Здраво Емитер,
Јас сум ваш редовен читател (и редовен пишувач на писма), па еве неколку прашања во врска со одредени написи, како и малку критика (позитивна).
1) Во врска со уредот за комуникација преку 220 волтна мрежа од Е2/2000: Дали може да се направат некои измени, за на излезот да нема феритни лонци, затоа што навистина не можат да се најдат во продавниците (а не знам како изгледаат за да ги барам на отпад). На пример, дали може да се стави едно RC коло на излезот како високо пропусен филтер (на пример, со долна граница 90 kHz), со што ќе ги пропушта фреквенциите на сигналот кон мрежата, а тие од мрежата во обратна насока доволно ќе ги ослаби? Ако не може, ве молам објаснете ми зошто. Или, исто така, дали можат да се употребат оптокаплери, на некој начин?
2) Дали и на кој начин може да се искомбинираат далечинскиот управувач за PC од Е3/04 и контролата на релеи од Е1/05 за да се контролираат релеите со далечинско?
3) Во списанието многу малку е пишувано за осцилоскопот како мерен инструмент, освен во првите броеви, па ако може нешто повеќе да објасните за осцилоскопот – како работи и дали постои некоја можност за самоградба (на пример, од стар ТВ-приемник, или како A/D конвертор за PC). Точноста и мерниот опсег не мораат да бидат големи, но доволни за аматерска работа.
4) Еве еден интересен предлог за проект со микроконтролери, поврзан со моето второ прашање: Далечинска контрола на светла. Би било доста интересно (и егзотично) светлата дома да се контролираат со обичен универзален далечински управувач. Ваков сличен проект, само не со микроконтролери, имавте објавено во ЕМИТЕР 9/96 – "Далечински контролиран димер", но мислам дека тоа големо коло со декодер (кој патем тешко се наоѓа и е скап), компаратор, димер и многу други компоненти би ги заменил само еден микроконтролер.
5) Во бројот 2/99 претставивте уред – Profecta кој ја елиминира акустичната повратна спрега. Дали би се намалила до некоја граница повратната спрега ако само се сврти фазата на сигналот за 180 степени ?
Што се однесува до моите критики тие се:
1) Во проектот "PIC Програматор" требаше да наведете дека корисниците на WIN 2000/NT/XP (повеќето читатели ги користат токму овие оперативни системи) не можат директно да го користат софтверот кој го наведувате во проектот (на David Tait), како и сите други паралелни програматори, бидејќи наведените оперативни системи не дозволуваат контрола над паралелниот порт од страна на други апликации. Јас лично потрошив многу време за да откријам зошто мојот програматор не работи, а решението било многу едноставно - да се симне од Интернет dll фајл кој ќе го овозможи пристапот до паралелниот порт.
2) Мислам дека се повторувате со некои написи од старите броеви, како што беше FM радиоприемник од 12/04 – сличен приемник со истото интегрирано коло имавте во 5/95, исто така и со контролата на релеи од 1/05 - иста таква шема само без бафери имаше во 1-2/96.
И за крај, би ве замолил бидејќи ги имам сите броеви на ЕМИТЕР и кога ќе ми затреба некоја шема или напис тешко ми е да пребарувам по сите, дали може да ми пратите содржина на сите броеви на ЕМИТЕР, ако ја имате во електронска форма (нешто како збирна содржина што објавувате во секој декемвриски број)?
Поздрав,
Мартин Јанковски од Скопје

Еве ги одговорите на вашите прашања.
1. Доколку малку се потрудите, феритни лонци ќе пронајдете и на пазарот за стари работи во Скопје и кај некој поискусен пријател електроничар. Промените на колото кои ги предлагате ја менуваат концепцијата на уредот по што тоа би претставувало сосем ново решение кое треба прво да се проектира, а потоа и да се провери во пракса. Самите феритни лонци претставуваат воедно и одвојни трансформатори за поголема сигурност на корисниците. Оптокаплери не можат да се користат наместо феритните лонци. (Д.Ј.)
2. Верзијата на програмата којашто е објавена во ЕМИТЕР 1/05 нема имплементирана можност за прием на наредби од друга програма. Во нашата Редакција веќе постои идеја да се направи понапредна верзија на програмата со цел да можат да се направат понапредни и посложени контроли. Се разбира дека за тоа треба време да се разработи и сето тоа ќе биде имплементирано во наредната верзија на програмата. Значи, далечинскиот управувач што е објавен во ЕМИТЕР 3/04 дури тогаш ќе може да се употреби за контролирање на релеите од проектот во Е 1/05. (Д.Б.)
3. Предлогот за објавување неколку написи во кои ќе се објасни осцилоскопот, како главен инструмент за секој понапреден електроничар, е прифатлив и бил веќе разгледуван при редакциските планирања. Ни останува да "запнеме" и конечно да го подготвиме тој серијал. (С.Т.)
4. Уште пред една година во Редакцијата е зацртан план за изработка токму на еден таков уред. Во проектот ќе биде употребен микроконтролер, а за управување (контрола) на светлата ќе се употребува универзален далечински управувач. (Д.Б.)
П.С. Како што веројатно забележивте, проектот за овој уред е дел од овој број на ЕМИТЕР. (С.Т.)
5. Проблемот на акустичката повратна спрега (микрофонијата) е премногу сложен и непредвидлив за секоја просторија и за секој систем на озвучување, бидејќи во него учествуваат фреквенциските карактеристики на уредите и на просторијата, растојанијата помеѓу звучниците и микрофоните, нивните меѓусебни положби, нивните поларни карактеристики, нивните осетливости, присутниот аудиториум итн. Според тоа, решавањето на проблемот само со свртување на фазата на сигналот за 180о е невозможно – ако било тоа можно одамна ќе било апсолвирано и повратната спрега би била заборавена дека некогаш постоела. Ако се размислува во таа насока, тогаш свртувањето на фазата треба да се направи за тесниот опсег на фреквенции на кои доаѓа до појавата на спрегата, но тогаш се нарушува вкупната фреквенциска карактеристика. Тука се поставува и прашањето на кој сигнал би требало да му се сврти фазата: на сигнал од микрофонот или на звучникот? Без оглед на одговорот, свртувањето на фазата во стереофонијата ќе значи губење и на стереофонскиот, просторниот ефект на звукот што треба да пристигне до ушите на слушателот. (М.С.)
Во продолжение следи одговор и на вашите критики.
1) Точно е дека во проектот каде што е објавен TAIT PIC програматорот (ЕМИТЕР 4/03) не е наведено она што вие го посочувате. Проектот е разработуван подолго време пред да биде објавен во период кога авторот на проектот работел на компјутер со инсталиран оперативен систем Windows 98. Како и да е, во текстот е наведена веб-страницата на авторот Таит каде што можат да се најдат сите новитети и детали за програматорот, а во пакетот фајлови што го испраќа Редакцијата постои readme датотека во која е објаснето што треба да направат корисниците на NT базираните оперативни системи, како што се и Windows 2000/XP, за да може програматорот и програмата да работи. (Д.Б.)
2) Дел од темите во ЕМИТЕР (како и во другите популарни списанија за електроника) често пати се "повторуваат" за што има две главни причини кои ја оправдуваат таа постапка. Прво, кога одредени теми се објавени одамна и затоа се непознати и недостапни за новите читатели, а второ, кога станува збор за ново (различно) решение на истиот уред. Тоа е случај и со проектите кои ги спомнувате. Прво - тие се објавени пред 9-10 години и се непознати и недостапни за голем дел од читателите (голем дел од читателите немаат толкав "стаж", а тие броеви одамна се распродадени). Второ – станува збор за различни решенија: кај ФМ приемникот од 5/95 бирањето на станиците беше со променлив кондензатор (кој потешко се наоѓа), а во проектот од 12/04 е со потенциометар и варикап диода; а проектот за PC контрола на релеи од 1/05 содржи и бафери (со кои се подобрува сигурноста во рабоата) и готова програма за комјутерот, што не беше случај со проектот од 1-2/96. Со тоа, на читателите кои нè следат пократко време им понудивме интересни проекти кои за нив се "нови", а на читателите кои нè следат повеќе години им овозможивме да бираат кое од двете решенија за спомнатите уреди повеќе им одговара за самоградба. (С.Т.)
За да можете лесно да ги пребарувате содржините на старите броеви најлесно е да ги ископирате на посебни листови годишните индекси кои ги објавуваме во декемвриските броеви. Од помош може да ви биде и текст фајлот што ви го испраќам во атачментот, во кој се поединечните содржини на досега излезените броеви. (С.Т.)
Д. Јовановски, Д. Блажевски, М. Серафимовски, С. Таневски


Здраво редакцијо.
Ме заинтересира вашиот текст "Едноставна заштита за звучници" бидејќи го имам тој проблем. Имам компјутерски 5.1 звучки Logitec X-530 и немаат ни mute ниту stand-by функции и при вклучување се јавува струен удар. Притоа на сателитите се јавува веднаш, додека на басот со задоцнување од некои 2-3 секунди. Какви измени се потребни бидејќи се работи за 5.1 звучници и за напон директно од "штекер" или ќе може ли да ми посочите некоја друга шема.
Поздрав.
Дејан Стојчев, преку e-mail

Како што можете да забележите од електричната шема прикажана на слика 1 од написот "Едноставна заштита за звучници" (во ЕМИТЕР 5/05), на неа можат да се приклучат два излеза (канали), односно лев и десен. Во вашиот случај би требало да се приклучат три излеза. За да го постигнете тоа ќе ви биде потребен релеј со три контакти или треба да изработите две ППК заедно со релеите, едната ќе ја користите за сабвуферот, а другата за двата сателити. Пробајте, ако има простор да ја вградите заштитата во самото куќитше од сабвуферот. Притоа користитете го напојувањето од вградениот засилувач. Напојувањето на засилувачот најверојатно не е директно на 230V, како што наведувате. Тоа е изведено индиректно (преку трансформатор), со симетричен еднонасочен филтриран напон (отворете го куќиштето од сабвуферот и проверете !?). Ако во куќиштето нема простор, монтирајте ја заштитата во соодветна кутија на која ќе монтирате три конектори за влез и три конектори за излез, на кој ќе ги приклучите звучниците. Напојувањето на заштитата со соодветен кабел ќе го поврзете со напојувањето на засилувачот од сабвуферот, при тоа водејќи се со препораките од написот.
Во врска со посочување на некоја друга електрична шема, постојат повеќе електронски решенија за заштита на звучници, кои се помалку или повеќе сложени, а дел од нив биле претходно објавени во ЕМИТЕР, но како наједноставна и најприфатлива јас ја избрав оваа.
Славко Стојковски


Ми треба засилувач на сигналот за multiplex сигнал (MPX) за поголемо растојание од уред до уред, конкретно предавател и стереокодер. Бидејќи има слабеење на сигналот на растојание поголемо од 50 m, ми треба MPX засилувач, за на влезот од предавателот имам сигнал од 2V.
Благодарам.
Зоран Димовски

MPX-сигналот е стереокодиран сигнал за радиодифузија и има спектар од 15Hz до 53 kHz. Тоа значи дека некој аудиопредзасилувач со тој опсег и излезен напон од 2V може да послужи за негово засилување, на пример, реализиран со некој подобар операциски засилувач. Затоа ви препорачувам да го направите универзалниот предзасилувач опишан во ЕМИТЕР 9-12/2000, со тоа што елементите ќе ги пресметате земајќи влезната отпорност да биде 10-47k, fd=10-15Hz, fg=55-60kHz, а засилувањето да биде од 1 до 10 пати (во повратната врска може да ставите тример со кој експериментално ќе го нагодите потребното засилување). Употребете поквалитетен операциски засилувач, на пример, TL071, LM318 или некој сличен.
Слободан Таневски


Здраво!
Прво, голем поздрав до Редакцијата, одлично работите, се надевам, иако имате многу проблеми, ќе продолжите со издавањето на ова списание, кое претставува вистински "извор на знаења". Во проектот "100W транзисторски засилувач" од Е11/98, во делот во кој е опишано колото пишува:"... на местото на T4 сосема добро се вклопува транзисторот BC639, на кој не е ни потребно да се прицврсти тело за ладење". Го изработив засилувачот, проработи од прва, струјата во F2 (мирната струја) при краток спој на влезот, како што е наведено, изнесува 50mA, но BC639 значително се загрева во текот на работа при максимални оптоварувања. Дали проблемот е до транзисторот, или треба да барам повторно некој грешка во изработката? Однапред благодарам на вниманието.
Горан Илиевски

Транзисторот T4 работи во А-класа со мирна струја од околу 10mA, што значи дека во нормални услови моќноста на дисипација на овој транзистор изнесува околу 400mW. Според техничките податоци од производителот, максималната моќност на дисипација при температура на куќиштето од 90 Целзиусови степени изнесува 800mW, што е двојно повеќе од моќноста што ја дисипира T4 во наведениот проект. Сепак, идејата за монтирање на соодветен ладилник со мали димензии сметам дека е добра и препорачлива. Со тоа ќе го продолжите векот на траење на транзисторот и ќе ја намалите можноста од "прегорување" на калајот со кој е залемен овој транзистор на ППК и појавата на т.н. "ладен лем". Како ладилник може да се искористи некој од веќе постојните фабрички ладилници наменети првенствено за ладење на транзисторите сместени во металното куќиште TO-18.
Дејан Трпески


Здраво.
Голем поздрав до Редакцијата. Цареви сте. Алал да ви е. Имам неколку прашања, ама ќе одам по ред.
1. За жал, не сум ваш стар читател, ама од пред 2 год редовен! До сега не сум сретнал засилувач за гитара со поголема моќност (100-200W) доколку имате објавено ве молам известете ме.
2. Дали на обичен аудиозасилувач може да му се додаде предзасилувач за гитара? Имате ли објавено таков проект?
3. Го набавив ЕМИТЕР бр.3/98. Дали во проектот 500W излезен засилувач има грешки? Со ова прашање не сакам да ја искажам недовербата во вас, туку доколку случајно ги има да се поштедам себе си од непотребни материјални трошоци.
Горан Илиевски

Ви благодарам за пофалбите и се надевам дека и во иднина ќе се дружиме преку страниците на ЕМИТЕР.
1. Посебен гитарски засилувач со поголема моќност досега немаме објавено.
2. Гитарски засилувач со поголема моќност можете да добиете ако на некој моќен излезен степен, какви што имаме објавено во ЕМИТЕР повеќе пати, му додадете соодветен гитарски предзасилувач. Во таа насока ви препорачувам да го искористите предзасилувачкиот степен од проектот "Гитарски засилувач EGA 16W" објавен во ЕМИТЕР 3-4/96.
3. Во објавениот проект за 500W засилувач нема никакви грешки (како и во речиси сите наши проекти), меѓутоа мора да ви напоменам дека тој проект е наменет за поискусните електроничари. Со оглед на таа намена придружниот текст за помалку искусните електроничари нема да биде доволен за успешно завршување на работата. Затоа, ако немате доволни познавања и практични искуства од електрониката, не ви препорачувам да се нафаќате за изработка на тој засилувач. Туку наместо него да изработите некој засилувач во интегрирана техника со моќност од 50 до 150W (во последните 2-3 години објавивме неколку вакви проекти). Ако сепак се одлучите да го изработите 500W засилувач од Е3/98 тогаш, од голема помош може да ви бидат нашите одговори на многуте писма од читателите кои биле во врска со овој засилувач.
Ви посакувам успех.
Слободан Таневски