Здраво,
Имам рисивер SA-TX 30 Technics. Ладењето му се вклучува кога јачината на засилениот сигнал достигнува одредена вредност. Сè додека не се вклучи ладењето, постојано се загрева цело куќиште, а ладењето му е минимално. Во врска со автоматска контрола на PC вентилатор (број 4/2003) ме интересира:
- Зошто ладењето не е вклучено цело време додека работи рисиверот? Дали елементите се способни да го издржат загревањето до одреден степен или друго е во прашање? Дали тоа (неговото коло за ладење) ќе има некаква врска со колото за ладење што сакам јас да го изградам (пр.: неправилности во вклучувањето на сопственото коло за ладење на рисиверот?
- Дали може напонот од 7,2 V кој важи за температура од 250 да се зголеми ако се зголеми и R2, според формулата која е напишана (гледано при иста температура)?
- Може да се користат два вентилатора поврзани паралелно, нели?
- Какви се шансите за резонанца и нејзино решавање ако се искористат два вентилатора? На пр.: може да се реши ако на еден од вентилатор му се поврзе сериски еден отпорник, па така едниот вентилатор да врти побавно од другиот. Но тогаш различната брзина дали ќе доведе до нерамномерно ладење?
- Мора да се користат вентилатори за PC?
- Дали вентилаторите може да се наместат однадвор на куќиштето (врз него)?
- Ако може двата да се наместат врз него, дали може да дуваат двата кон внатрешноста на рисиверот или надворешноста или пак еден кон внатрешноста, а другиот на надвор? Кое решение е подобро?
- Дали NTC треба да го допира куќиштето или доволно е да биде на мало растојание од истото?
- Планирам да искористам вентилатори за кои пишувавте во еден од претходните броеви, не се сеќавам кој (Напишано беше:"ладење во боја"). Може, нели?
Ви благодарам однапред,
Зоран Јанкулоски, преку e-mail

Некои електронски уреди најдобро работат кога ќе ја постигнат својата оптимална работна температура (моќни FM предаватели, базни радиостаници, трансивери и слично), но во секој случај преголемото загревање е штетно за секој електронски уред (драстично се намалува животниот век на електронските компоненти).
Во вашиот случај најверојатно станува збор за неисправност на системот за ладење. Причината може да биде неисправен температурен сензор (сензорот ги нема потребните карактеристики), неисправна калибрација, или пак неправилно монтирање на температурниот сензор. Понекогаш грешката што ја прави системот за ладење (поради некоја од претходно наведените причини) може да изнесува и повеќе од 20°C.
Ладењето кај современите електронски уреди се вклучува автоматски кога температуратурата на уредот ќе ја надмине однапред дефинираната температура (овој принцип се применува и кај автомобилите од понов датум), но кај вас системот на ладење не функционира исправно.
Напонот може де се зголеми со промена на отпорникот R2 или со промена на NTC отпорникот. Наместо NTC отпорникот можете да употребите променлив отпорник (потенциометар поврзан како реостат) со што, наместо автоматска, ќе добиете мануелна контрола на брзината на вртење на вентилаторите. Поврзувањето на два вентилатори паралелно не е најдобра идеја. Подобро би било за секој вентилатор да употребите засебен уред за контрола на брзината. Можете да употребите какви било вентилатори со работен напон до 24V (се разбира доколку можете да го обезбедите потребниот напон од рисиверот и извршите промена на вредноста на отпорникот R2 според формулата). Но, ви ги препорачувам вентилаторите за PC поради нивната бесшумна работа и малата потрошувачка. Вентилаторите можете да ги монтирате однадвор така што и двата ќе дуваат навнатре, но на кутијата мора да има отвори низ кои ќе излегува воздухот (мора да се обезбеди добра циркулација на воздухот во внатрешноста на кутијата). Доколку елементите кои загреваат како ладилно тело го користат куќиштето (што е најчест случај) NTC отпорникот треба да биде допрен до куќиштето (помеѓу NTC отпорникот и куќиштето ставете термопроводлива паста за подобар термички контакт). Ако употребите вентилатори со вградени светлечки диоди, рисиверот ќе изгледа многу поинтересно и поубаво.
Денис Галовски


Почитувана редакцијо,
Заедно со нарачката на плочката и PIC-от за домашниот буба-аларм, имам и неколку прашања:
1. Дали за Домашниот буба-аларм можам да користам кристал од 10,245MHz затоа што од 10MHz не можам да најдам?
2. Дали после програмирањето на бројот тој ќе се избрише од меморијата ако се прекине напојувањето?
3. Колкава моќност и за која импеданса треба да биде засилувачот за звучникот Транс 6.5 од летниот двоброј, и ако може малку подетално да објасните како се врши дампирањето на кутијата?
Перица Јакимов од Св. Николе

Еве кратки одговори на Вашите прашања:
1) Што се однесува до кристалот што се употребува, тој МОРА да биде со фреквенција од 10MHz. Секоја друга вредност на кристалот ќе ја наруши работата на уредот. Преку фреквенцијата на кристалот се одредени сите операции што ги извршува PIC-от. Кристал од 10MHz во Скопје има во сите продавници за електронска опрема и делови.
2) Телефонскиот број што ќе се програмира во уредот останува запаметен сè додека не се избрише или промени од страна на корисникот. Тоа значи дека и по снемување на напонот за напојување (па дури и по 100 години), програмираниот телефонски број останува запаметен.
3) Звучникот Транс 8 има номинална импеданса од 8 ома, така што на него може да се приклучи каков било засилувач. Како што имам напишано многу пати, моќноста на звучникот е најмалку важната карактеристика, бидеќи високотонците најлесно прегоруваат со слаби засилувачи. Постапката за дампирање на кутијата Транс 6.5 беше доволно детално објаснета во текстот, но за да биде појасна додадов уште една реченица во текстот за проектот Транс 8 во овој број на ЕМИТЕР. Ве упатувам детално да ги прочитате и двата текста.
Добре Блажевски-Доц и Владимир Филевски


Почитуван г-не Филевски!
Голем и топол поздрав до Вас и Вашата екипа. Имам проблеми со мојот звучник Infinity Ref. 1i – децата ваделе кондензатори, ставале други, смениле сè... (Кога со деца садиш краставици, криви никнуваат). Резултат на сево ова е матен, спор звук без високи тонови (едниот високотонец е оштетен). Се случува и засилувачот да исклучува на положба не поголема од "10 часот" на потенциометарот Volume. Со ом-метарот измерив 3,5 ома. Во проспектот на Infinity пишува дека номиналната импеданса им е 6 ома, а осетливоста 89dB/2.83V/1m. Не ми е јасно! Дали може да се најдат некои високотонци (поевтини) кои би се вклопиле со овој бас-звучник? Дали високотонец со SPL од 86 dB на 8ома во комбинација со бас-звучник со 89 dB на 4 ома има исто SPL?
Срдечен поздрав од
Иван Јовановски од Куманово

Ви благодараме за поздравите. Замената на оштетениот оригинален високотонец со поевтин сигурно ќе го расипе звукот, дури и ако се проектира нова, оптимизирана свртница. Затоа, Ви препорачувам да ги однесете Вашите звучници (и двата!) во Скопје, во продавницата "Аудио центар" (Градски Трговски Центар, прв кат). Продавницата "Аудио центар – БОЛИН" (т.е. фирмата КОДИ) е овластен дистрибутер за "Infinity" и во нивниот сервис вршат замена на оштетените делови од звучниците со оригинални делови од "Infinity". Освен високотонецот (цена: 15 евра), ќе Ви извршат замена и на преправените (расипаните) свртници со оригинални "Infinity". Претходно договорете се со нив – телефонот на "Аудио центар" е 02-3114-831.
Променетите вредности на елементите од свртницата предизвикале опасно намалување на импедансата на целиот звучнички систем, и тоа е причината зошто Вашиот засилувач исклучува дури и при мали јачина. Вредностите на елементите мора да се вратат на оригиналните величини.
Номиналната импеданса од 6 ома претставува средна вредност на импдансата на звучникот, сметана во подрачјето на средните фреквенции (од 300 до 5000 Hz). Отпорноста што се мери со ом-метар се мери на фреквенција од 0 Hz (а таму нема никави музички тонови!), односно таа е еднонасочна отпорност, со која засилувачот никогаш не е оптоварен. Еднонасочната отпорност што сте ја измериле (3,5 ома) е вообичаена вредност за звучник со номинална импеданса од 6 ома, така што најверојатно бас-звучникот е исправен.
Ако треба да додадете високотонец на еден бас звучник со осетливост од 89dB/2.83V/1m, тогаш осетливоста на високотонецот мора да биде исто така 89dB/2.83V/1m, независно од нивните импеданси. Кога се споредуваат осетливости (а така секогаш се прави при конструирање на звучници), импедансите на бас-звучникот и на високотонецот не се важни! Сосема друга ситуација е ако се споредува ефикасноста на звучниците. Ако имаме различни импеданси на звучниците, а се дадени нивните ефикасности, тогаш бас-звучник со импеданса од 4 ома и ефикасност од 83dB/1W/1m треба да се спари со високотонец со импеданса од 8 ома и ефикасност од 86dB/1W/1m, бидејќи и двата имаат иста осетливост од 86dB/2.83V/1m. Сигнал од 2,83 V на отпорност од 8 ома дава точно 1 W.
Владимир Филевски