информации и упатства за електроничарите" кој се објавува во секој број на Емитер.
Дејан Трпески


Поздрав до редакцијата на Емитер!
Долгогодишен читател сум на Емитер и сакам да кажам дека глобално земено сум задоволен од списанието, а исто така и од неговата цена. Има одредени теми кои повеќе ме интересираат, некои, се разбира, помалку. Во помладите години имам изработено повеќе проекти од областа на електрониката и аудиотехниката. Некои поуспешно, некои на граница на успешноста!?
Го имам изработено проектот "Hi-Fi звучник Транс 6.5" добар проект за мали пари, па сакам во врска со него да поставам едно прашање: за да ја зголемам ефикасноста сакам да додадам уште еден бас среднотонски звучник. На кое растојание да го поставам на истата звучна кутија и која измена да ја направам на свртницата?
И второ прашање: Дали има шанси во Емитер да објавите еден комплетен проект на квалитетен засилувач заедно со проект за професионални зучници со бас од 25cm. Имам уште прашања, но ќе ги оставам за друго време.
Поздрав и продолжете само така,
Славко Стојковски од Куманово

Големината на звучната кутија е проектирана за еден бас звучник, па според тоа во таа кутија не може така едноставно да се стават два баса. За два баса треба потполно нова, поголема звучна кутија, со приближно двојно поголем волумен! Свртницата, исто така, треба комплетно да се преработи, но и тоа нема ништо да помогне ако остане истиот високотонец како во проектот. Имено, токму високотонецот е тој што нема доволно голема ефикасност, па тогаш би требало да се додаде уште еден високотонец, покрај вториот бас звучник. Сето тоа претставува потполно нов проект, така што не може да стане збор за некакви измени на стариот проект.
Досега во ЕМИТЕР се објавувани повеќе проекти за квалитетни засилувачи - пребарајте ги старите броеви, сигурно ќе најдете нешто според вашите потреби. Но, ова не значи дека нема веќе да објавуваме проекти за засилувачи - следете нè и понатаму!
Од поодамна имам желба да направам некој проект за професионални звучници, но никако да ми се створи доволно слободно време за тоа. Во секој случај, таков проект сигурно ќе има, само што не можам да ветам кога ќе биде тоа.
Поздрав,
Владимир Филевски


Здраво Емитер. Неодамна си купив нов мобилен, но сакам да го сочувам стариот за некоја вонредна ситуација (ако го изгубам или ми се расипе новиот). Бидејќи стариот телефон нема да го користам долго време, прашањето ми е како да го чувам? Дали батеријата да стои во телефонот или да ја извадам и дали да стои празна или полна? На основа на текстот за батериите кај фотоапаратите (од јануарскиот број на Емитер) претпоставувам дека батеријата треба да ја чувам полна, но познато ми е дека и кога батеријата стои невклучена таа се празни. Значи, после некое време таа ќе си испразни до крај и ќе се оштети. Истиов проблем го имам и со LiIon батеријата на MP3 плеерот кој во зима не го користам. Јас сега внимавам да го дополнувам еднаш на 2-3 недели, но дали тоа е правилно и што ако заборавам да ги дополнам подолго време? Значи, како да постапувам со батериите кои подолго време нема да ги користам?
Поздрав,
Ангел Костовски

Батериите кои нема да ги употребувате подолго време, најдобро е да се чуват наполнети и извадени од уредот. Да се чуваат на суво место со константна температура од 18 до 20 Целзиусови степени (во остава на пример). Најдобро е да се затворат "херметички" во кеса за замрзнувач, откако претходно добро сме ги исчистиле контактите на батеријата. Нечистите (загадените) контакти се основниот причинител за "самопразнењето" на батериите. Замислете дека имаме струја на "истекување" од само дел од микроампер - тоа за година или две ќе ја испразни батеријата!
Емилијан Иљоски


Здраво.
Дали имате објавено или можете да ми испратите некоја шема за мек старт на трифазен асинхрон мотор заедно со вредностите на елементите и објаснување на принципот на работа на електричното коло?
Поздрав и однапред ви благодарам,
Драганчо Стоиловски

Во ЕМИТЕР 10 и 11/2008 е објавен проект за самоградба на коло за мек старт на монофазни AC мотори. Ова коло не може да обезбеди мек старт за трифазен мотор. Големите трифазни мотори се упуштаат меко преку трифазни пригушници, мотани на затворено јадро со три столба на кое има намотки низ кои се пушта DC струја. Во моментот на пуштање на моторот низ DC намотките не се пушта струја. Секоја пригушница внесува сериска индуктивност на секоја намотка на моторот. Така AC струјата низ моторот не е толку голема на стартот. Од овој момент се зголемува DC струјата низ DC намотките па така јадрата се носат во заситување со што нивната индуктивност се намалува (стануваат обични калеми со воздушно јадро) и не внесуваат сериска индуктивност на намотките на мотоорот.
Кирил Крстевски


Почитувана редакцијо Емитер.
Одамна го следам вашето списание и имам изработено многу проекти. Но, сега имам проблем со 500W засилувач од ЕМИТЕР бр. 3/98. Проблемот е во тоа што засилувачот без излезни транзистори на излез има 3 - 5 mV еднонасочен напон што е во ред, но кога ќе ги поврзам излезните транзистори веднаш повлекува струја и на излез има 3 - 4 V еднонасочен напон и транзисторите загреваат. А ако ги извадам излезните транзистори засилувачот повторно е во ред – на излезот има 3 - 5 mV.
Како излезни транзистори користам два од типот 2SC5200. Краткоспојникот N и отпорникот R20 е со куса врска онака како што треба, ако се изведува со квазикомплементарни транзистори (NPN).
Однапред ви благодарам,
Мики Пеливан

Прво што треба да направите е да ја проверите исправноста на излезните транзистори (со унимер) и нивното поврзување со плочката. Ова особено важи за транзисторот T13 (и T14 ако постои). Емитерот на овој транзистор (T13) со плочката се поврзува преку отпорник од 0,22 оми во точката "CE". Овој отпорник се монтира директно на транзисторот и за него не е предвидено место на плочката. Бидејќи засилувачот работи со квазикомплементарен пар на излезни транзистори, на плочката треба да се монтира кусоспојникот "N" (кусоспојникот "P" треба да биде слободен), а отпорникот R20 да се замени со кусоспојник.
Ако е ова во ред, проверете ги вредностите на сите елементи на плочката (особено на отпорниците), нивната поставеност и квалитетот на сите електрични споеви (на самата плочка и на оние со надворешните елементи). Проверете ја состојбата на електричните врски на плочката, а особено на најкритичните со најмала дебелина. Интегрираното коло IC1 заменете го со ново. Приклучете го засилувачот на напојување БЕЗ ИЗЛЕЗНИТЕ ТРАНЗИСТОРИ и проверете дали сите транзистори (освен T7 и T8) се во активен режим на работа. Тоа ќе го направите со мерење на напонот B-E (база-емитер) за NPN транзисторите, односно E-B за PNP транзисторите. И за двата типа на транзистори тој треба да биде околу 0,65V. Ако е и ова во ред, можете да ги поврзете излезните транзистори и комплетниот засилувач да го пуштите во работа.
Дејан Трпески

Благодарам на советите, го направив засилувачот после долго мачење :). Имено, проблемот бил во тоа што во текстот не е баш јасно објаснето дека за квазикомплементарни транзистори треба да си ги сменат местата колекторот и емитерот. Ама сега ќе си знам.
Имам друго прашање во врска со засилувачот, т.е за да биде со излезна моќност од 500W треба 8 транзистори, на местото на T11 се поврзуваат директно, само на Емитерот се ставаат отпорници од 0,22 оми, а додека за T13 треба и на емитер и на колектор да се ставаат отпорници од 0,22 оми или само на емитерите за секој транзистор посебно, а за колекторите еден за сите?
Мики Пеливан

Навистина, поврзувањето на квазикомплементарните транзистори не е објаснето во текстот, но затоа тоа е јасно нацртано на електричната шема. Вака е постапено, затоа што станува збор за проект наменет за напредните електроничари на кои би требало да им е доволно она што е на шемата. Но, со оглед на тоа што за голем дел од градителите некои работи во врска со овој засилувач сè уште не се јасни, еве објаснување за поврзување на дополнителните транзистори.
Емитерот на секој излезен транзистор во колото е поврзан преку посебен отпорник од 0,22оми независно од нивниот број (2, 4 или 8). Тоа значи дека за верзијата со 8 квазикомплементарни излезни транзистори ќе ви бидат потребни вкупно 10 отпорници од 0,22 оми. Осум од нив ќе бидат емитерски отпорници (R26, R28 и уште 6 кои не се нацртани во шемата), плус R27 и R29. Начинот на поврзување на дополнителните транзистори (на тие што ги нема во шемата) во колото ќе го објаснам малку подетално.
1. Колекторите на дополнителните транзистори кои се врзуваат паралелно на T11 и T12 се приклучуваат во точката "C" (на +Us), а нивните бази во точката "B" (истата точка во која се поврзани базите на T11 и T12). Емитерите на овие транзистори преку ПОСЕБНИ отпорници од 0,22 оми се поврзуваат со точката "S". Овие отпорници се монтираат директно на транзисторите, бидејќи за нив не е предвидено место на плочката.
2. Колекторите на дополнителните транзистори кои се врзуваат паралелно со T13 и T14 се приклучуваат ДИРЕКТНО на точката "S" (излезот од засилувачот), а нивните бази со точката "B" (истата точка во која се поврзани базите на T13 и T14). Емитерите на овие транзистори преку ПОСЕБНИ отпорници од 0,22 оми се поврзуваат со точката "CE" (со –Us). Исто како и во претходниот случај, овие отпорници се лемат директно на излезните транзистори.
Тоа би било сè околу поврзувањето на дополнителните транзистори. Да нагласам уште дека доколку се одлучите за верзијата со 8 излезни транзистори не заборавајте да го замените отпорникот R15. За оваа верзија неговата вредност треба да биде 47оми. Поради зголемената моќност на дисипација, транзисторите T4, T6, T9 и T10 треба да се монтираат на мали ладилници.
Дејан Трпески