Почитуван уреднику и соработници на ЕМИТЕР!
Ве поздравувам сите и сакам да кажам само едно нешто. ЕМИТЕР почна како списание кое се занимава со електроника и сите придружни области, потоа почна да се занимава и со други области, со што лично јас сметам дека направи чекор напред, но поради новите статии се намали бројот на старите статии од областа на електротехниката. Затоа ако сакате вашето списание да биде најчитано во Македонија искрено Ве советувам да го направите од видот на поранешниот југословенски САМ, во кој покрај теоретските излагања имаше и практични примери од областа на науката, но, што е уште поважно, од областа на домаќинството и куќните апарати. Јас искрено сметам дека во Македонија, па ни во екс-ју просторите не постои таква литература, а постои голем интерес за неа.
Со почит,
Атанас Миланов

Ви благодарам на пофалбите и предлозите. Како што објавив уште во уводникот во јануарскиот број од 2002 г. (првиот со новата концепција), планираниот концепт на ЕМИТЕР опфаќа теоретски написи, информации, прикази, практични совети и проекти за самоградба од разни области на науката и техниката, со посебен акцент на модерните технологии. Со други зборови кажано, ЕМИТЕР е замислено да биде списание кое во себе ќе го обединува концептите на едно списание за самоградители и "домашни мајстори" (како хрватскиот САМ), списание за популаризација на науката (како бившојугословенската ГАЛАКСИЈА) и списание за електроника и информатика (како европскиот ELEKTOR или британскиот Everyday Practical electronics).
Се сложувам дека во ЕМИТЕР недостасуваат темите кои беа типични за САМ, но оваа состојба е резултат главно на две причини:
1. Не постои никаков одѕив за соработка од страна на фирмите кои се занимаваат со трговија и одржување на куќни апарати, бела техника и електрични алати, иако редовно се обраќаме до нив со такви понуди.
2. Стручните лица, кои добро ја познаваат таа проблематика (инженери, сервисери, хобисти...), на кои сме им понудиле да пишуваат написи од тие области не биле заинтересирани за соработка, најчесто со образложение за презафатеност.
И покрај овие лоши состојби ние и понатаму ќе вложуваме напори што почесто да ги застапуваме темите за "домашните мајстори". Се надевам дека во иднина ќе имаме поголем успех и на тоа поле.
Што се однесува до забелешката дека во сегашниот ЕМИТЕР е намален бројот на написи од областа на електрониката во однос на стариот ЕМИТЕР, тука морам да кажам дека не сте во право - така само ви изгледа, затоа што сега ЕМИТЕР има многу повеќе страници и многу повеќе теми. За ова повеќе се осврнав во уводникот од бројот 9/03, па ве упатувам да го препрочитате.
Слободан Таневски


Почитувани,
Со внимание ја следев серијата написи за телескопите и многу сум задоволен од неа. Исто така, задоволен сум и од телескопот кој го изработив според вашиот нацрт од Емитер 12/03, но сега би сакал да купам некој помоќен телескоп, но не многу скап. Знам дека во летниот двоброј посочивте адреси во странство, но нарачувањето оттаму ми е комплицирано (немам никој во САД кој би можел да ми го донесе), а и повеќето модели се скапи за мене. Се разочарав од информацијата дека кај нас нема некоја понуда на телескопи. Сепак, деновиве во продавницата Ексима кај ТЦ Plaza (поранешно "Беко") видов еден телескоп кој чини 5830 денари заедно со ногарките, што е многу прифатливо за мене. Телескопот ги има следните ознаки и карактеристики: KONUS KJ-6, Refractor 60mm F800-f/13, па би сакал да ми кажете дали е доволно добар за почетник и дали ја оправдува својата цена. Исто така, би предложил да објавите статија-тест на сите модели на телескопи кои постојат на нашиот пазар (како што повремено правите за аудио и компјутерски компоненти).
Се надевам дека ќе одвоите време и наскоро ќе ми одговорите.
Милан Поповски

Ви ја исполнуваме желбата - еве тест на телескопот Konus KJ-6! Цената на телескопот Konus KJ-6 е навистина многу поволна, но тој има неколку сериозни недостатоци во механичките делови - кои се многу чести кај вакви евтини (најевтини!) производи. Ако имате вешти раце (и алат), ќе можете да направите неколку преправки и би требало да добиете прифатлив телескоп за почетник.
Главниот проблем кај овој телескоп е механизмот за фокусирање: малата цевка (на која има запчеста летвичка за фокусирање и на која се става окуларот) има за околу 2 mm помал дијаметар од лежиштето!!! Така, фокусирањето и држењето на објектот во видното поле е практично невозможно! Единствено решение е да се уфрли нешто меѓу таа цевка и лежиштето, со што малата цевка нема да може да се ниша радијално, а истовремено нема да пречи на лизгањето на цевката аксијално (напред-назад) при фокусирањето. Прво што ми паѓа на памет е на малата цевка да се залепат надолжно две-три пластични ленти, кои ќе овозможат правилно движење на цевката. Ова е само предлог, кој не е изработен и тестиран - резултатите проверете ги вие! Јас само имав можност половина час (ноќе) да го имам во раце (и на око :-) овој телескоп - доволно да ги воочам недостатоците, но недоволно време да испробам некое решение за проблемите.
Вториот проблем е квалитетот на монтажата, поточно - движењето околу двете оски. Монтажата е азимутална, но тоа не е голем недостаток за вакви мали телескопи - поголемиот проблем е тоа што фината регулација во вертикалната рамнина (околу хоризонталната оска) исто така е изведена непрецизно. Имено, фината регулација е изведена со едно тркалце со внатрешен навој, кое се навртува во една прачка со надворешен навој. Проблемот е повторно во големата "луфта" меѓу навоите. Неопходно е да се нареже нов, прецизен комплементарен навој на прачката и на тркалцето (а можеби ќе треба и нова прачка и тркалце?). Металниот прстен кој е прицврстен на тубусот и во кој се лизга прачката не е добро фиксиран на тубусот (се клати), така што и за него ќе треба да се најде некое решение.
Понатаму, воопшто нема фина регулација за движењето во хоризонталната рамнина (околу вертикалната оска)! Вообичаено решение е полжавест пренос (редуктор) и сајличка, но тоа овде го нема. Насочувањето кон небеските тела и нивното следење треба внимателно и трпеливо да се прави директно со рака - со придвижување на тубусот, со правовремено отпуштање и затегање на винтот кој ја стега вертикалната оска.
Квалитетот на објективот е добар, окуларот од 50х е прифатлив, додека окуларот од 100х има забележлива дисторзија (засилена и од тоа што не можев да го поставам во оската на објективот, заради претходно објаснетите проблеми). И двата окулара покажуваат паразитни рефлексии ("духови") и забележлив хроматизам, но за таа цена и не може да се очекува нешто повеќе. Зелениот филтер (со ознака "Moon") слободно можете да го фрлите во ѓубре.
Ако мислите дека ќе можете да ги решите претходно објаснетите механички проблеми, тогаш Konus KJ-6 е прифатлив како телескоп за почетник.
Владимир Филевски


Голем поздрав до сите во редакцијта на ЕМИТЕР. Ја подржувам вашата идеја за издавање на брошури во склоп на ЕМИТЕР, а предлагам исто така да издадете и ЦД во кое не мора да има текстови или колекција на електрични шеми или, пак, брошури во електронска форма, но може да има софтвери од типот на помошни програми како на пример за правење PCB или конструкција на звучни кутии, обележување на ел. елементи, програми за PIC флеширање или, пак, од типот на мастер конвертер. Исто така може да има и разни програми за астрономија од конвертирање на координати, па сè до прикажување на моментална положба на некој објект кој треба да се следи на небото, а да не спомнувам разни услужни програми за PC. Мислам дека има доволно со што да се пополни едно ЦД без разлика дали се тоа Freeware или shereware и др. типови, а би било корисно да се запознаат читателите дека постојат разни помошни програми коишто повеќе или помалку би им ја олесниле работата.
Сега да ве замолам – имам еден мал проблем што со ваша помош би сакал да го решам, а би било и корисно да излезе во вашето списание. Се занимавам со фотографија. Аматерски вршам фотографирање на спелеолошки објекти, при што фотографирам и големи пештерски сали кои можат да бидат со огромни димензии каде што треба да се слика со (B) положба на затворачот од фото апаратот со помош на дополнително осветлување. Проблемот е во тоа што сакам да искористам фотографирање со повеќе блицови наедаш. Тоа се постигнува со користење на такаречена Фото Буба која се поставува на секој блиц кој треба да окине, кога главниот блиц кој е на апаратот се активира. Со тоа многу би ми се олеснила работата. Овие Фото буби чинат од 20 евра па нагоре и кај нас не сум сретнал да се продаваат. Побарав преку Интернет некоја шема за самоградба на ваков уред, но тие што ги најдов се со користење на додатен извор од 9V до 2V, но мене ми е потебно да не се употребува воопшто батериско напојување, значи кога ќе се поврзе на блицот кај кабелот или конекторот за окинување да го окине, но без да употребувам + извор.
Ви брагодарам многу ако барем го прочитате писмово и ми пишете, а јас за возврат ќе ви подарам неколку слики направени со фото бубата во пештера.
Ваш редовен читател од Скопје
Христијан Гроздановски

Сето она што го предлагате за ЦД-то кое би одело како додаток на ЕМИТЕР одамна е и наш план и, ако не порано, сигурно ќе го реализираме догодина кога славиме 10 години ЕМИТЕР. Исто така планираме такво ЦД во иднина да издаваме барем 2-3 пати годишно.
Вашето прашање во врска со самоградба на "фото буба" го проследив до нашите соработници па ако имаме можности сигурно ќе биде реализирано.
Слободан Таневски


Здраво!
Најнапред голем поздрав до Редакцијата на Емитер, која се грижи сè уште да опстојува едно вакво списание, кое во секој нареден број ни сервира квалитетни и свежи информации, што значи да се биде нонстоп "up-to-date" во поглед на примена на науката и техниката, и списание од коешто не само што се чита, туку и се учи. Опфатени се голем број области од науката и техниката - што значи информации за секого и тоа "од прва рака". За цената кратко ќе кажам дека е единствената работа во Македонија за која плаќаш малку, а добиваш многу! Емитер го читам веќе неколку години при што (покрај другото) обрнувам внимание и на писмата упатени од читателите за одредени проекти или за посебна стручна помош. Затоа и се одлучив и јас да побарам помош од вас на овој начин.
Се работи за "правилен" начин на поставување на сараунд звучници. Сакам да составам еден квалитетен сараунд систем, при што досега се служев со литература од Dolby и една многу добра "брошура" од веб-страницата на Polk audio. Проблемот се состои во поставувањето на задните звучници, за кои најчеста положба (според брошурите) е на висина од околу 2 метри од земја, свртени еден кон друг, поставени на страничните ѕидови. Кога бев во потрага по соодветни звучници за таа намена, често пати продавачите ме убедуваа дека тоа не е така и дека тие треба да бидат поставени во висина на уво (во седечка положба) и свртени спрема напред, а не еден кон друг, па за таа намена ги нудат своите сталаци за звучници на таа висина (за кои мислам дека се наменети за помали предни звучници). Сега навистина не знам што да правам. Не сакам да погрешам при изборот, бидејќи во секој случај 5 звучника + еден сабвуфер + еден А/В ресивер е еднакво на многу пари. Би сакал од вас да добијам некој совет за тоа како да ги поставам задните звучници, односно како тоа во пракса се прави најчесто за 5.1 и 7.1 системите!
Сè уште се двоумам за уште една работа: дали да ги почекам новите модели на Sony рисивери од ES серијата со S-master pro засилување или да одберам некој од веќе докажаните модели на Харман/Кардон или Денон. Дали имате некоја информација за овие модели на Sony, односно дали S-master pro технологијата е нешто "нај-нај" во моментов, или би било попаметно да се инвестира во Харман или Денон?
Многу поздрав од
Драган Димитриевски од Скопје

Ви благодариме на убавите зборови. Што се однесува до поставувањето на задните звучници, продавачите не се во право! Единствено правилно е поставувањето на височина од околу 2 метри. Меѓутоа, тука има една "финта" која ретко каде и ретко кога се кажува: задните (страничните) звучници треба да бидат од дипол тип! Понекогаш и понекаде, заради специфичностите на акустиката на просторијата, подобро решение е биполарен тип. Единствено со ваквите дипол (или биполарни) звучници ќе ги добиете звучните ефекти во вашиот дом точно онака како што ги замислил режисерот на филмот! Ваквите типови на звучници се поретки - веројатно поради повисоката цена.
Но, не очајувајте - и обичен (класичен) звучник многу добро ќе си ја заврши работата како "заден", ако го поставите на височина од околу 2 метри и ако НЕ го насочите накај местото за слушање. Во зависност од просторијата, постојат две решенија. Ако "задните" звучници можат да се постават бочно (или на страничните ѕидови), најдобро е да бидат поставени малку поназад од местото за слушање и задолжително треба да се насочат еден кон друг (не кон слушателот!). Второто решение е за оној случај кога задните звучници не можат да се постават бочно - тогаш треба да се монтираат позади (или на задниот ѕид), а да бидат насочени кон предниот дел од просторијата.
Претходново кажано важи за правилна репродукција на звучни ефекти во филмови, во форматот 5.1. Постојат концерти на DVD снимени во повеќеканална техника (значи, примарно е аудиото) и таму работите околу поставувањето на "задните" звучници веќе не се толку јасни. Стариот стандард е "задните" звучници да се постават во височина на увото (во седечка положба), насочени директно накај слушателот. Во овој случај, најдобра репродукција се постигнува ако "задните" звучници се идентични со предните (левиот и десниот).
Збунети сте? И јас исто така, па затоа се држам до старото, добро двоканално стерео. А и поевтино е.
Новата технологија S-master pro на Sony теоретски навистина има предност пред старите решенија, но тоа треба да се провери во праксата, бидејќи само со правилна и квалитетна имплементација ќе се осетат (чујат) предностите. Погледнете некој компаративен тест во странските списанија специјализирани за аудио/видео. Во некој од наредните бореви на ЕМИТЕР планираме да направиме ваков тест.
Владимир Филевски


Ги порачав деловите и плочката за "Автоаларм" од ЕМИТЕР 5/98. Но, сакам да направам мала модификација на алармот, за која верувам дека ќе ми помогнете. Сакам моментот на влегување и на излегување да го нема, а со тоа не би ми требало ни ожичување до контакт-бравата. Ја имам изработено телекомандата за дворна или гаражна врата од ЕМИТЕР 2/03, па така би сакал алармот да го вклучувам и исклучувам со телекомандата, а контакт-бравата да нема никаква улога. Ве молам пишете ми кои делови да ги променам и како да го изведам тоа.
Однапред благодарам.
Иван, преку e-mail

Веќе подолго време се обидувам да откријам која Ви е целта, но никако не ми поаѓа од рака. Временската задршка „време (момент) на излегување" може да се елиминира со отстранување на кондензаторот C2. Бидејќи ја губат својата функција, истовремено треба да се отстранат и отпорникот R15, транзисторот T1 и диодата D8. За елиминирање на временската задршка „време (момент) на влегување", кондензаторот C3 треба да се отстрани (отстранувањето сметајте го како замена со отворена гранка) или замени со отпорник. Ако отпорноста на тој отпорник е мала, алармот воопшто нема да функционира. Ако отпорноста на тој отпорник е под некоја гранична вредност (мојата пресметка вели дака таа гранична вредност е нешто над 2 M оми), при активирање, односно деактивирање на некој од изводите 3, 4 или 5 само компараторот A2 ќе ја менува состојбата на својот излез. Просто речено, непотребна силна електроника за вклучување и исклучување на релеј. Ако, пак, отпорноста на тој отпорник е над граничната вредност, претпоставувам ќе се добие осцилатор со фреквенција зависна од капацитивноста на кондензаторот C5.
Георги Ефтимов