Последната брошура особено ми се допадна и мислам дека брошурите треба да излегуваат поредовно. Добро би било да се објават брошури кои би не запознале повеќе со компјутерската техника со што ќе им се помогне на помалку искусните кои сакаат да купат компјутер да знаат што да одберат, затоа што во Македонија има многу фирми кои само те убедуваат да купиш без разлика на квалитетот. Друго што би можело да се објави е за употребата на Linux оперативниот систем за да може читателите повеќе да го запознаат и да изберат со што ќе работат.
Јовица Даниловски

Дали ДА за книги и брошури во издание на ЕМИТЕР? Без двоумење и остаток: ДА. Македонскиот пазар на стручни книги е катастрофално сиромашен со стручна литература. Токму затоа ЕМИТЕР треба да продолжи да инвестира во вакви изданија со надеж дека кога ќе се средат приликите во државата ќе има и материјална и секаква друга сатисфакција за вложените напори. За жал, сега ниту државата ниту фирмите немаат слух за спасот кој го нуди науката и знаењето.
Конечно за брошурите и книгите во издание на ЕМИТЕР. Одличен зафат и само напред. Во почетокот да ви е јасно дека само ќе инвестирате сè додека не се намножат насловите и додека не се привикнат потенцијалните купувачи и спонзори на оваа едиција. Во таа насока ќе треба да имате појак маркетинг и задолжително сопствена веб-страница на Интернет.
Имам и една забелешка, т.е. нелогичност и одбивност како последица на тоа. А тоа е цената на еден примерок од брошурата која е 100 денари и уште 90 денари ПТТ трошоци?!!? Некој ќе си рече: Колку чини брошурата толку плус трошоци: Следува - за инает не ја купувам, нема да дозволам некој да ме прави будала. Излез: дали може брошурата да е достапна и на други продажни места како што се книжарници, киосци и слично?
Инаку, според мене, цената на брошурите е ниска, и кај потенцијалниот купувач можеби ќе се јави сомнеж: Штом цената е мала веројатно е слаб и квалитетот на она што е внатре напишано. Знам дека квалитетот на содржините е висок, но опремете ја подобро (добри корици и слики, цртежи и сл.), сето тоа пресметајте го во повисоката цена, па во овој случај за квалитетот не ќе може ништо да се забележи и притоа купувачот ќе биде задоволен со купената брошура, со задоволство ќе ја прочита и, во зависност од темата што е обработена, ќе му претставува драгоцен прирачник и помагало. Помина времето кога беше важна само содржината која е спакувана во неугледни корици и катастрофална опременост на текстот. Денес пазарот е пребирлив. Оној што сака да ја купи ќе ја купи и за нешто повисока цена, бидете сигурни во тоа.
Гиго Скендер

Идејата за брошури во ЕМИТЕР е одлична и треба да се продолжи со реализација. Сепак, на читателите треба да им биде јасно дека за подготовки на секоја брошура е потрошено многу време и труд. Од друга страна, навистина ме зачудува фактот што многу малку фирми се заинтересерани за потпомагање на вакви стручни брошури од кои, секако, самите би имале корист (маркетинг нели...).
Мислам дека еден од вистинските чекори кон решавање на овој проблем е со поинтензивно лобирање и информирање на фирмите за ваквите можности за соработка...
Сега збор два за самите брошури... Сметам дека досегашните брошури беа одлични, но со ниво на тежина: почетно – средно. Предлагам освен ваков тип на брошури (кои секако би оделе во комплет со определен број, а потоа би се продавале посебно со некоја соодветна цена) да се изготвуваат и малку пообемни и постручни брошури (на пр., таблици на компатибилни елементи, збирки на техничка документација за интегрални кола и нивна примена и сл.), кои би се продавале одделно.
Владислав Бидиков

Брошурите се одлична работа. Но, тоа што одат во пакет со списанието малку ми пречи. Прво, цената веќе не е ниска за овие наши услови, а второ, можеби некоја брошура нема да ме интересира ќе мора да ја платам заедно со списанието. Како и да е, ја поддржувам вашата издавачка политика и предлагам, покрај оние што ги спомнавте, да објавите и брошури за воздухопловно и ракетно моделарство, астрономија, компјутерска техника за почетници, фототехника и, секако, употреба на разни интегрирани кола.
Горан Петковски

Давам целосна поддршка на вашите иницијативи за брошури во издание на ЕМИТЕР. Се залагам за квалитетни и популарни брошури, кои ќе бидат актуелни и наменети за професионална публика. Ви пожелувам успех,
Вида Трајковски

Во врска со брошурите мои предлози би биле: аудиозасилувачи (видови, класи), склопови со некои попознати ИК (741, 555...), транзистори (видови, табели, распоред на изводи), самоградба на звучници, сериите за поправка на аудиоуреди и ТВ собрани на едно место...
Иво Наумовски

Прво, многу поддршка за тоа што го работите и за вашата силна желба да се направи нешто добро за науката. Јас сум студент на електротехничкиот факултет (насока електроника и телекомуникации) и многу се радувам што во иднина ќе можам да читам и нешто постручно. Јас многу ги критикувам моите професори, бидејќи немаат доволно литература а многу бараат, а кога ќе им речеме дека немаме доволно литература на македонски јазик, велат да земеме книги од некои српски или хрватски автори и тука завршува целата приказна. Затоа, многу добро ќе ми дојде нешто надвор од стандардните учебници. За понатаму би сакал да има уште нешто од областа на телекомуникациите, бидејќи планирам на тоа повеќе да се насочам.
Љупчо Апостолов

Ме радува идејата да се продолжи со издавање на брошури од областа техниката. Идејата е добра, бидејќи нема апсолутно никаква литература напишана од наши автори, освен некои учебници. Во учебниците, главно, се изучува теоретскиот дел од соодветната тема. Но, во праксата тоа не е доволно, затоа се потребни практични примери. Овие практични примери во најголем број од случаите теоретичарите не ги познаваат. Практичните примери се познати на практичарите, кои почнале да се занимаваат со соодветната тема од хоби или некој друг интерес. Меѓутоа, од друга страна, практичарите ретко ја познаваат теоријата. Каква контрадикторност!
Оваа контрадикторност можеме да ја сретнеме во секое хоби или теоретска тема, или во секоја практичност и знаење. Затоа сметам дека една причина плус за издавање на овие брошури е спојувањето на праксата со теоријата.
Втора причина е обработка на одделна тема во брошурата наместо таа тема да се обработува делумно во некоја глава од некоја обемна книга. Сигурно на повеќе читатели на ЕМИТЕР им се случило да не купат некоја книга, затоа што во книгата се обработува мал дел од темата која нè интересира, а остатокот во прв момент воопшто не ни е потребен, книгата е обемна со општи работи, книгата е скапа и слично.
Трето, овие брошури треба да обработуваат теми според потребите на читателите.
Четврто, повеќе брошури заедно би опфатиле поголема област од некое хоби или тема и би претставувале некој тип на збирка. Вакви брошури имаше издадено од Народна техника на Југославија пред многу години. Беа многу интересни и можеби ЕМИТЕР треба да направи некоја слична збирка.
Минатата година подготвував некои од учениците од училиштето на син ми за натпреварите од Народна техника, кога увидов дека во скоро сите области недостасува соодветна литература. Затоа можам да предложам како теми да се разработат: авиомоделарство, ракетно моделарство, бродомоделарство и други. Јас мислам дека имате доволно соработници за овие теми.
Интересна тема за објавување како брошура се написите "Почетен курс по електроника". Сметам дека секој било да е почетник или професионалец би сакал да има едно вакво издание. Можеби ќе бидат интересни и темите за поправка на телевизори, радија и слично со збирка на шеми. Има многу интересни теми за брошурите. Можеби еден ден некој ќе сака да ги финансира. Засега толку. Ви посакувам многу успех во издавањето на брошурите.
Митко Толев

Идејата за објавување на брошури од различни области на техниката е одлична и заслужува пофалби. Овие брошури, донекаде би ја пополниле празнината која владее во нашата земја на полето на техничката литература. Темите за подоцнежните брошури се добро избрани, бидејќи прават спој на теоријата и праксата.
За брошурата "Сателитска телевизија" можам да кажам само пофални зборови. Информациите што се содржани во неа, можат да бидат од корист не само на оние кои професионално се занимаваат со оваа струка, туку и на почетниците. Во иднина, планирам да инсталирам сателитска телевизија во мојот дом и мислам дека вашата брошура ќе ми биде од голема корист.
Единствено што можам да ви порачам е да продолжите и понатаму со истото темпо и се надевам дека успешно ќе го завршите серијалот на брошури што го имате замислено.
Љубиша Младеновски

Мојот личен став е многу позитивен кон оваа Ваша постапка, бидејќи е очигледно дека во Македонија сериозно недостасува стручна и научна литература и, пред сè, би било позитивно кон општиот став дека треба да се користат книги, а не скрипти, копии и сл. Цената за мене не претставува никаков проблем, бидејќи, за моја среќа, засега добро се снаоѓам.
Овие брошури се одлични, бидејќи ја дополнуваат општата техничка и научна култура, пред сè, на оние кои имаат почетен интерес, како и на оние што не се занимаваат специјално со проблематика во брошурата, туку ја пополнуваат онаа празнина која е битна за општото знаење.
Александар Николиќ

Не знам зошто барате мислење од читателите дали треба да печатите стручна литература во вид на брошури. Нормално дека треба! Сите се повеќе од свесни дека никогаш немало доволно стручна литература на нашиве простори. Поради оние 50 денари плус на цената? Зарем има некаде во светов брошури што разработуваат теми од областа на електрониката, информатиката или слично, а се продаваат со цена од 1 евро. Не верувам. Што се однесува до мене лично и до оние читатели што јас ги познавам, имате целосна поддршка.
Јас би сакал да дадам и еден предлог. ЦД можеби?
Многу од написите, кои сте ги имале досега во ЕМИТЕР, се постојано актуелни: "Означување на отпорници", "Означување на транзистори", "Сервисирање на аудиоуреди" и сл.
Текстовите веќе ги имате, само треба да ги конвертирате во PDF формат и да ги изрежете.
Мислам дека за младите читатели (електроничари), ова ќе биде привлечно. Многу од нив не можат финансиски да си дозволат да нарачаат 2, 3 ,..., 10 стари броеви на ЕМИТЕР. ЦД-ата во последно време имаат многу ниска цена. Со мало спонзорство (многу помало отколку за печатење) ќе добиете убав додаток. Ова не значи дека треба да се отфрлат брошурите. Напротив, само уште еден начин како да ги анимирате своите читатели.
И за крај, еден ден кога ќе имаме нормална држава, верувам дека и таа ќе им помогне на ЕМИТЕР и на сите негови читатели.
Александар Бариќ

Идејата за издавање брошури во вашето списание е одлична. Технички изданија на македонски јазик недостасуваат, затоа секој додаток е добредојден. Мислам дека секој додаток околу информатиката и компјутерската техника нема да е вишок, покрај тоа што и во самото списание имате таква рубрика.
Ристо Гацоски

Моето мислење за издавање на брошури е секако позитивно и пофално за вашето списание. Вашите напори во таа област мислам дека се со позитивен ефект, а јас лично со нетрпение ги очекувам брошурите кои ги најавивте за во иднина и се надевам дека ќе има и уште повеќе нови. За поздравување е целата ваша идеја како за самото списание така и за дополнителните брошури кои како што самите наведовте навистина ги нема во доволен број на македонски јазик.
Гоце Васевски

Издавањето на брошури од ваша страна е многу добра идеја бидејќи се работи за списание со искуство и традиција во издаваштвото. Брошурите, пред сè, треба да бидат со тематика од електрониката, комуникациите, Интернетот, информатиката, астрономијата и други слични природни и технички науки и области. Цената не е битна, битен е само квалитетот и пристапот кон обработуваната материја. Брошурата "Сателитска телевизија" беше полн погодок.
Томе Ивановски, Битола

Голема благодарност до сите читатели што ни испратија писма во врска со нашите планови за повторно издавање на брошури. Пофалбите и предлозите кои ги добиваме се силен поттик да истраеме во нашите издавачки планови и да ги надминеме организациските и финансиските проблеми на тој пат. Можам да заклучам дека формата, изборот на темите, квалитетот и цената се прифатливи за повеќето читатели, па во таа насока нема да има промени.
Последната брошура "Сателитска телевизија" веќе месец дена се продава на повеќето продажни места на ЕМИТЕР и ќе остане во продажба до крајот на октомври. Потоа планираме да воспоставиме соработка со некои од поголемите издавачи кои имаат сопствени книжарници ("Просветно дело", "Култура"...), преку кои ќе продолжи продажбата на оваа и сите следни брошури. На крај, за оние што нема да успеат да ја набават во трафиките и книжарниците, останува можноста за нарачка од Редакцијата, при што ќе треба да се платат дополнителните ПТТ трошоци, кои сега изнесуваат околу 90 денари.
Темите за следните брошури, се разбира, ќе бидат во директна врска со концептот на списанието (наука и техника), некои ќе бидат на почетничко ниво, а некои на средно и напредно ниво. За почеток ги планираме следните брошури: Биполарни транзистори, Микрофони, Звучници, Радиотехника за почетници, Кабелска телевизија, Микроконтролери, CorelDraw, MS Word, Windows XP, Protel..., а некои од овие веќе се во завршна фаза на подготовка. Се разбира, за во иднина, ќе бидат земени предвид и сите теми предложени од читателите. Се надевам дека ќе успееме да објавуваме нова брошура на секои 2 – 4 месеци, на радост на сите читатели, соработници и спонзори.
Слободан Таневски


Здраво ЕМИТЕР!
Ми треба помош во врска со PLL-колото LM567, за кое во ЕМИТЕР 6/04 на стр. 51 имаше неколку едноставни шеми.
1. ТОНСКИ РЕЛЕЈ (слика 3). Дали може 2 или повеќе исти склопа да се поврзат на едно исто напојување? Не ми е јасно дали ќе си пречат еден на друг и во врска со нагодувањето на која влезна фреквенција да работат ако користат исто напојување? Ако немаат никакви конфликти како и со кој стабилизатор да ги поврзам, бидејќи ако има промена на напонот да не се измести влезната фреквенција?
2. Дали од ОСИЦИЛАТОРОТ СО ДВЕ ФРЕКВЕНЦИИ со LM567 (слика 1) неговите две излезни фреквенции може да ги користам за влезовите на ТОНСКИОТ РЕЛЕЈ. и, исто така, дали може на едно напојување да ги поврзам ТОНСКИОТ РЕЛЕЈ и ОСИЦИЛАТОРОТ СО ДВЕ ФРЕКВЕНЦИИ?
Ви благодарам однапред :+)
Иван Ташков

1. Досега во литературата не сум сретнал можен проблем како што вие претпоставувате дека повеќе такви склопови поврзани на едно напојување можат меѓусебно да си пречат. Но, работејќи со овие кола сум среќавал проблеми слични на овие кои вие ги наведувате, но не поради тоа што биле напојувани од едно место. Бидејќи не знам што конкретно ќе претставува вашата комбинација од овие кола, ќе ви одговорам паушално.
Слободно можете да користите два или повеќе склопови, како што е тонскиот релеј, на исто напојување без да имаат меѓусебни пречки. Ако користите трансформатор од 12 волти и соодветен исправувач, напонот што ќе се добие ќе биде околу 16,8 волти. Потоа со стабилизатор 7809 ќе добиете стабилни 9 волти кои ќе ги користите само за напојување на LM567 (извод 4), додека релеите (12 волтни) ќе ги напојувате од оние 16,8 волти.
2. Колото прикажано на слика 1, дадено како апликација, не сум го комбинирал со колото во коешто LM567 работи како тонски релеј, но не би требало да има никаков проблем во исправноста на таквата комбинација. Доколку ја користите оваа комбинација, ќе мора да користите два посебни спроводника за пренос на сигналите од склопот на слика 1 до склоповите на слика 3. Инаку, сите овие склопови можат да се поврзат на исто напојување.
Драган Јовановски


Почитувани,
Имам само пофалби и две прашања до Вас:
1. Го имам изработено 250W V-MOS засилувач од ЕМИТЕР 11/99 и 12/99 и многу сум задоволен од него. Сега ме интересира дали кај него може да се постават повеќе излезни транзистори, за да се добие моќност 400-500W и дали притоа треба да се направат некои измени?
2. Сакам да го изработам засилувачот со LM3886 од Е7-8/04 заедно со филтер засилувачот за сабвуфер со TDA 7294 од Е9/03. Ме интересира дали може да ми прави некој проблем ако користам едно трафо (300W, 2x26V) за напојување на двата засилувачи?
Поздрав,
Јовица Даниловски од Ресен

1. Како прво да ви кажам дека ми е многу мило што сте го изработиле токму овој засилувач кој не е така евтин, и дека сте задоволни од него. Во принцип, секој квалитетен засилувач е конструиран како таков за да ги даде крајните перформанси по многу испитувања и модификации. Едноставно поврзување на паралелни излезни транзистори секако нема да биде она што конструкторите на овој засилувач го планирале, а поголеми зафати на истите ППК се неможни. Овој засилувач има своја 50, 500 и 1000W верзија. Овие засилувачи од 500W и 1000W ги немам изработено и затоа досега не се објавени во ЕМИТЕР. Тогаш кога ќе бидат проверени во практиката од наша страна, ќе ги објавиме во ЕМИТЕР со што секој заинтересиран со доволни познавања ќе може да ги изработи.
2. Трансформаторот од 300 вати, кој го имате, слободно може да го користите за напојување и на двата засилувачи, бидејќи по напон и моќност потполно задоволува, но сепак секој засилувач нека има посебен насочувач со свои филтерски кондензатори.
Драган Јовановски