Здраво ЕМИТЕР!!!
Имам едно прашање за свртницата од звучникот Hi-Fi 120W. Знам дека дебелината на жицата се пресметува како корен од половина од струјата, но како да ја најдам струјата што ќе тече низ тој калем и низ другите калеми? Нетрпеливо чекам одговор.
Милан Коцевски

Формулата d = √(I/2) е само приближна и воопшто не одговара на потребите во нашиов случај - конструирање на калем за свртница. Во ваков случај единствено правилно е дебелината на жицата да се пресметува според два потполно независни критериуми - отпорноста на калемот и оптималната густина на струјата во жицата. Откако ќе ја пресметаме дебелината на жицата независно и по двата критерума, ја одбираме поголемата дебелина на жицата од пресметаните две. Најчесто, најважна е отпорноста на калемот, која не би требало да биде поголема од 0,8 оми за 8-омски звучник, односно 0,4 оми за 4-омски звучник.
Преметката за дебелината на жицата според густината на струјата се базира на термичкиот еквилибриум (рамнотежна состојба) при загревањето на жицата (калемот) заради протокот на струјата и природното ладење. За да не загазиме непотребно во големи пресметки, можеме да го искористиме податокот дека сите светски познати производители на калеми употребуваат жица дебела 1,2 mm за моќности до 300 W, точно 1 mm за моќности до 150 W и 0,85 mm за моќности до 100 W. При ова, мора да се гледа отпорноста на калемот, бидејќи калеми со многу голема индуктивност имаат и голема отпорност! Во такви случаи се користи феритно јадро или јадро од трафо-лимови.
Значи, во нашиот случај (120 W) доволно е да се користи жица дебела 1 mm, но при тоа отпорноста на калемот не смее да надмине 0,8 оми за 8-омски звучник, односно 0,4 оми за 4-омски звучник. Ако ја надминува оваа вредност, тогаш мора да се земе подебела жица.
Јачината на струјата која тече низ калемот за бас-звучникот се пресметува според формулата I = √(P/Z), каде P е моќноста во вати, а Z е номиналната импеданса на звучникот. За нашиов случај се добива максимална струја од 3,9 A за 8-омски звучник, односно 5,5 A за 4-омски звучник. Како што гледате, формулата d = √(I/2) дава преголема дебелина на жицата - дури 1,4 mm за 8-омски звучник, односно 1,7 mm за 4-омски звучник!
Сето претходно кажано за дебелините на жиците се однесуваат само за калеми за бас-звучници. Низ калемите за среднотонците тече приближно двојно помала струја (точната вредност зависи од вкрстувачката фреквенција), додека кај калемите за високотонците тече приближно десет пати помала струја (повторно зависи од фреквенцијата). Тоа значи дека единствен критериум за дебелина на жицата за калемите за среднотонците и високотонците е отпорноста на калемот - и ништо друго! Затоа калемите за високотонците се мотаат со тенка жица.
Владимир Филевски


Почитувана редакцијо!
Се сложувам со некои од работите од вашиот одговор на моето претходно писмо. Но, мислам дека бројот на написите од областа на електрониката треба да се зголемат. Ако тие се зголемат, воопшто не е проблем списанието да ја зголеми својата цена. А што се однесува до мене, јас продолжувам и натаму да го купувам ова списание, затоа што сум негов читател од првиот број. И ретко кој може да каже дека ги има сите ЕМИТЕРИ комплетно собрани и сочувани.
Иван Тодоровски преку е-маил

Особено нè радува Вашата желба и понатаму да го купувате и читате ЕМИТЕР! Ние секогаш внимаваме на предлозите и критиките на читателите, со цел да го направиме ЕМИТЕР уште подобар. Иако сакаме да ги задоволиме желбите за повеќе електроника (особено честа желба на старите "електроничарски" читатели на ЕМИТЕР), принудени сме да го задржиме сегашниот обем на текстови од областа на електрониката, заради ограничениот број на страници. Сепак, напоменуваме дека бројот на страници наменет за електроника, аудио/видеотехника, телекомуникации и информатика е приближно еднаков (некогаш повеќе, некогаш помалку) на "стариот" ЕМИТЕР од пред 2001 година, така што старите читатели ништо не изгубиле!
Исто така, и овој пат мораме да повториме дека "стариот" ЕМИТЕР згасна токму поради недоволен број на читатели-електроничари и огласувачи од електроничарските фирми, така што сите електроничари (и читатели и фирми) може само да бидат благодарни на тоа што најдовме начин како ЕМИТЕР да продолжи со излегување и при тоа во него значајно место да биде одвоено за електрониката. Сите овие работи детално се објаснети во уводникот во ЕМИТЕР 9/03, па Ве упатувам да го препрочитате.
Се надеваме дека и во следните броеви на ЕМИТЕР ќе бидете задоволни од квалитетот на проектите и ќе најдете интересни теми од електрониката и од сите други научни и технички области. Ви благодариме на интересирањето.
Владимир Филевски


Здраво ЕМИТЕР, однапред ви се заблагодарувам, супер сте продолжете така. Имам едно прашање до вас!!! Стробоскопот што го имате објавено го имам направено и работи добро, но не ми е доволна светлината и времето на трепкање многу е кратко 5-10 секунди. Знам дека е за домашна употреба и за тоа го користам. Дали ќе може некако да ја засилам светлината, затоа што не е како оригинална блиц ламба кога ќе почне да трепка, или пак да ми испратите некоја шема или да ја објавите во списанието, па да ме известите.
Креизе Креизе преку e-mail.

Што се однесува до силината на светлината, треба да употребите посилна блиц ламба со соодветно трафо, како што пишува во текстот. Електронското коло ќе ги поддржи сите видови на блиц ламби што се употребуваат за фотоапаратите, а за помоќни блиц ламби, ќе треба сами да проверите дали ќе можат да работат на ова коло. Што се однесува на времетраењето на трепкањето тоа сами треба да го лимитирате на околу десеттина секунди, бидејќи таквата светлина зашеметува. И во дискотеките за да се постигне ефектот во моментот на работење се гасат другите светлосни ефекти, а времетраењето не е долго колку што си замислувате вие.
За да се намали греењето, употребете делови со поголема моќност, вградете го уредот во кутија со отвори за вентилација. Со помоќни стробоскопски шеми моментално не располагаме, кога ќе дојдеме до нив ќе ги објавиме, а вие следете го ЕМИТЕР па ќе бидете во тек со настаните.
Драган Јовановски