Почитувана Редакцијо,
Среќна нова 2004 година и среќни божикни празници.
Ве следам скоро редовно од самиот почеток на ЕМИТЕР и имам само пофални зборови за вас. И покрај сите пречки на кои наидовте низ овие 8 години вие сепак успеавте да издржите и ЕМИТЕР редовно да излегува. Во тоа ретко кој успеал, секоја чест!!!
Инаку за новата (која не е веќе нова) концепција на ЕМИТЕР имам само пофални зборови. Да се имаат сите научни дисциплини заокружени во едно списание е генијално. Само напред!!!
Серијата написи за телескопите се нешто фантастично. Јас многу се интересирам за астрономијата, а серијата написи за телескопите го пополни практичниот дел од астрономијата што недостасуваше. Јас го изработив телескопот и многу сум задоволен од него, но имам еден предлог и неколку прашања.
Предлог за друг окулар: Јас го искористив објективот од Смена 8М и тој е одличен објектив, но имам една замерка: со тој објектив видното поле на телескопот е многу мало, околу 30 минути, најверојатно затоа што и дијаметарот на леќите е мал. Јас имам купено една саатчиска лупа со фокус 25 mm, која има многу поголем дијаметар од објективот на Смена 8М. Видното поле е поголемо од 1 степен, а и зголемувањето е поголемо и е околу 40 пати. Оваа леќа нема антирефлексен слој и е единечна, односно не е ахроматска. Но, јас ги споредував наизменично и двата окулара и нема некоја голема разлика во квалитетот на сликата (на мое големо изненадување), а видното поле е многу поголемо и има поголемо зголемување и прстените на Сатурн се гледаат поубаво :))
Прашања: Дали ќе се подобри квалитетот на сликата ако се употреби леќа со антирефлексен слој, бидејќи читав дека тој ја намалува рефлектираната светлината во леќата, па така поголема светлина ќе помине низ леќата што значи повеќе детали ќе се видат низ телескопот. Дали ако се употреби ваква леќа ќе може да се зголеми отворот на блендата пред леќата, затоа што јас експериментирав со различни големини на отворите и дојдов до заклучок дека помал отвор најмногу делува при гледање на светли објекти и ја намалува онаа "аура" околу светлиот објект, за која што мислам дека доаѓа од рефлексијата на леќата. Па оттука дојдов до заклучок дека леќа со антирефлексен слој може да го реши овој проблем. Дали сум во право? Знам дека сферната и хроматската аберација ќе се зголемат ако се зголеми отворот на предната бленда, но дали во толкава мерка за да го нарушат квалитетот на сликата (која би требала да биде со повеќе детали)?
Пробав една комбинација на предната леќа од објективот на Смена 8М (задната леќа се одвртува) и саатчиската лупа. Излезе дека имаат приближно еднаков фокус. Најпрво пробав со споени леќи при што заедничкиот фокус беше околу 12,5mm, што значи зголемување од 80 пати. Но сликата што се доби беше прилично поматна отколку само со една леќа, па помислив дека леќите се лоша комбинација. Потоа пробав да ги одвојам на извесно растојание и добив зголемување од околу 60 пати – сега сликата беше појасна, но пак поматна отколку со една леќа. Дали ова е границата на зголемување на овој телескоп (40 пати) заради објективот на телескопот, односно како што напишавте во претходниот напис, тоа зависи од дијаметарот на објективот и квалитетот на леќата? Јас пробав и со поголем отвор на блендата пред објективот, но без успех.
Ве прашувам за ова бидејќи имам намера да купам друга лупа која изгледа дека е ахроматска. Има зголемување од 20 пати па најверојатно и фокусот е околу 12,5mm, што значи тоа е зголемување од 80 пати. Но оваа лупа е прилично скапа, па не сакам да ја купам за "џабе". Што да правам?
На крај сакам да ви се пофалам дека направив фотографии на Месечината, но со обичен фотоапарат (стар, руски апарат "Вилиа"), со неколку различни експозиции. Користев филм од 100 АСА. Сликите излегоа релативно добри, но малку матни:
Дали е тоа до експозицијата, затоа што користев 1/125 и 1/60 секунда? Фокусот на објективот на апаратот го пробав и на "бесконечно" и на 1 метар и сликите се релативно исти, така што претпоставувам проблемот не е до фокусот. По сè изгледа дека требало да користам поосетлив филм и пократка експозиција, но дали е тоа така? Можеби сепак дигитален апарат е подобар избор заради осетливоста.
Извинете за големово писмо :((, но би ви бил многу благодарен доколку ми одговорите на прашањата. Однапред ви благодарам,
Димитар Вангеловски
од Скопје.
Ви благодариме на убавите желби. Кога ќе добиеме вакво писмо, ги забораваме сите маки низ кои поминуваме додека го подготвуваме секој број на ЕМИТЕР. Големо задоволство е кога за нашиот труд ќе прочитаме волку убави зборови.
Особено нè радува кога некој напис од ЕМИТЕР ќе ги поттикне читателите поактивно да се зафатат со некој интересна тема, како што вас ве поттикна проектот за самоградба на телескоп. Намената на овој проект беше токму тоа: читателите да го почувствуваат "вкусот" на астрономските набљудувања низ телескоп и да се заинтересираат за практичната астрономија. Но, навистина не очекував дека некој толку сериозно ќе се ангажира и ќе ги истражува крајните дострели на прикажаниот проект. Квалитетот на овој телескоп е доволен само за неговата намена – само за почетни информации, така што не очекувајте премногу од него. Дури и најевтините "вистински" телескопи (со ахроматски објектив) даваат МНОГУ подобра слика. За жал, овој квалитет се плаќа со соодветна цена.
Цената на "окуларот" направен од исправен објектив од (неисправна) Смена 8М е најмногу 50 денари, што е поевтино од која било лупа, а квалитетот на сликата е подобар – разликата можеби не е голема, но сепак постои. Токму заради тоа јас во проектот го употребив како окулар објективот од Смена 8М – тој е одличен компромис меѓу цената, зголемувањето и квалитетот на сликата. Видното поле на лупата ви се чини дека е поголемо, но практично не е многу употребливо – сликата надвор од центарот има поголеми изобличувања отколку објективот од Смена 8М. Единствената (но важна) предност на вашата лупа е што дава поголемо зголемување (заради помалиот фокус). Ако се споредуваат лупа и објектив од фотоапарат, при иста фокусна должина, објективот од фотоапарат (како окулар) е супериорен во секој поглед во однос на која било лупа направена од единечна леќа. Од друга страна, ако евентуално најдете "на старо" евтина Кодингтонова лупа (единечна, МНОГУ дебела леќа со мал дијаметар) или лупа Хестингсов триплет (ахроматски систем од три слепени леќи), ќе имате добар окулар. Сепак, треба да се нагласи дека најобичен Келнеров окулар (тоа е класичен астрономски окулар) е МНОГУ подобар од кој било објектив од фотоапарат и од која било лупа.
Евентуалниот антирефлексен слој на објективот (леќата од очила) нема да £ помогне многу – леќата од очила дава лош квалитет на сликата, најмногу заради хроматската аберација и ништо не може да ја спаси. Леќите за очила се изработени со многу послаба прецизност во однос на вистинските астрономски објективи, така што покрај хроматската аберација тие имаат изразени разновидни изобличувања, што е особено забележливо при поголеми зголемувања. Со евентуален антирефлексен слој на таа леќа ќе се добие нешто малку подобра слика, но тоа не е заради зголемувањето на количината на светлоста која доаѓа до окото, туку заради елиминација на рефлектираната светлост која ќе дојде до окуларот од сосема погрешна страна и која би ја расипала острината на сликата.
"Аурата" околу светлите објекти настанува најмногу заради хроматската аберација на објективот (а не заради рефлексијата!), што е разбирливо, бидејќи тоа е обична единечна леќа. Единствен начин да се намали хроматската аберација (и сите останати аберации) кај ваквиот објектив е да се намали дијаметарот на блендата пред објективот – вие тоа правилно сте го воочиле. Јас во проектот употребив бленда со дијаметар од 35 mm – тоа е добар компромис меѓу големината на хроматската аберација и осветленоста на сликата, бидејќи овој телескоп не е наменет само за набљудување на светли објекти, како што се Месечината и Сатурн! Кога се набљудува Месечината, може да се употреби помал дијаметар на блендата – на пример 25 mm. За подобар квалитет на сликата неопходен е ахроматски објектив. Ахроматски објектив без антирефлексен слој е многу подобар од единечна леќа, па макар била таа и со антирефлексен слој.
Максималното зголемување кое може да се добие од овој телескоп е најмногу 40 пати, а тоа е лимитирано со квалитетот на објективот. Тоа значи дека не вреди да се трошат пари на скапата лупа со фокус од 12,5 mm. Од друга страна, "на слепо" избрани комбинации на леќи за окуларот нема добро да функционираат, како што и сами сте дошле до заклучок. Во следното продолжение на серијата "Телескопи" подетално ќе бидат анализирани окуларите.
Фотографирањето на Месечината мора да се изведува со високоосетлив филм од најмалку 400 ASA, додека експозицијата мора да биде покуса – барем 1/250. При окинување на фотоапаратот (експозицијата) не користете прст, туку специјална фотографска "сајличка" – за да не настане несакан потрес на фотоапаратот (телескопот) што ќе ја замачка фотографијата. Фокусот на објективот од фотоапаратот МОРА да биде поставен на "бесконечно". Прочитајте ги двата одговора во рубриката Писма во ЕМИТЕР 1/2004 – таму ќе најдете дополнителни објаснувања.
Владимир Филевски
Здраво ЕМИТЕР.
Го изработив едноставниот аларм од бројот 12/03 и тој без проблеми работи. Но кога ќе поставам инфрацрвен сензор наместо рид ампулата, алармот се вклучува одвреме-навреме без да трепне лед-диодата на сензорот (без да активира сензорот). Сензорот 100% гарантирано работи, со проверка од каде што е купен. Ве молам помогнете ми како да го поврзам алармниот уред со ифрацрвениот сензор, бидејќи јас сум аматер и не ги познавам теоретските работи од електрониката.
И уште една работа: Кажете ми начин како по истекот на 90 секунди уредот да ми сигнализира дека е активен (со палење на некоја лед диода)?
Однапред ви благодарам.
Марјан Атанасовски, преку e-mail
Едноставниот аларм од Е12/03 е предвиден како активирачки елементи да користи рид релеи или микропрекинувачи и тоа така што активирање на алармот настанува кога ќе СЕ ОТВОРИ некој од нив. Значи прво треба да проверите како дејствува вашиот сензор односно дали тој се однесува како отворен прекинувач тогаш кога ќе се побуди (така треба да биде за да може да се употреби во нашиот аларм) или пак обратно. Повеќето сензори се од типот "нормално затворен" т.е. кога ќе се активираат се однесуваат како отворен прекинувач, но некои ги имаат и двете можности на избор. Инфрацрвениот сензор спаѓа во групата на АКТИВНИ сензори, што значи дека му е потребно и напојување (најчесто 12V) кое по правило треба да го земе од алармната централа. Како да го поврзете сензорот ќе мора сами да се снајдете, по проверка на каталошките податоци за неговите изводи и по соодветни испитувања на неговиот начин на работа.
А сега за индикаторот: Според изложениот принцип на работа може да забележите дека по истекот на 90-те секунди од "времето за вклучување" излезот од IC1a (пинот 3) преминува од логичка 1 на логичка 0. Ова може да се искористи за индикација дека алармот е во подготвена состојба. За таа цел треба да се постави LED диода со сериски предотпорник од пинот 3 на IC1 кон водот за напојување од 5,6V. Катодата на LED диодата треба да биде споена со пинот 3 на IC1, а предотпорникот треба да е со вредност од 1 k ом за да се ограничи струјата на приближно 4mA со цел да не се преоптовари излезот на CMOS колото IC1. Уште подобро би било, наместо обична да употребите високоефикасна LED диода. Таквата LED диода нормално свети при ниска струја од 1-2 mA за разлика од обичните, кои номиналниот сјај го добиваат при струја од 10 до 20mA. Ако употребите високоефикасна LED диода тогаш предотпорникот треба да има вредност од 1k8 до 3k3.
За крај еден совет: немојте да се зафаќате со модификации на прикажаните проекти ако немате доволни теоретски и практични познавања од соодветната област на електрониката - едноставно направете го проектот како што е прикажан и нема да имате проблеми.
Слободан Таневски
Почитувани,
Ви ја честитам Новата година и ви посакувам барем двојно поголем тираж. Во декемврискиот број објавивте проект за дигитален термостат кој сакам да го изработам и да го употребам како термостат на термопечката. Ме интересира како да го поврзам со оглед на тоа што постоечкиот термостат со термопечката е поврзан со трожилен кабел.
Горан Аврамоски,
преку e-mail
Како што може да забележите од шематскиот приказ на уредот за негова работа потребно е да доведете наизменичен мрежен напон на конекторот Ј1, додека контактите на управувачкиот релеј се однесуваат како класичен прекинувач. Вас ве збунува поголемот број на жици кај термопечките. Оваа дополнителна жица се користи за одредување на брзината на вртење на вентилаторот во неа. Така фазата која оди кон вентилаторот се прекинува со помош на биметалниот термостат а малиот прекинувач кој постои на термостатот се употребува за одредување на брзината на која ќе врти вентилаторот (слика 1). Дигиталниот термостат може да се употреби за оваа намена така што истиот ќе го поврзете на термопечката според слика 2. Со преклопникот SW2 се одредува со која брзина ќе врти вентилаторот. Ако немате потреба од овој преклопник истиот може да го испуштите и да одредите постојано со која брзина ќе врти вентилаторот во термопечката!
Благој Ќупев
Почитуван Емитер,
Најпрво еден голем поздрав до вас и сакам да ги пофалам вашата креативност и умешност кои ги вложувате во изработка на најразлични уреди од сите области на науката и техниката. Имам неколку прашања до господинот Владимир Филевски во врска со телескопот од ЕМИТЕР 12/2003. Во списанието пишува дека вкупната должина на пластичната цевка (заедно со делот кај окуларот) треба да биде 1 метар. Јас успеав да најдам хартиена цевка но таа е со внатрешен дијаметар од 250 mm и должина од 800 mm. Дали внатрешниот дијаметар ќе претставува проблем бидејќи е за 4 mm поголем од потребниот? Дали можам фокусот на објективот да го поместам поназад со тоа што ќе ставам леќа со некој поголем или помал диоптер, а притоа да не влијаам на квалитетот на сликата?
Успеав да најдам објектив од стар фотоапарат од марката "Ломо", но со објективот успеав да го извадам и винтот на кој што тој беше навртен. Дали е потребно овој винт да го сместам во цевката и со тоа да добијам некое попрецизно нагодување на сликата?
Со почит,
Александар Спасов
Големината на внатрешниот дијаметар на цевката воопшто не е битна – стандарден дијаметар на леќата за очила е 65 mm. Како што веќе напишав во текстот, потребно е да ја однесете цевката кај оптичар, кој ќе ја обработи (избруси) леќата од очила на потребниот дијаметар (50 mm во овој случај), за да може таа леќа да се монтира внатре во цевката. Треба многу да се внимава објективот да биде монтиран точно нормално во однос на оската на цевката. Тоа е многу поедноставно да се постигне ако ја монтирате целата леќа директно однадвор на отворот на цевката. Во тој случај нема потреба да се обработува леќата, но тогаш треба да внимавате да не ја скршите леќата при манипулации со телескопот, бидејќи леќата ќе биде премногу изложена. Бидејќи вкупната должина на двете цевки треба да биде околу 1 метар, потребните должини можете да ги добиете со една цевка од 800 mm и една цевка од 200 mm.
Слободно можете да се обидете со подолг фокус на објективот: на пример, леќа со 0,75 диоптер има фокусна должина еднаква на 1333 mm. Леќа со 0,5 диоптер веќе не е практична, бидејќи фокусната должина е дури 2 метри! Квалитетот на сликата и во двата случаи ќе биде подобар во однос на леќа со диоптер еднаков на 1 (т.е. фокус од 1 метар).
Нема потреба од некои прецизни нагодувања на окуларот – поместувањето (лизгањето) на цевките е сосема доволно за прецизно фокусирање.
Владимир Филевски