Почитувана Редакцијо,
Со нетрпение го очекував и со внимание го прочитав написот "Направи сам картинг" и сега почнав да се подготвувам да го изработам. На почеток сакам да разрешам некои дилеми со ваша помош. Прво, шасијата која е прикажана во првото продолжение ми изгледа малку пресложена, затоа што се состои од два дела, горна и долна платформа кои се направени од многу парчиња што треба прецизно да се заварат. Ме интересира зошто шасијата е од две платформи кога сите картинзи што сум ги видел имаат шасија од една платформа. Дали е тоа заради зголемување на цврстината? Дали може да ја направам само долната платформа, но со подебели цевки за да се зачува цврстината? Ова ме интересира бидејќи планирам мојот картинг да го опремам со посилен мотор, па се прашувам дали шасијата на Тоги 1 може да издржи посилен мотор и поголеми брзини? Во таа насока, дали имате сознанија која е максимална снага на моторот што може да се вгради и која е максималната дозволена брзина? Дали имате направено такви проби и испитувања?
Тоа би било сè засега. Ве молам одговорете ми што поскоро - нетрпелив сум да почнам со изработката.
Поздрав од Зоран Тодоровски
Најнапред, пожелно е сите продолженија од написот "Направи сам картинг" добро да ги прочитате и проучите, сè со цел да имате преглед на целиот картинг, а не само на еден негов дел како што е шасијата која беше објавена во ЕМИТЕР 1/05. Тоа е само првиот од вкупно четирите продолженија за изработката на картингот. А сега за вашите прашања:
1. Има повеќе причини зошто шасијата е од две платформи од кои во едната група причини спаѓаат конструктивните (поставување на предните тркала, поставување на задната оска, естетика,..... а сето тоа да е што поедноставно и поевтино), а другата причина е добивањето на потребната крутост на шасијата во вертикална рамнина со оглед дека е направена од тенки цевки. Начинот на нејзиното формирање со заварување на повеќе кратки цевки намерно е одбран за да може да се направи (изведе) во домашна аматерска работилница. Другата опција беше со виткање на цевките кое мора да оди на машина за виткање на цевки, при што се одбиваат потенцијалните самоградители од правењето на картингот.
2. Не ви препорачувам интервенција (преправање) на шасијата, затоа што подоцна ќе има големи проблеми со поставувањето на другите склопови од кои е направен картингот, на шасијата. Или, со други зборови кажано: измената на шасијата повлекува измени на целиот проект што е еквивалентно на проектирање на нов картинг. Картингот што го правите според проектот од ЕМИТЕР не мора и не треба да личи на веќе видените (постоечките) картинзи. Значи, шасијата може да се направи и со една подебела цевка, меѓутоа треба да се води сметка за она што го имам претходно кажано. Се разбира, ризикот за таа измена е ваш.
3. Картингот ТоГи 1 може да "издржи" и поголеми (посилни) мотори. Горниот лимит е мотор со силина од 9 КС. Максималната брзина која е постигната при тестирањето на ТоГи 1, при што управливоста на картингот беше сигурна, е 65 km/h. Слободно вградете посилен мотор (максимум до 9 КС) со кој ќе добиете и поголема максимална брзина, но максималната брзина на картингот, заради сигурност, не смее да е поголема од 50 km/h. При ова водете сметка за преносниот однос на ланчаниот пренос, а типот и димензиите на ланецот да се соодветни за посилниот мотор.
Томе и Гиго Скендеровски
Здраво!!!
Јас сум редовен читател на ЕМИТЕР (барем досега), но бев многу разочаран кога ја видов цената на последниот број на ЕМИТЕР (1/05), која беше повисока за 50 денари, а тие пари не се малку.
Порано списанието беше супер, но како поминува времето сè е полошо и полошо. Исто така, бев разочаран кога пред неколку години (од 2000 ми се чини) во составот на списанието беа додадени уште неколку области, како, на пример, астрономија, физика, математика и сл. Не дека не чини да има списание со толку многу области, но сепак во 80 страници не може да се објават доволно информации за толку области. Мое мислење е дека ЕМИТЕР треба да се раздели на две списанија, иако тоа е поскапо и поризично решение, а друго решение е да се отфрлат некои области.
Ова е само мое лично мислење и не мора да е точно, но сепак мислам дека списанието беше многу поквалитетно кога беше посветено само на електрониката, информатиката и сл.
Александар, од Прилеп
Навистина не можам да се изначудам кога после толку мои објаснувања на оваа тема сè уште има читатели кои даваат вакви коментари и предлози. Вие како редовен читател би требало да сте добро запознаени со причините поради кои настана трансформацијата на ЕМИТЕР. Но, очигледно или не сте ги читале моите уреднични коментари ниту, пак, нашите одговори на вакви слични писма или, пак, не можете да ја разберете реалноста во врска со ЕМИТЕР. Затоа во атачментот ви го испраќам уводникот од бројот 9/03 во кој ќе најдете подетален одговор на вашите замерки и предлози, а овде ќе ги потенцирам само најсоголените факти:
1. Стариот "електроничарски" ЕМИТЕР немаше доволно читатели (електроничари) ниту спонзори (фирми од областа на електрониката).
2. Еден период успевавме да се одржиме благодарејќи на помошта од Соросовата фондација и благодарејќи на нашиот ентузијазам, но кога таа помош престана, а никако не успевавме да добиеме помош од државата, моравме да се откажеме бидејќи ЕМИТЕР носеше само загуба, а многу работа.
3. Колку што ви е вам жал за згаснувањето на стариот ЕМИТЕР уште повеќе ми е жал мене - не заборавајте дека јас сум електроинженер-електроничар и основач на тој ЕМИТЕР, којшто сум го основал токму заради љубовта кон електрониката. Меѓутоа, кога нешто не оди не можеме на сила да го одржуваме, туку мора да гледаме напред.
4. Затоа се "роди" новиот ЕМИТЕР кој благодарејќи на многуте нови содржини стекна повеќе читатели и повеќе спонзори, а во него сè уште најголем дел е посветен на електрониката и сродните дисциплини. Со други зборови кажано: постоењето на другите рубрики во ЕМИТЕР го овозможува и постоењето на рубриката "електроника" за која Вие сте заинтересирани - ако нив ги нема ќе го нема ни ЕМИТЕР.
5. Заради претходно кажаното стариот ЕМИТЕР не може да се врати ниту, пак, доаѓа предвид поделба на "електроничарски ЕМИТЕР" и "ЕМИТЕР за останати области".
6. За да ви биде појасно, ќе ви обрнам внимание и на тоа дека во светски рамки во последниве 10-15 години списанијата за електроника не поминуваат добро на пазарот и многу од нив престанаа да излегуваат. Така, на пример, во Велика Британија од 7 списанија за електроника, колку што излегуваа во 80-тите години во минатиот век, сега излегуваат само 2, а во САД од 3 сега излегува само 1. Кога во такви богати и повеќемилионски држави не може да опстане списание за електроника илузорно е тоа да биде можно во Македонија.
7. На крај, за зголемената цена на бројот 1/05 и вашата разочараност од тоа. За тие 180 денари (50 денари плус од нормалната цена) вие го добивте ЕМИТЕР со 60-тина страници содржини од науката и техниката од кои 38 се од електрониката и сродните дисциплини (што е повеќе од кој било број од "старите" ЕМИТЕР-и), добивте плус книгичка од 50 страници за микрофони (а тие спаѓаат во електрониката, нели?), добивте голем каталог на Сони (за електронски производи) и добивте нацрти за самоградба на картинг (кои на запад се продаваат обично за 100 долари). Ако сметате дека сето тоа е малку за 180 денари, тогаш тие пари подобро потрошете ги на 2-3 пијалаци во кафуле или на неколкуминутен разговор преку мобилен телефон :-).
Слободан Таневски
Здраво ЕМИТЕР,
Емитер го читам уште од средношколските денови и секогаш ми се наоѓа при рака за некој проект, практичен совет или едноставно да се потсетам на некои работи кои сум ги заборавил. Едноставно речено, ЕМИТЕР е списание што трае. Деновиве прелистував по старите броеви и пронајдов еден куп работи што не ме интересирале додека бев средношколец, а сега се одлично надградување на моето знаење од практичната електроника.
Причината поради која ви го праќам ова писмо е "Цртање шеми во CorelDRAW" од 4/99. Се прашувам дали сè уште може да се добие библиотеката на електронски симболи? Ако може,би сакал да ми ја испратите по e-mail.
Ви благодарам.
Поздрав, Гоце Груевски
Ми причинува задоволство тоа што вие сте задоволен од ЕМИТЕР.
Бараната библиотека за цртање шеми во Корел, заедно со библиотеката за цртање плочки (за што пишувавме во ЕМИТЕР 11/03) се во атачментот на e-mail пораката.
Слободан Таневски
Поздрав до Емитер
Ми треба адаптер за boss-педали, а пошто истите се над 50 евра решив да го правам. Барав на интернет некоја шема за boss psa-120 или aca-120, ама можев да најдам само слики. Ме интересира што се толку посебни boss-адаптерите што се по 50 евра и дали имате некоја шема за истите, а ако не – дали би одговарало да се направи со IC 7809 или нешто слично.
Русин Џундев
Адаптерите на Бос за гитарски ефекти најверојатно по ништо не се посебни така што ќе можете лесно самите да го изработите. Како почетен податок потребни се напонот и максималната струја која адаптерот треба да ја даде на излезот, а нив ќе ги откриете од стариот адаптер или од самиот гитарски ефект. Најчесто потребен напон е 9 волти и струја од редот на стотина милиампери. Според тоа адаптерот може да го направите со трансформатор со секундар од 9-12V / 3W, грецов спој, електролитски кондензатор од 470-1000 микрофаради и стабилизатор со ИК 7809 со придружните филтерски кондензатори. За овие стабилизатори повеќе пати е пишувано во ЕМИТЕР па верувам дека нема да имате никакви проблеми при реализацијата.
Слободан Таневски