ИЦ сензор и индикатор во едноставниот аларм

Здраво ЕМИТЕР.
Го изработив едноставниот аларм од бројот 12/03 и тој без проблеми работи. Но кога ќе поставам инфрацрвен сензор наместо рид ампулата, алармот се вклучува одвреме-навреме без да трепне лед-диодата на сензорот (без да активира сензорот). Сензорот 100% гарантирано работи, со проверка од каде што е купен. Ве молам помогнете ми како да го поврзам алармниот уред со ифрацрвениот сензор, бидејќи јас сум аматер и не ги познавам теоретските работи од електрониката.
И уште една работа: Кажете ми начин како по истекот на 90 секунди уредот да ми сигнализира дека е активен (со палење на некоја лед диода)?
Однапред ви благодарам.
Марјан Атанасовски, преку e-mail

Едноставниот аларм од Е12/03 е предвиден како активирачки елементи да користи рид релеи или микропрекинувачи и тоа така што активирање на алармот настанува кога ќе СЕ ОТВОРИ некој од нив. Значи прво треба да проверите како дејствува вашиот сензор односно дали тој се однесува како отворен прекинувач тогаш кога ќе се побуди (така треба да биде за да може да се употреби во нашиот аларм) или пак обратно. Повеќето сензори се од типот "нормално затворен" т.е. кога ќе се активираат се однесуваат како отворен прекинувач, но некои ги имаат и двете можности на избор. Инфрацрвениот сензор спаѓа во групата на АКТИВНИ сензори, што значи дека му е потребно и напојување (најчесто 12V) кое по правило треба да го земе од алармната централа. Како да го поврзете сензорот ќе мора сами да се снајдете, по проверка на каталошките податоци за неговите изводи и по соодветни испитувања на неговиот начин на работа.
А сега за индикаторот: Според изложениот принцип на работа може да забележите дека по истекот на 90-те секунди од "времето за вклучување" излезот од IC1a (пинот 3) преминува од логичка 1 на логичка 0. Ова може да се искористи за индикација дека алармот е во подготвена состојба. За таа цел треба да се постави LED диода со сериски предотпорник од пинот 3 на IC1 кон водот за напојување од 5,6V. Катодата на LED диодата треба да биде споена со пинот 3 на IC1, а предотпорникот треба да е со вредност од 1 k ом за да се ограничи струјата на приближно 4mA со цел да не се преоптовари излезот на CMOS колото IC1. Уште подобро би било, наместо обична да употребите високоефикасна LED диода. Таквата LED диода нормално свети при ниска струја од 1-2 mA за разлика од обичните, кои номиналниот сјај го добиваат при струја од 10 до 20mA. Ако употребите високоефикасна LED диода тогаш предотпорникот треба да има вредност од 1k8 до 3k3.
За крај еден совет: немојте да се зафаќате со модификации на прикажаните проекти ако немате доволни теоретски и практични познавања од соодветната област на електрониката - едноставно направете го проектот како што е прикажан и нема да имате проблеми.
Слободан Таневски