Имам едно прашање индиректно врзано со списанието, а повеќе со електрониката. Се работи за следново:
Во прашање е телевизор "РИЗ Гранд колор тип 777" или "Телефункен" со шасија 712 (Telefunken farbfernseh - chassis 712). Тука сакам да напоменам дека има разлика помеѓу шасиите 712, 712А и 712А ПИЛ. Проблемот е во вертикалниот излезен степен – плочка 491 (Vert. - Endstufen - Baustein BS 491). Проблематичен е отпорот R 491 (2,7 оми). Прашањето е следно:
Отпорникот е карактеристичен бидејќи приклучоците се изведени така што е можно при прегревање да дојде до негово одлемување. Прашањето е: зошто доаѓа до прегревање и горење на овој отпорник; за колкава моќност е предвиден бидејќи на шемата е означен како обичен отпор, а секако дека е посебен во нешто; каде да се лоцира проблемот во неговото прегревање? Кај исправен телевизор температурата при нормална работа е околу 85 степени, а кај проблематичниов телевизор околу 160 степени. И двата телевизори во моментот имаат ист отпор 2,7 оми за моќ од 2[W]. Проблематичниот телевизор нема никакви проблеми со сликата и тонот и на прв поглед сè е во ред, освен со прегревањето на отпорот зашто мора да се менува ист таков отпор на секои 3-4 недели. Знам дека прашањето е малку необично и би бил задоволен со каков било одговор. Ви се обраќам вам, бидејќи сум сигурен дека имате искуство во оваа област.
Поздрав од Томе Ивановски, Битола
Серијата "Сервисирање на ТВ-приемници" има свој логичен редослед по кој темата за вертикален отклонски систем ќе дојде на ред во еден од следните броеви на ЕМИТЕР. За да ви излезе во пресрет, ЕМИТЕР ќе се обиде да одговори на вашето барање. Вертикалниот отклонски систем на ТВ-приемникот Гранд колор 777 или неговата изворна верзија Телефункен со шасија 712 е составен од две печатени плочки: вертикален осцилатор BS451 и вертикален излезен степен BS491. Напојувањето на двете плочки е изведено од хоризонталниот излезен степен, има ознака U4 и вредност 38V, а преку спорниот отпорник R491 од 2,7 оми. Причини за неговото прекумерно греење може да има повеќе.
а) Прва и најверојатна е дека отпорникот има помала дозволена моќност, којашто треба да биде најмалку 5W.
б) Пропуштање на електролитскиот кондензатор C491 од 2200µF
в) Неисправен елемент во плочката на вертикалниот осцилатор, што наједноставно може да се провери ако ја замените целата плочка со друга од исправниот приемник што го спомнавте.
г) Неисправна диода во конвергентната плочка BS803, што би имало влијание и врз вертикалниот отклон.
Со оглед на тоа дека имате нормална големина на сликата, останува само можноста под а).
Зоран Тасиќ
Ве молам за ваше мислење за квалитетот и цената на телескопите од Интернет страницата која ви ја испраќам.
Поздрав,Сулејман Ватиќ, преку e-mail
По правило, најдобар избор на квалитетни телескопи и најниски цени имаат продавниците и фирмите специјализирани за продажба на телескопи. Фирмата од посочената Интернет страница не е специјализирана за таа област. Пониски цени можете да најдете на Интернет страницата www.astroshop-berlin.de каде има голем избор на квалитетни Celestron телескопи. Не сте ни напишале што поконкретно Ве интересира, па претпоставувам дека Ви е потребен некој телескоп наменет за почетници. Можам да Ви го препорачам телескопот Celestron Firstscope 114/900 EQ2, по цена од 208 евра. Во цената е вклучен германскиот данок, кој на излез од границата ќе биде минусиран од таа цена. Ова е најевтиниот телескоп за кој можам да Ви гарантирам за квалитетот на оптиката, додека квалитетот на монтажата е послаб. Телескопот е од Њутнов тип со дијаметар на примарното огледало еднакво на 114 mm и фокусна должина од 900 mm, а располага со два Келнерови окулари од 20 mm (45 пати зголемување) и од 10 mm (90 пати). Монтажата е екваторијална, на троножец. Единствен недостаток е тоа што во овој комплет не е вклучен окулар со фокус од околу 6 mm или Барлоу леќа (2Х), со кои би можело да се постигне максималното зголемување (околу 200 пати) и со тоа целосно да се искористи потенцијалот на овој телескоп. Окуларот и Барлоу леќата можат дополнително да се купат. Препрачувам E-Lux окулар од 6mm.
Истата фирма нуди сличен, но поевтин телескоп – Celestron Powerseeker 114 EQ, по цена од 163 евра (со вклучен герм. данок). Поевтин е од претходниот модел затоа што екваторијалната монтажа е послаба (барем на изглед), а типот на окуларите не е специфициран. Немам податоци дали овие недостатоци многу влијаат на квалитетот или не. Добра страна на овој пакет е тоа што во него е вклучен и окулар од 4 mm (225 пати зголемување) и Барлоу леќа (3Х).
Повеќе податоци и совети за купување и самоградба на телескопи ќе бидат објавени во петтото продолжение од серијата за телескопи во ЕМИТЕР.
Владимир Филевски
Здраво Емитер!
Најнапред голем поздрав до целата екипа и до главниот уредник на списанието, кои покрај сите досегашни проблеми се грижат на нашиве простори, освен политиката, да може да се прочита нешто покорисно, интересно и поучно (барем јас можам да се пофалам дека до сега сум научил многу од ЕМИТЕР, во поглед на електрониката). Значи, најголеми пофалби (бидејќи критики немам) и за содржината на списанието која е навистина на високо ниво и секако за цената која е навистина ниска - за 130 денари добиваме списание, плус каталог, плус сервисна шема! А ако на некого и ова му е скапо, нека се обиде во некој сервис да побара само една единствена сервисна шема за 130 денари и нека обрне внимание на реакцијата од личноста на која се обраќа!
Јас имам еден проблем којшто не знам да го решам. Се работи за АВ рисивер Sony STR-DE 595 којшто го купив пред некое време, приклучен на пар звучници исто така Sony SS-MF400H (модел од пред некои 2-3 години). Проблемот се состои во тоа што со новиот засилувач звучниците се некако "неискористени". Ги направив сите неопходни нагодувања засилувачот да репродуцира обичен стерео-сигнал (два канали, сите останати се исклучени, како и сабвуферот и декодерите) еквилајзерот го нагодив на максимум (bass +6 dB; treble +6 dB), предните канали на +10 dB, но сепак звукот е некако мек – басовите и високите се слаби, посебно кога засилувачот работи потивко. Повторно го приклучив стариот стереозасилувач JVC-AX330 колку за споредба и разликата е многу голема, односно и кога засилувачот работи потивко се чувствуваат ниските и високите тонови. Сега не знам што понатаму, па би сакал да добијам некој совет од вас, бидејќи добивам впечаток дека рисиверот Sony е со многу слаб квалитет. Или ваквиот звук е карактеристика на АВ рисиверите, воопшто? Значи, каков било совет од вас би ми помогнал, а ако веќе некој од вас имал прилика да го чуе звукот од Sony STR-DE 595 би било уште подобро.
Мене уште ми останува да ви се заблагодарам однапред и да го чекам вашиот одговор.
Многу поздрави од
Зоран Гуревски од Скопје
Ви благодариме за пофалбите и за поддршката.
Иако е точно тоа дека, во принцип, аудио/видео (А/В) рисиверите се со нешто послаб квалитет од класичните засилувачи, разликата во квалитетот на звукот не смее да биде голема, па дури ни средна! Сепак, според описот на вашиот проблем, мислам дека воопшто не постои проблем! Претпоставувам дека вие, всушност, сте се навикнале да слушате музика со контролите за бас и високи тонови "одвртени" на максимум. Тоа значи дека басовите и високите се засилени барем + 12 dB, што е стандардна максимална вредност на тонските контроли кај класичните стерео-засилувачи – како што е JVC-AX330. Уште ако користите loudness контрола, тогаш басовите и високите се засилени најмалку за + 20 dB. Јасно е дека вашиот АВ рисивер со своето засилување на басовите и високите од + 6 dB дава претивки (за вашиот вкус) басови и високи тонови. Малку ме збуни вашиот опис дека басовите и високите се "меки", но претпоставувам дека сте сакале да нагласите дека се со недоволна енергија, односно дека се претивки.
Решението на вашиот проблем е едноставно: запознајте го вистинскиот, природен звук на снимената музика! Тоа ќе го постигнете со поставување на тонските контроли на "нула" (и со исклучување на loudness контролата, ако ја има) – така ќе добиете потполно рамна фреквенциска карактеристика. Единствен исклучок е ако ја слушате музиката тивко: тогаш можете да ги засилите басовите и високите за +6 dB (ова е сосема доволно) – тоа е loudness компензацијата.
Сепак, за да бидете сосема сигурни дали е сè во ред со вашиот АВ рисивер, направете го следниов експеримент: исклучете ги тонските контроли (или поставете ги на "нула") и на засилувачот и на АВ рисиверот и потоа споредете ги како звучат на една иста песна (доволни се десетина секунди). При оваа проверка, јачините на звукот од засилувачот и од АВ рисиверот МОРА да ги нагодите (субјективно) да бидат исти! Квалитетот на звукот би требало да биде сличен, исто како и интензитетот на басовите и високите тонови. Пишете ни повторно за резултатите што сте ги добиле!
Владимир Филевски
Здраво ЕМИТЕР.
Имам неколку прашања во врска со полначот за акумулатор од бр. 04/04 пред да почнам да го правам:
1. Дали може да се стави LED диода со која ќе се покажува дека акумулаторот е веќе полн и тој е изложен во фаза на одржување, покрај тоа што знам дека амперметарот ќе покажува мала струја која ја влече акумулаторот?
2. На вашиот прототип гледам дека има два инструменти, од кои едниот е амперметар, а другиот? На кој начин ги имате поврзано двата инструменти и со какви компоненти.
3. Имате напишано при тестирањето да се употреби моќен потрошувач (отпорник), колкава да биде неговата вредност?
4. Четврто и последно прашање: Сакам да употребам диоди за грецот - кој тип?
Однапред ви благодарам и се надевам дека ќе ми помогнете во врска со поставените прашања.
Марјан Атанасовски
1. Како што и сами сте забележале во текстот на проектот, доволна индикација на преминување во мод на одржување на полн акумулатор е минималната струја која ја покажува амперметарот и изгасената лед диода LD2. Дополнителна индикација може да се изведе во вид на волтметар или како индикатор со лед диода кој кога ќе ја достигне нагодената напонска вредност ја пали лед диодата. Вакви индикатори имало објавено на страниците на ЕМИТЕР.
2. На готовиот полнач кој е прикажан на сликата се гледаат два аналогни инструмента од кои едниот претставува амперметар, како што беше опишан во текстот, а другиот е адаптиран во вид на волтметар кој е приклучен на излезот преку сериски предотпорник.
3. Отпорникот кој се користеше како оптоварување на полначот при неговото нагодување беше променлив отпорник од отпорна жица. Отпорникот се користи кратко време при нагодувањето и доволна ќе биде моќност од 5W. Вредноста може да се одреди според Омовиот закон R=U/I, или едноставно со проба.
4. Наједноставно решение е да се користи грецов исправувач каков што е наведен во текстот за кој нема потреба од електрична изолација од ладилникот или куќиштето на полначот. Доколку, секако, сакате да ја усложните градбата на овој уред можете да користите кои било диоди кои се заведени во каталозите како 20-амперски и со напон од минимум 50 волти. Овие диоди електрично тешко се изолираат од ладилникот поради недостаток од соодветни лискунски и пластични подлошки за нив.
Драган Јовановски