Прашања, предлози и критики

Здраво Емитер,
Јас сум ваш редовен читател (и редовен пишувач на писма), па еве неколку прашања во врска со одредени написи, како и малку критика (позитивна).
1) Во врска со уредот за комуникација преку 220 волтна мрежа од Е2/2000: Дали може да се направат некои измени, за на излезот да нема феритни лонци, затоа што навистина не можат да се најдат во продавниците (а не знам како изгледаат за да ги барам на отпад). На пример, дали може да се стави едно RC коло на излезот како високо пропусен филтер (на пример, со долна граница 90 kHz), со што ќе ги пропушта фреквенциите на сигналот кон мрежата, а тие од мрежата во обратна насока доволно ќе ги ослаби? Ако не може, ве молам објаснете ми зошто. Или, исто така, дали можат да се употребат оптокаплери, на некој начин?
2) Дали и на кој начин може да се искомбинираат далечинскиот управувач за PC од Е3/04 и контролата на релеи од Е1/05 за да се контролираат релеите со далечинско?
3) Во списанието многу малку е пишувано за осцилоскопот како мерен инструмент, освен во првите броеви, па ако може нешто повеќе да објасните за осцилоскопот – како работи и дали постои некоја можност за самоградба (на пример, од стар ТВ-приемник, или како A/D конвертор за PC). Точноста и мерниот опсег не мораат да бидат големи, но доволни за аматерска работа.
4) Еве еден интересен предлог за проект со микроконтролери, поврзан со моето второ прашање: Далечинска контрола на светла. Би било доста интересно (и егзотично) светлата дома да се контролираат со обичен универзален далечински управувач. Ваков сличен проект, само не со микроконтролери, имавте објавено во ЕМИТЕР 9/96 – "Далечински контролиран димер", но мислам дека тоа големо коло со декодер (кој патем тешко се наоѓа и е скап), компаратор, димер и многу други компоненти би ги заменил само еден микроконтролер.
5) Во бројот 2/99 претставивте уред – Profecta кој ја елиминира акустичната повратна спрега. Дали би се намалила до некоја граница повратната спрега ако само се сврти фазата на сигналот за 180 степени ?
Што се однесува до моите критики тие се:
1) Во проектот "PIC Програматор" требаше да наведете дека корисниците на WIN 2000/NT/XP (повеќето читатели ги користат токму овие оперативни системи) не можат директно да го користат софтверот кој го наведувате во проектот (на David Tait), како и сите други паралелни програматори, бидејќи наведените оперативни системи не дозволуваат контрола над паралелниот порт од страна на други апликации. Јас лично потрошив многу време за да откријам зошто мојот програматор не работи, а решението било многу едноставно - да се симне од Интернет dll фајл кој ќе го овозможи пристапот до паралелниот порт.
2) Мислам дека се повторувате со некои написи од старите броеви, како што беше FM радиоприемник од 12/04 – сличен приемник со истото интегрирано коло имавте во 5/95, исто така и со контролата на релеи од 1/05 - иста таква шема само без бафери имаше во 1-2/96.
И за крај, би ве замолил бидејќи ги имам сите броеви на ЕМИТЕР и кога ќе ми затреба некоја шема или напис тешко ми е да пребарувам по сите, дали може да ми пратите содржина на сите броеви на ЕМИТЕР, ако ја имате во електронска форма (нешто како збирна содржина што објавувате во секој декемвриски број)?
Поздрав,
Мартин Јанковски од Скопје

Еве ги одговорите на вашите прашања.
1. Доколку малку се потрудите, феритни лонци ќе пронајдете и на пазарот за стари работи во Скопје и кај некој поискусен пријател електроничар. Промените на колото кои ги предлагате ја менуваат концепцијата на уредот по што тоа би претставувало сосем ново решение кое треба прво да се проектира, а потоа и да се провери во пракса. Самите феритни лонци претставуваат воедно и одвојни трансформатори за поголема сигурност на корисниците. Оптокаплери не можат да се користат наместо феритните лонци. (Д.Ј.)
2. Верзијата на програмата којашто е објавена во ЕМИТЕР 1/05 нема имплементирана можност за прием на наредби од друга програма. Во нашата Редакција веќе постои идеја да се направи понапредна верзија на програмата со цел да можат да се направат понапредни и посложени контроли. Се разбира дека за тоа треба време да се разработи и сето тоа ќе биде имплементирано во наредната верзија на програмата. Значи, далечинскиот управувач што е објавен во ЕМИТЕР 3/04 дури тогаш ќе може да се употреби за контролирање на релеите од проектот во Е 1/05. (Д.Б.)
3. Предлогот за објавување неколку написи во кои ќе се објасни осцилоскопот, како главен инструмент за секој понапреден електроничар, е прифатлив и бил веќе разгледуван при редакциските планирања. Ни останува да "запнеме" и конечно да го подготвиме тој серијал. (С.Т.)
4. Уште пред една година во Редакцијата е зацртан план за изработка токму на еден таков уред. Во проектот ќе биде употребен микроконтролер, а за управување (контрола) на светлата ќе се употребува универзален далечински управувач. (Д.Б.)
П.С. Како што веројатно забележивте, проектот за овој уред е дел од овој број на ЕМИТЕР. (С.Т.)
5. Проблемот на акустичката повратна спрега (микрофонијата) е премногу сложен и непредвидлив за секоја просторија и за секој систем на озвучување, бидејќи во него учествуваат фреквенциските карактеристики на уредите и на просторијата, растојанијата помеѓу звучниците и микрофоните, нивните меѓусебни положби, нивните поларни карактеристики, нивните осетливости, присутниот аудиториум итн. Според тоа, решавањето на проблемот само со свртување на фазата на сигналот за 180о е невозможно – ако било тоа можно одамна ќе било апсолвирано и повратната спрега би била заборавена дека некогаш постоела. Ако се размислува во таа насока, тогаш свртувањето на фазата треба да се направи за тесниот опсег на фреквенции на кои доаѓа до појавата на спрегата, но тогаш се нарушува вкупната фреквенциска карактеристика. Тука се поставува и прашањето на кој сигнал би требало да му се сврти фазата: на сигнал од микрофонот или на звучникот? Без оглед на одговорот, свртувањето на фазата во стереофонијата ќе значи губење и на стереофонскиот, просторниот ефект на звукот што треба да пристигне до ушите на слушателот. (М.С.)
Во продолжение следи одговор и на вашите критики.
1) Точно е дека во проектот каде што е објавен TAIT PIC програматорот (ЕМИТЕР 4/03) не е наведено она што вие го посочувате. Проектот е разработуван подолго време пред да биде објавен во период кога авторот на проектот работел на компјутер со инсталиран оперативен систем Windows 98. Како и да е, во текстот е наведена веб-страницата на авторот Таит каде што можат да се најдат сите новитети и детали за програматорот, а во пакетот фајлови што го испраќа Редакцијата постои readme датотека во која е објаснето што треба да направат корисниците на NT базираните оперативни системи, како што се и Windows 2000/XP, за да може програматорот и програмата да работи. (Д.Б.)
2) Дел од темите во ЕМИТЕР (како и во другите популарни списанија за електроника) често пати се "повторуваат" за што има две главни причини кои ја оправдуваат таа постапка. Прво, кога одредени теми се објавени одамна и затоа се непознати и недостапни за новите читатели, а второ, кога станува збор за ново (различно) решение на истиот уред. Тоа е случај и со проектите кои ги спомнувате. Прво - тие се објавени пред 9-10 години и се непознати и недостапни за голем дел од читателите (голем дел од читателите немаат толкав "стаж", а тие броеви одамна се распродадени). Второ – станува збор за различни решенија: кај ФМ приемникот од 5/95 бирањето на станиците беше со променлив кондензатор (кој потешко се наоѓа), а во проектот од 12/04 е со потенциометар и варикап диода; а проектот за PC контрола на релеи од 1/05 содржи и бафери (со кои се подобрува сигурноста во рабоата) и готова програма за комјутерот, што не беше случај со проектот од 1-2/96. Со тоа, на читателите кои нè следат пократко време им понудивме интересни проекти кои за нив се "нови", а на читателите кои нè следат повеќе години им овозможивме да бираат кое од двете решенија за спомнатите уреди повеќе им одговара за самоградба. (С.Т.)
За да можете лесно да ги пребарувате содржините на старите броеви најлесно е да ги ископирате на посебни листови годишните индекси кои ги објавуваме во декемвриските броеви. Од помош може да ви биде и текст фајлот што ви го испраќам во атачментот, во кој се поединечните содржини на досега излезените броеви. (С.Т.)
Д. Јовановски, Д. Блажевски, М. Серафимовски, С. Таневски