Засилувач со слаби басови

Здраво Емитер!
Најнапред голем поздрав до целата екипа и до главниот уредник на списанието, кои покрај сите досегашни проблеми се грижат на нашиве простори, освен политиката, да може да се прочита нешто покорисно, интересно и поучно (барем јас можам да се пофалам дека до сега сум научил многу од ЕМИТЕР, во поглед на електрониката). Значи, најголеми пофалби (бидејќи критики немам) и за содржината на списанието која е навистина на високо ниво и секако за цената која е навистина ниска - за 130 денари добиваме списание, плус каталог, плус сервисна шема! А ако на некого и ова му е скапо, нека се обиде во некој сервис да побара само една единствена сервисна шема за 130 денари и нека обрне внимание на реакцијата од личноста на која се обраќа!
Јас имам еден проблем којшто не знам да го решам. Се работи за АВ рисивер Sony STR-DE 595 којшто го купив пред некое време, приклучен на пар звучници исто така Sony SS-MF400H (модел од пред некои 2-3 години). Проблемот се состои во тоа што со новиот засилувач звучниците се некако "неискористени". Ги направив сите неопходни нагодувања засилувачот да репродуцира обичен стерео-сигнал (два канали, сите останати се исклучени, како и сабвуферот и декодерите) еквилајзерот го нагодив на максимум (bass +6 dB; treble +6 dB), предните канали на +10 dB, но сепак звукот е некако мек – басовите и високите се слаби, посебно кога засилувачот работи потивко. Повторно го приклучив стариот стереозасилувач JVC-AX330 колку за споредба и разликата е многу голема, односно и кога засилувачот работи потивко се чувствуваат ниските и високите тонови. Сега не знам што понатаму, па би сакал да добијам некој совет од вас, бидејќи добивам впечаток дека рисиверот Sony е со многу слаб квалитет. Или ваквиот звук е карактеристика на АВ рисиверите, воопшто? Значи, каков било совет од вас би ми помогнал, а ако веќе некој од вас имал прилика да го чуе звукот од Sony STR-DE 595 би било уште подобро.
Мене уште ми останува да ви се заблагодарам однапред и да го чекам вашиот одговор.
Многу поздрави од
Зоран Гуревски од Скопје

Ви благодариме за пофалбите и за поддршката.
Иако е точно тоа дека, во принцип, аудио/видео (А/В) рисиверите се со нешто послаб квалитет од класичните засилувачи, разликата во квалитетот на звукот не смее да биде голема, па дури ни средна! Сепак, според описот на вашиот проблем, мислам дека воопшто не постои проблем! Претпоставувам дека вие, всушност, сте се навикнале да слушате музика со контролите за бас и високи тонови "одвртени" на максимум. Тоа значи дека басовите и високите се засилени барем + 12 dB, што е стандардна максимална вредност на тонските контроли кај класичните стерео-засилувачи – како што е JVC-AX330. Уште ако користите loudness контрола, тогаш басовите и високите се засилени најмалку за + 20 dB. Јасно е дека вашиот АВ рисивер со своето засилување на басовите и високите од + 6 dB дава претивки (за вашиот вкус) басови и високи тонови. Малку ме збуни вашиот опис дека басовите и високите се "меки", но претпоставувам дека сте сакале да нагласите дека се со недоволна енергија, односно дека се претивки.
Решението на вашиот проблем е едноставно: запознајте го вистинскиот, природен звук на снимената музика! Тоа ќе го постигнете со поставување на тонските контроли на "нула" (и со исклучување на loudness контролата, ако ја има) – така ќе добиете потполно рамна фреквенциска карактеристика. Единствен исклучок е ако ја слушате музиката тивко: тогаш можете да ги засилите басовите и високите за +6 dB (ова е сосема доволно) – тоа е loudness компензацијата.
Сепак, за да бидете сосема сигурни дали е сè во ред со вашиот АВ рисивер, направете го следниов експеримент: исклучете ги тонските контроли (или поставете ги на "нула") и на засилувачот и на АВ рисиверот и потоа споредете ги како звучат на една иста песна (доволни се десетина секунди). При оваа проверка, јачините на звукот од засилувачот и од АВ рисиверот МОРА да ги нагодите (субјективно) да бидат исти! Квалитетот на звукот би требало да биде сличен, исто како и интензитетот на басовите и високите тонови. Пишете ни повторно за резултатите што сте ги добиле!
Владимир Филевски