Почитувана Редакцијо,
Со нетрпение го очекував и со внимание го прочитав написот "Направи сам картинг" и сега почнав да се подготвувам да го изработам. На почеток сакам да разрешам некои дилеми со ваша помош. Прво, шасијата која е прикажана во првото продолжение ми изгледа малку пресложена, затоа што се состои од два дела, горна и долна платформа кои се направени од многу парчиња што треба прецизно да се заварат. Ме интересира зошто шасијата е од две платформи кога сите картинзи што сум ги видел имаат шасија од една платформа. Дали е тоа заради зголемување на цврстината? Дали може да ја направам само долната платформа, но со подебели цевки за да се зачува цврстината? Ова ме интересира бидејќи планирам мојот картинг да го опремам со посилен мотор, па се прашувам дали шасијата на Тоги 1 може да издржи посилен мотор и поголеми брзини? Во таа насока, дали имате сознанија која е максимална снага на моторот што може да се вгради и која е максималната дозволена брзина? Дали имате направено такви проби и испитувања?
Тоа би било сè засега. Ве молам одговорете ми што поскоро - нетрпелив сум да почнам со изработката.
Поздрав од Зоран Тодоровски
Најнапред, пожелно е сите продолженија од написот "Направи сам картинг" добро да ги прочитате и проучите, сè со цел да имате преглед на целиот картинг, а не само на еден негов дел како што е шасијата која беше објавена во ЕМИТЕР 1/05. Тоа е само првиот од вкупно четирите продолженија за изработката на картингот. А сега за вашите прашања:
1. Има повеќе причини зошто шасијата е од две платформи од кои во едната група причини спаѓаат конструктивните (поставување на предните тркала, поставување на задната оска, естетика,..... а сето тоа да е што поедноставно и поевтино), а другата причина е добивањето на потребната крутост на шасијата во вертикална рамнина со оглед дека е направена од тенки цевки. Начинот на нејзиното формирање со заварување на повеќе кратки цевки намерно е одбран за да може да се направи (изведе) во домашна аматерска работилница. Другата опција беше со виткање на цевките кое мора да оди на машина за виткање на цевки, при што се одбиваат потенцијалните самоградители од правењето на картингот.
2. Не ви препорачувам интервенција (преправање) на шасијата, затоа што подоцна ќе има големи проблеми со поставувањето на другите склопови од кои е направен картингот, на шасијата. Или, со други зборови кажано: измената на шасијата повлекува измени на целиот проект што е еквивалентно на проектирање на нов картинг. Картингот што го правите според проектот од ЕМИТЕР не мора и не треба да личи на веќе видените (постоечките) картинзи. Значи, шасијата може да се направи и со една подебела цевка, меѓутоа треба да се води сметка за она што го имам претходно кажано. Се разбира, ризикот за таа измена е ваш.
3. Картингот ТоГи 1 може да "издржи" и поголеми (посилни) мотори. Горниот лимит е мотор со силина од 9 КС. Максималната брзина која е постигната при тестирањето на ТоГи 1, при што управливоста на картингот беше сигурна, е 65 km/h. Слободно вградете посилен мотор (максимум до 9 КС) со кој ќе добиете и поголема максимална брзина, но максималната брзина на картингот, заради сигурност, не смее да е поголема од 50 km/h. При ова водете сметка за преносниот однос на ланчаниот пренос, а типот и димензиите на ланецот да се соодветни за посилниот мотор.
Томе и Гиго Скендеровски