Почитувани г-да,
Поздрав до вас и вашата редакција. Имам неколку прашања за кои ве молам да ми дадете одговор.
Во врска со проектот за звучникот Trans 8: ако може да ми испратите шема на свртница која е подобра од постоечката, без оглед на цената. Што треба да се измени во проектот за звучникот да не биде под агол од 40 степени, т.е свртница којашто би била наменета за нормално поставен звучник. Дали звучникот Trans 8 издржува засилувач од 100W RMS?
Го имам изработено засилувачот од 80W од летниот двоброј (7/8-2002). Како што знам, TDA7294 може да се стави наместо TDA7295, но прашањето е дали е можно засилувачот со TDA7294 да биде напојуван од трансформатор од 120VA или треба помоќен?
Однапред ви благодарам,
Благојче Димовски, Битола
Објавената свртница (ЕМИТЕР 11/2003) со вклучена корекција на печатната грешка за фазата на високотонецот (ЕМИТЕР 12/2003), ако се дополни со калемот од 0,68 mH (ЕМИТЕР 1/2004) за бас/среднотонецот, дава МНОГУ ДОБАР звук, со само малку понагласени високи средни тонови. Оваа свртница е одличен компромис меѓу цената, осетливоста (ефикасноста) и квалитетот на звукот. Направете ја и нема да зажалите.
Од друга страна, би можел да конструирам свртница со која би се добил максимално неутрален и природен звук, но нејзината цена би била несразмерно висока во однос на цената на самите звучници, а и осетливоста ќе биде под 80 dB/2,83V/1m – што би било премалку. Тогаш подобро е да се одберат поскапи (подобри) звучници, за кои нема потреба од скапа свртница.
Аголот на плочата на која лежи бас/среднототонскиот звучник намерно е избрана да биде 40 степени, за да се намали цената на свртницата. Звучникот Trans 8 веќе долго време свири со засилувач од 170W RMS/8ома (по канал) и нема никакви проблеми. Звучниците најчесто прегоруваат со слаби засилувачи кога без мера се зголемува јачината на сигналот и со тоа засилувачот влегува во клипинг (големи изобличувања).
Ако веќе имате трасформатор од 120VA, слободно употребете го, но само за ЕДЕН засилувач со TDA 7294!
Владимир Филевски
Бидејќи фреквенцметарот со ICM 7216M од Е4/98 не може да се направи (го нема интегралецот), а фреквенцметарот што е во склоп со функцискиот генератор од Е1/03 ја мери фреквенцијата на импулсите што ги генерира генераторот, би сакал да ви предложам нешто во врска со горенаведеното. Дали може фреквенцметарот од функцискиот генератор да се поврзе со делителот на фреквенции од Е 6/03 и да се добие фреквенцметар што ќе мери фреквенции до 1000 MHz.
Поздрав од вашиот верен читател.
Мики Ристовски,
преку e-mail
Делителот на фреквенција и фреквенцметарот од генераторот на функции FG - 95 можете да ги поврзете како што е прикажано на сликата. Притоа, на делителот на фреквенција (ППК820) не треба да правите никакви измени, но ќе треба од некоја лемна точка да извлечете напон од 5,6V за напојување на колото за прилагодување. На фреквенцметарот (ППК803) треба да ги отстраните операцискиот засилувач IC7, кондензаторите C26 и C27 и отпорниците R31 и R32, а влезниот сигнал да го донесете директно на бројачкиот влез (извод 12) на интегрираното коло IC15. На тој начин ќе добиете фреквенцметар за мерење фреквенции во опсегот од 10MHz до 1000MHz. За да добиете комплетен уред кој ќе може да ги мери и фреквенциите под 10MHz треба да изработите уште еден делител со 10. Такви делители има безброј. Ако не можете да најдете делител кој е веќе прилагоден за фреквенцметарот од генераторот на функции FG - 95, употребете го делителот 980404 (види ЕМИТЕР бр.4/98 „Дигитален фреквенцметар"). Се разбира, на истиот начин како и претходниот, и овој делител треба да се прилагоди.
Георги Ефтимов
Почитувана Редакцијо,
Ова писмо ви го праќам со надеж дека ќе ми помогнете да изработам мал далечински управувач за уште помало автомобилче! Ви праќам еден атачмент што го најдов на Интернет и тоа сè комплет. Би сакал да го објавите ова како проект, доколку не ви пречи, бидејќи мислам дека е многу забавно, а воедно и практично за секој човек – со него може да се контролира автомобилче, роботче или, пак, нешто пософистицирано. Како прво, јас не знам да програмирам PIC (може да научам, но...) немам Програмер ниту Програмирачки софтвер, па се надевам дека и тука ќе ми помогнете. Второ, на шемите не се дадени вредностите на кондензаторите и на некои отпорници, па се надевам дека вие можете да ги откриете со помош на вашето долгогодишно искуство и знаење од полето на електрониката. Исто така, не знам што се некои делови – како Xtal.
Ви благодарам на одвоеното време и очекувам ваш одговор што поскоро!!!
Дејан Маликовски
Ви благодарам за испратените материјали иако вакви слични материјали имаме безброј во Редакцијата. Проблем е тие да се реализираат и подготват за објавување во списанието со сите детали за самоградба како би можеле да ги изработат и помалку упатените читатели. Како што и самите сте забележале, многу често електронските конструкции кои се објавени на Интернет не се детално објаснети и содржат некои грешки и неозначени елементи. Овие грешки и пропусти ние можеме да ги отстраниме, но тоа бара време. Исто така, во таквите електронски конструкции честопати има некои елементи кои се скапи и кои ги нема во нашите продавници (специјални модули или интегрирани кола, некои моторчиња или други механички елементи и слично). Поради тоа таквиот проект не може да се реализира, а ако ние и успееме да го реализираме, ќе биде проблем да го реализираат читателите поради неговата сложеност, недостапноста на некои делови или нивната висока цена. Тоа веќе неколку пати се има случено со досега објавените посложени проекти (на пример, со микроконтролери).
Како и да е, ние сепак внимателно ќе го проанализираме доставениот материјал, па ако постои можност за реализација на тој проект во македонски услови сигурно ќе го реализираме и ќе го објавиме во ЕМИТЕР.
Слободан Таневски
Почитувана Редакцијо,
Многу Ве поздравувам и на сите Ви ја честитам Новата 2004 година. Имам прашање до г-динот Георги Ефтимов. Дали може на трепкачот од ЕМИТЕР 1/04 да се приклучат повеќе светилки (на пример, 10-15) со моќност од 100W и колкава треба да биде термичката отпорност на телото на телото за ладење на тријакот KT 207/600? Ако постои вакво решение ве молам да објасните како се поврзуват светилките.
Однапред ви благодарам,
Марио Стојановски, Скопје
Наместо тријакот KT207/600 предлагам да го употребите тријакот KT 729/900. Тоа е единствениот шеснаесет амперски тријак кој со сигурност знам дека без менување на вредностите на останатите елементи, може да се приклучи на колото на трепкачот. Се разбира, предвид доаѓаат и други типови на тријаци, но притоа можеби ќе треба дополнително да го дотерате обликот на импулсите за палење (види ЕМИТЕР бр. 6/98 „Автомат за скалично светло SLC - 11"). Тријакот и светилките поврзете ги како што е прикажано на сликата. Термичката отпорност на телото за ладење на тријакот треба да биде помала од 4K/W.
Георги Ефтимов
Почитувани,
Цената на далечинската контрола за компјутер од ЕМИТЕР 3/04 ви е астрономска. На пример, за 40 евра може да се купи компјутерска картичка за ТВ-радиотјунер со далечинско!
Во серијата "Сервисирање на ТВ приемници" почнавте со претпотопска техника - сите степени од шемата која беше додаток во ЕМИТЕР 3/04 во денешните телевизори се сместени во едно интегрирано коло! Дајте опис на техника што е "помлада" од повеќето ваши читатели.
Коле Глигоров, од Кавадарци.
Замерката за цената на "Далечинската контрола за компјутер" Ви е погрешно упатена - ние (ЕМИТЕР) не го произведуваме и продаваме тој уред, па нам да ни замерувате за неговата цена. А ако мислевте да дадете општа замерка за неисплативоста на самоградба на таков уред, тогаш повторно не сте во право. Прво, затоа што прикажаниот уред за далечинска контрола на PC во самоградба ќе ве чини помеѓу 10 и 15 евра, а со него далечински ќе можете да ги командувате скоро сите програми на компјутерот, за разлика од вашиот пример каде за 40 евра ќе можете да ја командувате само ТВ-картичката. Второ, прикажаните електронски конструкции кои ги објавуваме во ЕМИТЕР немаат само функција да Ве упатат како со самоградба да дојдете поевтино до некој електронски уред, туку имаат и едукативна функција - некогаш прикажаниот уред можеби е поскапо да се направи во самоградба отколку да се купи готов фабрички, но и тогаш самоградбата има смисол од аспект на учење, бидејќи тоа што ќе го научите во иднина може да ви донесе заработка.
Серијата "Сервисирање на ТВ приемници", пред сè е наменета за електроничарите – почетници во сервисирање на ТВ приемници, иако и искусните сервисери во неа ќе најдат многу корисни работи. Во основата на сервисирањето е добро да се разбере принципот на работа на ТВ приемникот во целина и на секој степен во него. Тоа најлесно може да се научи на некој модел на ТВ приемник во кој секој степен сè уште е посебна целина, а не на некој модел во кој сите функции се сместени во едно-две интегрирани кола. Затоа на почетокот на серијата ги даваме сервисните шеми на телевизорите од ЕИ Ниш, шасиите Б10, Б20, Б30, Б40 и Б45, каде што секој степен е во интегрирана техника но е посебен, што во голема мерка ќе го олесни изучувањето. Поради тоа и следните написи од серијата ќе се однесуваат, пред сè, на ТВ приемниците со шасија Б40 и Б45. Исто така, не е на одмет да напоменам и дека тие телевизори, иако се модели од пред десетина години, сепак сè уште се многу застапени во македонските домаќинства. Се разбира, како ќе одминува серијата "Сервисирање на ТВ приемници" така ќе даваме и сервисни шеми на помодерни ТВ приемници од познатите светски производители Сони, Филипс, Самсунг и други.
Слободан Таневски