Почитуван г-не Филевски!
Голем и топол поздрав до Вас и Вашата екипа. Имам проблеми со мојот звучник Infinity Ref. 1i – децата ваделе кондензатори, ставале други, смениле сè... (Кога со деца садиш краставици, криви никнуваат). Резултат на сево ова е матен, спор звук без високи тонови (едниот високотонец е оштетен). Се случува и засилувачот да исклучува на положба не поголема од "10 часот" на потенциометарот Volume. Со ом-метарот измерив 3,5 ома. Во проспектот на Infinity пишува дека номиналната импеданса им е 6 ома, а осетливоста 89dB/2.83V/1m. Не ми е јасно! Дали може да се најдат некои високотонци (поевтини) кои би се вклопиле со овој бас-звучник? Дали високотонец со SPL од 86 dB на 8ома во комбинација со бас-звучник со 89 dB на 4 ома има исто SPL?
Срдечен поздрав од
Иван Јовановски од Куманово
Ви благодараме за поздравите. Замената на оштетениот оригинален високотонец со поевтин сигурно ќе го расипе звукот, дури и ако се проектира нова, оптимизирана свртница. Затоа, Ви препорачувам да ги однесете Вашите звучници (и двата!) во Скопје, во продавницата "Аудио центар" (Градски Трговски Центар, прв кат). Продавницата "Аудио центар – БОЛИН" (т.е. фирмата КОДИ) е овластен дистрибутер за "Infinity" и во нивниот сервис вршат замена на оштетените делови од звучниците со оригинални делови од "Infinity". Освен високотонецот (цена: 15 евра), ќе Ви извршат замена и на преправените (расипаните) свртници со оригинални "Infinity". Претходно договорете се со нив – телефонот на "Аудио центар" е 02-3114-831.
Променетите вредности на елементите од свртницата предизвикале опасно намалување на импедансата на целиот звучнички систем, и тоа е причината зошто Вашиот засилувач исклучува дури и при мали јачина. Вредностите на елементите мора да се вратат на оригиналните величини.
Номиналната импеданса од 6 ома претставува средна вредност на импдансата на звучникот, сметана во подрачјето на средните фреквенции (од 300 до 5000 Hz). Отпорноста што се мери со ом-метар се мери на фреквенција од 0 Hz (а таму нема никави музички тонови!), односно таа е еднонасочна отпорност, со која засилувачот никогаш не е оптоварен. Еднонасочната отпорност што сте ја измериле (3,5 ома) е вообичаена вредност за звучник со номинална импеданса од 6 ома, така што најверојатно бас-звучникот е исправен.
Ако треба да додадете високотонец на еден бас звучник со осетливост од 89dB/2.83V/1m, тогаш осетливоста на високотонецот мора да биде исто така 89dB/2.83V/1m, независно од нивните импеданси. Кога се споредуваат осетливости (а така секогаш се прави при конструирање на звучници), импедансите на бас-звучникот и на високотонецот не се важни! Сосема друга ситуација е ако се споредува ефикасноста на звучниците. Ако имаме различни импеданси на звучниците, а се дадени нивните ефикасности, тогаш бас-звучник со импеданса од 4 ома и ефикасност од 83dB/1W/1m треба да се спари со високотонец со импеданса од 8 ома и ефикасност од 86dB/1W/1m, бидејќи и двата имаат иста осетливост од 86dB/2.83V/1m. Сигнал од 2,83 V на отпорност од 8 ома дава точно 1 W.
Владимир Филевски