Здраво!
Најнапред голем поздрав до Редакцијата на Емитер, која се грижи сè уште да опстојува едно вакво списание, кое во секој нареден број ни сервира квалитетни и свежи информации, што значи да се биде нонстоп "up-to-date" во поглед на примена на науката и техниката, и списание од коешто не само што се чита, туку и се учи. Опфатени се голем број области од науката и техниката - што значи информации за секого и тоа "од прва рака". За цената кратко ќе кажам дека е единствената работа во Македонија за која плаќаш малку, а добиваш многу! Емитер го читам веќе неколку години при што (покрај другото) обрнувам внимание и на писмата упатени од читателите за одредени проекти или за посебна стручна помош. Затоа и се одлучив и јас да побарам помош од вас на овој начин.
Се работи за "правилен" начин на поставување на сараунд звучници. Сакам да составам еден квалитетен сараунд систем, при што досега се служев со литература од Dolby и една многу добра "брошура" од веб-страницата на Polk audio. Проблемот се состои во поставувањето на задните звучници, за кои најчеста положба (според брошурите) е на висина од околу 2 метри од земја, свртени еден кон друг, поставени на страничните ѕидови. Кога бев во потрага по соодветни звучници за таа намена, често пати продавачите ме убедуваа дека тоа не е така и дека тие треба да бидат поставени во висина на уво (во седечка положба) и свртени спрема напред, а не еден кон друг, па за таа намена ги нудат своите сталаци за звучници на таа висина (за кои мислам дека се наменети за помали предни звучници). Сега навистина не знам што да правам. Не сакам да погрешам при изборот, бидејќи во секој случај 5 звучника + еден сабвуфер + еден А/В ресивер е еднакво на многу пари. Би сакал од вас да добијам некој совет за тоа како да ги поставам задните звучници, односно како тоа во пракса се прави најчесто за 5.1 и 7.1 системите!
Сè уште се двоумам за уште една работа: дали да ги почекам новите модели на Sony рисивери од ES серијата со S-master pro засилување или да одберам некој од веќе докажаните модели на Харман/Кардон или Денон. Дали имате некоја информација за овие модели на Sony, односно дали S-master pro технологијата е нешто "нај-нај" во моментов, или би било попаметно да се инвестира во Харман или Денон?
Многу поздрав од
Драган Димитриевски од Скопје
Ви благодариме на убавите зборови. Што се однесува до поставувањето на задните звучници, продавачите не се во право! Единствено правилно е поставувањето на височина од околу 2 метри. Меѓутоа, тука има една "финта" која ретко каде и ретко кога се кажува: задните (страничните) звучници треба да бидат од дипол тип! Понекогаш и понекаде, заради специфичностите на акустиката на просторијата, подобро решение е биполарен тип. Единствено со ваквите дипол (или биполарни) звучници ќе ги добиете звучните ефекти во вашиот дом точно онака како што ги замислил режисерот на филмот! Ваквите типови на звучници се поретки - веројатно поради повисоката цена.
Но, не очајувајте - и обичен (класичен) звучник многу добро ќе си ја заврши работата како "заден", ако го поставите на височина од околу 2 метри и ако НЕ го насочите накај местото за слушање. Во зависност од просторијата, постојат две решенија. Ако "задните" звучници можат да се постават бочно (или на страничните ѕидови), најдобро е да бидат поставени малку поназад од местото за слушање и задолжително треба да се насочат еден кон друг (не кон слушателот!). Второто решение е за оној случај кога задните звучници не можат да се постават бочно - тогаш треба да се монтираат позади (или на задниот ѕид), а да бидат насочени кон предниот дел од просторијата.
Претходново кажано важи за правилна репродукција на звучни ефекти во филмови, во форматот 5.1. Постојат концерти на DVD снимени во повеќеканална техника (значи, примарно е аудиото) и таму работите околу поставувањето на "задните" звучници веќе не се толку јасни. Стариот стандард е "задните" звучници да се постават во височина на увото (во седечка положба), насочени директно накај слушателот. Во овој случај, најдобра репродукција се постигнува ако "задните" звучници се идентични со предните (левиот и десниот).
Збунети сте? И јас исто така, па затоа се држам до старото, добро двоканално стерео. А и поевтино е.
Новата технологија S-master pro на Sony теоретски навистина има предност пред старите решенија, но тоа треба да се провери во праксата, бидејќи само со правилна и квалитетна имплементација ќе се осетат (чујат) предностите. Погледнете некој компаративен тест во странските списанија специјализирани за аудио/видео. Во некој од наредните бореви на ЕМИТЕР планираме да направиме ваков тест.
Владимир Филевски