Омекнувач на звук

Здраво ЕМИТЕР!
Поздрави, желби и честитки нема да пишам, бидејќи имам пишано за тоа многу пати досега (го следам ЕМИТЕР одамна). Имам неколку прашања и желби:
1. За омекнувачот на вода од Е4/99 - како да се анализира третираната вода со цел да се согледаат промените што се случиле под дејство на уредот? Целта ми е да се третира водата за пиење. Општина Кавадарци има доста тврда вода за пиење, па имам идеја за практична примена на цел водоводен систем, со согласност на општина Кавадарци, секако.
2. Би сакал проект за конструкција на децибелметар за мерење на бучавата.
3. Проект за звучници за surround sound system, со цел да се направи функционална целина.
4. Имам два TDA7295. Може ли овие да се употребат на место TDA 7294 и какви промени се потребни во претходно објавените проекти?
5. Во Е1/99 кажавте дека Simsonic GF 620 S се доволно добри (за парите) звучници. Кои се неговите Thiele-Small параметри и да ми предложите некој соодветен високотонец? Или проект за звучна кутија со овој бас? Убаво би било и проект за звучна кутија со поквалитетните (и поскапи секако) U.S. Blaster драјвери.
Многу поздрави и само напред,
Александар Тефов,
од Кавадарци

1. При изработката на овој уред пред сè се водевме од емпириските искуства на нашите претходници. Теоријата за "омекнување" на водата со магнетно поле, не се базира на отстранување на варовникот, туку на менување на неговата "кристална решетка". Во основа се менува формата на молекулот со што се намалува таложењето на ѕидовите на цевките. Ова не може да се измери со инструмент, барем не со инструментите со кои ние располагаме, ама може емпириски да се провери после одреден број работни часови со и без уредот. Дејството, како што е објаснето и во текстот, зависи од фреквенцијата на магнетното поле и од јачината на магнетното поле. Двата параметри треба да се одредат емпириски за системот во кој што сакате да го користите. Се надевам дека одговорот барем малку ви ги разјаснува работите и ви даде слика за ефектите од употребата на уредот. Сепак се сомневам дека може да се направи таков уред кој би можел да ја "омекнува" водата во цел градски водовод. Списанието и понатаму го задржува правото да се огради од било каква одговорност во однос на ефектите од користењето на овој уред.
Коста Карпузовски

2. Проект за фонометар (мерач на звучен притисок) бил предмет на неколку редакциски состаноци. Се надевам дека таков проект наскоро ќе успееме да реализираме и објавиме.
3. Surround звучнички систем се состои од: централен звучник, еден пар предни звучници, еден пар задни (ефект) звучници и еден сабвуфер (subwoofer). Потребно е сите звучници (освен сабвуферот) да имаат сличен звук - не мора да се идентични меѓусебе, но сепак тоа најлесно се постигнува ако се идентични. Така, можете да користите два пара најобични hi-fi звучници за surround. Но, заради потребата централниот звучник да биде непосредно над или под екранот, тој обично е во хоризонтална положба. Заради близината до телевизорот, централниот звучник не смее да има големо истечно магнетно поле, т.е. мора и високотонецот и бас/среднотонецот да бидат со оклопен магнет или со втор магнет за компензација, залепен на задната плоча од звучникот. Досега не ми паднале во рака доволно квалитетни, а евтини вакви звучници. Но, ако налетам на такво нешто, сигурно ќе објавам еден таков проект во ЕМИТЕР.
4. Нема потреба од никакви промени, единствено треба да се внимава максималниот напон на напојувањето да биде помал од ±34 V за 8 ома, односно ±26 V за 4 ома звучник.
5. Еве ги Thiele-Small параметрите за Simsonik GF 620 S: fs=43,9 Hz; Qts=0,7; Vas=19,6 литри; Le=1,095 mH; Re=7,7 ома; SPL=85 dB/1m/1W. Може да се направи компресиона звучна кутија со 15-20 литри внатрешен волумен, целосно дампирана. Задолжителна е RC компензацијата на импедансата на бас-звучникот, за да може да се користат теоретските формули за пасивна свртница! За бас-звучникот препорачувам филтер од втор ред (12 dB/октава), со вкрстувачка фреквенција 3 kHz или 3,5 kHz ("Пасивни свртници за звучни кутии" од Е 1-2/96 и Е 3-4/96). Изборот на високотонци е многу слаб, а од оние кои ги измерив во последно време најдобар се покажа BOTS DT1040F кој можете да ги купите во "БТ Електроник". Се разбира, кај вака евтините високотонци често се појавуваат варијации во квалитетот на изработката, па можно е да налетате и на помалку квалитетни примероци од истиот високотонец. За да го избегнете тоа, препорачувам да направите филтер за високотонецот сличен на оној од проектот Midi TL (Е 7-8/2006), па тој филтер да го приклучите на засилувач и CD плеер, па да испробате неколку вакви високотонци на лице место во "БТ Електроник". Изберете ги оние два високотонца кои даваат на уво најчист звук.
Сигурно дека во некој следен број на ЕМИТЕР ќе има некој проект за звучнички систем со драјвери од US Blaster - следете нè!
Владимир Филевски