Скап проект и застарени сервисни шеми

Почитувани,
Цената на далечинската контрола за компјутер од ЕМИТЕР 3/04 ви е астрономска. На пример, за 40 евра може да се купи компјутерска картичка за ТВ-радиотјунер со далечинско!
Во серијата "Сервисирање на ТВ приемници" почнавте со претпотопска техника - сите степени од шемата која беше додаток во ЕМИТЕР 3/04 во денешните телевизори се сместени во едно интегрирано коло! Дајте опис на техника што е "помлада" од повеќето ваши читатели.
Коле Глигоров, од Кавадарци.

Замерката за цената на "Далечинската контрола за компјутер" Ви е погрешно упатена - ние (ЕМИТЕР) не го произведуваме и продаваме тој уред, па нам да ни замерувате за неговата цена. А ако мислевте да дадете општа замерка за неисплативоста на самоградба на таков уред, тогаш повторно не сте во право. Прво, затоа што прикажаниот уред за далечинска контрола на PC во самоградба ќе ве чини помеѓу 10 и 15 евра, а со него далечински ќе можете да ги командувате скоро сите програми на компјутерот, за разлика од вашиот пример каде за 40 евра ќе можете да ја командувате само ТВ-картичката. Второ, прикажаните електронски конструкции кои ги објавуваме во ЕМИТЕР немаат само функција да Ве упатат како со самоградба да дојдете поевтино до некој електронски уред, туку имаат и едукативна функција - некогаш прикажаниот уред можеби е поскапо да се направи во самоградба отколку да се купи готов фабрички, но и тогаш самоградбата има смисол од аспект на учење, бидејќи тоа што ќе го научите во иднина може да ви донесе заработка.
Серијата "Сервисирање на ТВ приемници", пред сè е наменета за електроничарите – почетници во сервисирање на ТВ приемници, иако и искусните сервисери во неа ќе најдат многу корисни работи. Во основата на сервисирањето е добро да се разбере принципот на работа на ТВ приемникот во целина и на секој степен во него. Тоа најлесно може да се научи на некој модел на ТВ приемник во кој секој степен сè уште е посебна целина, а не на некој модел во кој сите функции се сместени во едно-две интегрирани кола. Затоа на почетокот на серијата ги даваме сервисните шеми на телевизорите од ЕИ Ниш, шасиите Б10, Б20, Б30, Б40 и Б45, каде што секој степен е во интегрирана техника но е посебен, што во голема мерка ќе го олесни изучувањето. Поради тоа и следните написи од серијата ќе се однесуваат, пред сè, на ТВ приемниците со шасија Б40 и Б45. Исто така, не е на одмет да напоменам и дека тие телевизори, иако се модели од пред десетина години, сепак сè уште се многу застапени во македонските домаќинства. Се разбира, како ќе одминува серијата "Сервисирање на ТВ приемници" така ќе даваме и сервисни шеми на помодерни ТВ приемници од познатите светски производители Сони, Филипс, Самсунг и други.
Слободан Таневски