Здраво ЕМИТЕР!
Поздрави, желби и честитки нема да пишам, бидејќи имам пишано за тоа многу пати досега (го следам ЕМИТЕР одамна). Имам неколку прашања и желби:
1. За омекнувачот на вода од Е4/99 - како да се анализира третираната вода со цел да се согледаат промените што се случиле под дејство на уредот? Целта ми е да се третира водата за пиење. Општина Кавадарци има доста тврда вода за пиење, па имам идеја за практична примена на цел водоводен систем, со согласност на општина Кавадарци, секако.
2. Би сакал проект за конструкција на децибелметар за мерење на бучавата.
3. Проект за звучници за surround sound system, со цел да се направи функционална целина.
4. Имам два TDA7295. Може ли овие да се употребат на место TDA 7294 и какви промени се потребни во претходно објавените проекти?
5. Во Е1/99 кажавте дека Simsonic GF 620 S се доволно добри (за парите) звучници. Кои се неговите Thiele-Small параметри и да ми предложите некој соодветен високотонец? Или проект за звучна кутија со овој бас? Убаво би било и проект за звучна кутија со поквалитетните (и поскапи секако) U.S. Blaster драјвери.
Многу поздрави и само напред,
Александар Тефов,
од Кавадарци

1. При изработката на овој уред пред сè се водевме од емпириските искуства на нашите претходници. Теоријата за "омекнување" на водата со магнетно поле, не се базира на отстранување на варовникот, туку на менување на неговата "кристална решетка". Во основа се менува формата на молекулот со што се намалува таложењето на ѕидовите на цевките. Ова не може да се измери со инструмент, барем не со инструментите со кои ние располагаме, ама може емпириски да се провери после одреден број работни часови со и без уредот. Дејството, како што е објаснето и во текстот, зависи од фреквенцијата на магнетното поле и од јачината на магнетното поле. Двата параметри треба да се одредат емпириски за системот во кој што сакате да го користите. Се надевам дека одговорот барем малку ви ги разјаснува работите и ви даде слика за ефектите од употребата на уредот. Сепак се сомневам дека може да се направи таков уред кој би можел да ја "омекнува" водата во цел градски водовод. Списанието и понатаму го задржува правото да се огради од било каква одговорност во однос на ефектите од користењето на овој уред.
Коста Карпузовски

2. Проект за фонометар (мерач на звучен притисок) бил предмет на неколку редакциски состаноци. Се надевам дека таков проект наскоро ќе успееме да реализираме и објавиме.
3. Surround звучнички систем се состои од: централен звучник, еден пар предни звучници, еден пар задни (ефект) звучници и еден сабвуфер (subwoofer). Потребно е сите звучници (освен сабвуферот) да имаат сличен звук - не мора да се идентични меѓусебе, но сепак тоа најлесно се постигнува ако се идентични. Така, можете да користите два пара најобични hi-fi звучници за surround. Но, заради потребата централниот звучник да биде непосредно над или под екранот, тој обично е во хоризонтална положба. Заради близината до телевизорот, централниот звучник не смее да има големо истечно магнетно поле, т.е. мора и високотонецот и бас/среднотонецот да бидат со оклопен магнет или со втор магнет за компензација, залепен на задната плоча од звучникот. Досега не ми паднале во рака доволно квалитетни, а евтини вакви звучници. Но, ако налетам на такво нешто, сигурно ќе објавам еден таков проект во ЕМИТЕР.
4. Нема потреба од никакви промени, единствено треба да се внимава максималниот напон на напојувањето да биде помал од ±34 V за 8 ома, односно ±26 V за 4 ома звучник.
5. Еве ги Thiele-Small параметрите за Simsonik GF 620 S: fs=43,9 Hz; Qts=0,7; Vas=19,6 литри; Le=1,095 mH; Re=7,7 ома; SPL=85 dB/1m/1W. Може да се направи компресиона звучна кутија со 15-20 литри внатрешен волумен, целосно дампирана. Задолжителна е RC компензацијата на импедансата на бас-звучникот, за да може да се користат теоретските формули за пасивна свртница! За бас-звучникот препорачувам филтер од втор ред (12 dB/октава), со вкрстувачка фреквенција 3 kHz или 3,5 kHz ("Пасивни свртници за звучни кутии" од Е 1-2/96 и Е 3-4/96). Изборот на високотонци е многу слаб, а од оние кои ги измерив во последно време најдобар се покажа BOTS DT1040F кој можете да ги купите во "БТ Електроник". Се разбира, кај вака евтините високотонци често се појавуваат варијации во квалитетот на изработката, па можно е да налетате и на помалку квалитетни примероци од истиот високотонец. За да го избегнете тоа, препорачувам да направите филтер за високотонецот сличен на оној од проектот Midi TL (Е 7-8/2006), па тој филтер да го приклучите на засилувач и CD плеер, па да испробате неколку вакви високотонци на лице место во "БТ Електроник". Изберете ги оние два високотонца кои даваат на уво најчист звук.
Сигурно дека во некој следен број на ЕМИТЕР ќе има некој проект за звучнички систем со драјвери од US Blaster - следете нè!
Владимир Филевски


Ми треба малку помош околу проектот од ЕМИТЕР број 7-8/05 Моќен инвертор од 12Vdc на 230Vac. Имам неколку прашања:
1) Дали отпорникот R1 треба да биде краткоспојник, или отпорник PTC како што е наведено во списанието. На неколку места каде што го побарав отпорникот PTC ме прашуваат дали да е со 2 или 3 извода и кое според вас, во овој случај, е најдоброто решение?
2) Во текстот стои дека за да се добие 50 Hz имате употребено сериска врска од 3 отпорници. Во случајот тоа е R9, дали сериската врска е со цел да се добие отпорник од 16k9или се потребни три отпорници од 16,9 килооми (која отпорност на постои). Ако е сериската врска за да се добие отпорник од 16k9 дали може да се употребат три отпорници од 5k5 со што ке се добие 16k5?
3) Дали високоефикасната лед диода LD1 со карактеристики 1000 кандели од 5mm може да се употреби за овој проект? Ако не може, која е најсоодветна?
4) Дали кондензаторите C6 и C10 може да се за над 100V? Ако тоа не е можно, која волтажа би била посоодветна.
Ви благарам однапред за одговорот. Проектов ми е одбран за семинарска работа за четврта година.
Иван Мирчевски

1. Ако се потрудевте подобро да го проучите написот, ќе забележевте дека PTC отпорникот не може да биде краткоспојник во никој случај. Може да биде обичен отпорник, но тогаш нема да постои заштитата од прегревање. Инаку, на слика 4 убаво се гледа дека е со два извода.
2. Тоа добро сте го забележале (впрочем, истото е напоменато во текстот) сериската врска за R9 е само затоа да се добие бараната отпорност, а начинот на кој ќе ја добиете вредноста изберете го сами, единствено е важно да биде точната вредност. Би било интересно да ни кажете каде ги најдовте отпорниците од 5k5.
3. Во принцип, можете да користите која сакате лед диода, но без да ја менувате вредноста на отпорникот R8 (како што пишува во текстот). Ако светлината што таа ќе ја даде ги задоволува вашите критериуми, тогаш е сè во ред, а ако е слаба обидете се со друг тип на лед диода.
4. Кондензаторите C6, C10 можат да бидат со кој било повисок работен напон од оној на кој се приклучени (12 волти), но зошто да плаќате повеќе и да користите толкави габарити? Ако треба само одговор, тој би бил: да, може да се користат кондензатори со повисок работен напон.
5. НАЈВАЖНО: …. Можеби овој проект и нема да ви одговара во потполност со оглед на природата на прашањата што ги поставивте.
Драган Јовановски


Здраво Емитер !
Сакав да ве прашам каде можам да набавам каталог за модели на авиони и едрилици, со ценовник и перформанси?Дали можат овие модели да се набават од Авиоклубот во Скопје?
Благодарам однапред...
Иле Мешков, преку e-mail

Доколку се интересирате за RC, односно Радиоконтролирани модели на авиони (оние што имаат моторче и летаат) најдобро е да контактирате со претседателот на Аероклубот Скопје, Дејан Саздановски, преку кого можете да набавите секакви материјали и модели. Доколку, пак, се работи за макети на авиони, истите можат да се набават во Рамстор, Матица македонска, Ексима (ГТЦ) и Панккомерц во Аеродром. Во Рамстор и Панккомерц можат да се набават макети од корејскиот производител Academy, додека во Матица македонска и Ексима макети од производителите Revell, Italeri и Zvezda.
Марјан Трајков


Почитувана Редакцијо,
Ве молам да ми одговорите на следново прашање.
Во текстот "Полнач на NI-MH батерии" во ЕМИТЕР број 2/05 имате наведено дека полначот може да се користи за батерии од 1000 mA до 2300 mA.Јас имам купено четири батерии од 2500mA, па бидејќи сакав да го изработам, Ве прашувам дали ќе одговара со него да се полнат NI-MH батерии од 2500 mA, и ако не може дали со мали измени на колото ќе може да се користи како таков.
Ви благодарам однапред ,
Редовен читател на ЕМИТЕР,
Христијан Гроздановски
од Скопје.

Пред да Ви одговорам на прашањето, би сакал само малку да го допрецизирам. Во случајов станува збор за капацитет на одреден тип на батерии, а не струја, како што Вие сте се изразиле. Затоа суфиксот до вредноста на батеријата (mA) треба да се замени со mAh. Значи, прашањето треба да биде: "Дали со полначот кој е објавен во ЕМИТЕР бр. 2/05 можат да се полнат батерии со капацитет од 2500mAh, иако полначот е предвиден за полнење на батерии со капацитет од 2300mAh". Одговорот е "Да". При полнење на батерии со номинален капацитет од 2500mAh само за малку ќе се продолжи времето на полнење за околу 9% од потребното време за полнење на батериите со помал капацитет. Ако сакате да го намалите времето на полнење во соодветен временски износ, треба процентуално да се зголеми струјата на полнење. Тоа ќе го постигнете ако се намали вредноста на отпорникот R1 на 0,65 оми На ваков начин само малку ќе се зголеми дисипацијата на колото IC1, но сепак нема потреба од промена на телото за ладење, ниту промена на серискиот транзистор T1, кој е доволно сатуриран и нема да ја зголеми дисипацијата значително. Други промени или нагодувања на полначот за полнење на батерии со капацитет од 2500mAh или поголем не се потребни.
Петар Аврамовски


Ме интересира дали лед бројачот за вртежи од ЕМИТЕР 9-12/2к може да се изработи во варијанта за кола со 2 цилиндра и максимум 4500 вртежи и, ако може, како?
Никола Николовски

Бројачот на вртежи со лед индикација може да се приклучи на секој мотор (или која било машина) од кој може да се излече информација за бројот на вртежи во облик на низа од импулси со амплитуда не помала од 3V во однос на заедничката точка на напојувањето (приклучок M), при напојување на бројачот од најмалку 9V. Вредностите на елементите во диодната пумпа во фреквентно-напонскиот конвертор IC1 (LM 2917N-8) се одредуваат со формула 1 и формула 2;
каде што U<sub>OUT</sub> е напонот на излез на фреквентно-напонскиот конвертор, кој треба да се движи помеѓу 0V и 5,36V; U<sub>REF</sub> е референтен напон на фреквентно-напонскиот конвертор, кој изнесува приближно 7,5V; N1 е бројот на вртежи на моторот во минута, а N2 е бројот на цилиндри на моторот. Конкретно за мотор со два цилиндра, димензионирање на елементите се врши според формула 3
Постапката за нагодување е идентична, со таа разлика што вредностите дадени во табела 2 не важат, а падот на напон на отпорникот R6 се одредува од формула 4 каде што f<sub>G</sub> е фреквенцијата на импулсите што се носи на влез на фреквентно-напонскиот конвертор (приклучок P). Ако, на пример, максималниот број на вртежи на моторот во минута е 4000, а фреквенцијата на импулсите е 50Hz, со тримерот P1 на отпорникот R6 треба да се нагоди пад на напон од 4,02V.

Конкретна пресметка се прави според формула 3 каде се внесуваат следните познати вредности:

U<sub>OUTmax</sub>=5,36V; U<sub>REF</sub>=7,5V; N1<sub>max</sub>=4500v/min; N2=2; C5=22nF => R4 < 433k < R4+P1
усвоено:
R4=390k < 433k
P1=100k, => R4+P1=490k > 433k
Нагодување: бројачот поврзете го со трансформатор за ѕвоно како што е прикажано на слика 5 (на тој начин ќе добиете f<sub>G</sub>=50Hz) и со тримерот P1 на отпорникот R6 нагодете пад на напон од 3,57V.
Георги Ефтимов


Имам едно прашање во врска со проектот "100W гитарски засилувач". Вие имате понудено кај напојувањето да се употреби 150W трансформатор. Јас имам 200W трансформатор и ми предложија да ги сменам излезните транзистори. Наместо понудените 4 јас сакам да употребам BD249 и BD250, за да го издржат напонот од трансформаторот кој е 2 x 30V. Моето прашање е дали 200W трансформатор ќе влијае на уште нешто друго од колото?
Однапред благодарам.
Николај Митрески, преку e-mail

Пред да го дадам одговорот на вашето прашање, сакам да напоменам дека треба до крај да го проследите проектот "Гитарски засилувач", а неговиот крај ќе биде во наредниот број на ЕМИТЕР, па потоа правете измени и преправки!
Во врска со напојувањето на засилувачот, напоменав дека за излезно оптоварување од 4 ома треба да употребите трансформатор со минимална моќност од 150W, што значи дека можете да употребите трансформатори со поголема моќност (но во тој случај погледнете ја економската страна.... ?!). За оптимална работа на засилувачот, во дадениов случај напојувањето треба да биде Us=±35V<sub>DC</sub>, но тој ќе работи и со напојување од Us=±40V<sub>DC</sub>. Во тој случај единствена измена се отпорниците од предзасилувачот R18 и R19 кои треба да бидат со вредност од 820ома/2W.
Прашајте го вашиот пријател кој ви ги предложи транзисторите BD239C/BD240C (треба на крајот да имаат ознака C) во што се разликуваат со предложените TIP35C/TIP36C? Се разбира, нема никаква разлика освен цената - TIP35C/TIP36C се поевтини!
Славко Стојковски