Здраво ЕМИТЕР!
Веднаш ќе ве прашам. Зошто во проектот "PIC програматор" мора за напојување да се користи 17V? Нели може, на пример, да се приклучи на 12V и ако не зошто? Ако веќе мора 17V, кажете како изворот (еднонасочен од 12V) што го имам најлесно да го претворам во 17V? Исто така, сакам да прашам дали во тој проект диодата D1 (1N4001) може да се замени со 1N4007?
Многу ви благодарам.
Зоран Т., преку e-mail.

Напонот за напојување од 17V е потребен поради две причини. Најпрво, на влезот во колото постои диода којашто напонот ќе го намали за 0,6V. Значи, веќе по диодата (ако е сè во ред) ќе постои напон од околу 16,4V. Од друга страна, влезот на стабилизаторот 7812 треба да биде повисок за најмалку 3V од неговиот излез. Поради двете диоди поврзани на неговиот заеднички извод, овој стабилизатор на излезот наместо 12V дава стабилен напон од 13,2V, па затоа потребен му е напон на влезот од минимум 16,2V. Поради сето ова напонот за напојување не смее да биде помал од 17V, но без проблеми може да биде поголем за неколку волти.
Изворот за напојување од 12V кој го имате може да се преправи да дава 17V, така што би се зголемил бројот на навивките на секундарната страна на трансформаторот, но таа постапка не е лесна и во случајов не е оправдана. Имено, поради малата потрошувачка на PIC програматорот поедноставно е и поевтино е да направите нов насочувач со излезен напон помеѓу 17 и 24V, со помош на мал мрежен трансформатор од 5VA и секундарен напон од 15 до 18V, грецов спој за 0,5-1A и филтерски кондензатор од 470 до 1000 µF/25V.
Наместо диодата 1N4001 слободно може да ставите 1N4007, бидејќи вторава има исти карактеристики, но издржува многу поголем напон.
Добре Блажевски-Доц


Здраво!
Јас сум Мишко. Ученик сум во IV година електро-струка и редовно го читам ЕМИТЕР и сакам да ве прашам нешто. Сакам да поврзам еден хард диск преку USB со мојот компјутер.
Дали може DATA кабелот којшто влегува во тврдиот диск да има USB излез? Поточно, на едната страна (влезот) да биде стандарден, а излезот да биде со USB? Дали постои некоја шема за вакво поврзување и дали би можеле да ми ја пратите по мејл.
Ви благодарам однапред,
Мишко Михајлов, од Охрид.

Колку што Ве разбрав, Вие сакате некој хард диск да можете да го шетате ваму-таму, притоа поврзувајќи го преку USB.:-) Решение постои. За ова ќе Ви биде потребна една Хард Диск кутија (не сум сигурен како и беше трговското име, HD RACK или слично), која на излез има USB-приклучок. Поврзувањето со PC се изведува без некои дополнителни софтверски инсталации. Само го приклучувате на USB и веднаш машината го регистрира како Removable Disk. Полесно - здравје, исто како да приклучувате флеш-меморија. Имајте предвид дека за Rack-от ќе Ви биде потребно дополнително напојување. Не надевајте се дека HD ќе работи на самиот USB-напон :-) Вакво нешто можете да најдете во некоја од локалните PC-продавници. Цената се движи околу 1500 (±200) ден. Пред купувањето земете предвид каков HD имате, ATA или SATA?!
Петар Димоски


Почитувани,
Кај Теслиниот трансформатор од Е4/06 пишува дека должината на цевката за примарната намотка на слика 6 изнесува 280mm, а кај списокот на потребен материјал дека изнесува 200 mm? Да не се мисли 180 mm, бидејќи должината на цевката на слика 7 од око ми изгледа толкава?
Мац преку e-mail.

Должината на цевката за примарот е небитна, важна е само должината на примарната намотката и височината на која таа е намотана, а тоа прецизно е покажано на сликата 6. Непрецизноста, на која укажувате, настанала како резултат од експериментирање за утврдување на бројот на навивки за примарот, почнувајќи од 40 навивки, намотани на цевка долга 280 mm. Но, кога го утврдивме точниот број навивки на 26, оптимални за резонанција на системот, непотребниот дел од цевката неколку пати го кратевме поради естетика, така што крајната вредност беше 200mm, како што е наведено во списокот на потребен материјал. Сепак, цевката од горната страна може да биде и подолга, со што би се подобрила изолацијата помеѓу примарот и секундарот и би се оневозможило искрење меѓу нив.
Петар Лагудин


Здраво ЕМИТЕР!
После подолга пауза, повторно јас со неколку прашања!
1. Во проектот hi-fi звучник TRANS 6.5 во ЕМИТЕР 7-8/03 е употребен бас/среднотонец TSS WF166D100 (од кај Електро-Ваце) со мембрана од кевлар. Мене желбата ми е да ставам повеќе вакви звучници (2 или 3), а кутијата да биде висока и тенка - не мора да е трансмисиона линија, може да е бас-рефлекс или компресиона, не ми е толку важно. Важно е да се изведе со подобар квалитет на звукот, но многу ми е битно да бидат 2 или 3 бас/среднотонци и еден или колку и да е потребно високотонци. Би ве замолил да ми ги пратите измените кои би требало да ги направам за да го изведам ова.
2. Сакам да направам subwoofer со помош на звучникот Pioneer TS-W306C со една намотка, но како што се информирав тој звучник е замислен да работи во кола, а не за дома?! Каква е разликата од звучник за во кола и звучник за домашна употреба? Дали овој звучник можам некако да го направам за да го користам дома и дали би ми помогнале околу овој проект на звучна кутија за subwoofer? Или би ми предложиле да ја изработам кутијата според нацртот што ќе го добијам со проспектот кога ќе го купам звучникот?
3. Сакам да ги сместам во звучна кутија TSS звучниците (од кај Електро-Ваце) со црвена мембрана 12" – не знам точно кој модел се?! Би сакал да ми помогнете и околу овој проблем или пак да објавите можеби проект на ваков тип на звучник комбиниран со хорна!
Благодарам однапред,
Влатко Попоски, преку e-mail

Повеќе пати имам напишано и нагласено дека бројот (квантитетот) на звучниците (т.е. звучнички единици) треба да биде сведен на апсолутниот минимум, за да може да се добие максималниот квалитет, особено кога станува збор за проект за звучник (т.е. звучнички систем) кој треба да биде евтин. Со други зборови: наместо три евтини бас/среднотонски звучници, далеку подобро решение е еден поскап, а со тоа и поквалитетен бас/среднотонец. Но, со оглед на многу слабиот избор на звучници (т.е. звучнички единици) кај нас во праксата овој добронамерен совет повеќе прилега во сферите на теоријата. Сепак, суштината на овој совет важи и понатаму - не е можно да се исполни вашата желба за "подобар квалитет", ако сакате да го употребите истиот тој евтин бас/среднотонец, па макар и три пати. Квалитетот ќе остане ист. Исто така, не е можно да се добие "тенка и висока кутија", кога наместо еден, сакате да ставите три такви звучници. Со тоа ќе добиете дебела и висока кутија, бидејќи волуменот на кутијата мора да биде три пати поголем. Да се вратиме во реалноста: три бас/среднотонци не можат да се поврзат меѓусебно на некој прифатлив начин (во однос на вкупната импеданса). Подобро решение е: два паралелно врзани бас/среднотонци, а исто така и два паралелно врзани TSS високотонци (заради нивната ниска ефикасност). Во тој случај звучничкиот систем ќе има еквивалентна импеданса од 4 ома. Единствен тип на звучна кутија која доаѓа предвид за вакви евтини бас-звучници со висок Qts параметар е трансмисиона линија.
До тука сè е едноставно и јасно, но вистинските проблеми дури сега започнуваат - старата свртница нема да функционира со новата конфигурација, дисперзијата на високите тонови ќе се намали заради употребата на два високотонца (или треба да се одбере некој друг високотонец, со повисока ефикасност), а потребна е и нова, двојно поголема кутија. Всушност, треба "од нула" да се прави цел нов проект, а тоа воопшто не е лесна работа. Ако сакате во ЕМИТЕР да се појави овој проект, јавете се во нашата редакција за понатамошен договор.
2. Тој што ви кажал дека бас-звучникот Pioneer TS-W306C е проектиран само за автомобил и не може да работи дома, не знае ама баш ништо од оваа област! Исто така, сигурно е дека не чита ЕМИТЕР. Како што веќе имам напишано во некои постари броеви на ЕМИТЕР, звучниците наменети за вградување во автомобил се идентични на оние за домашна употреба, освен што издржувааат големи промени на влага и температура - што е нормална појава во внатрешноста на автомобилот. Всушност, постојат два вида на бас-звучници проектирани за употреба во автомобил: со висок Qts параметар и со (релативно) низок Qts параметар. Автомобилските бас-звучници со висок Qts параметар се наменети само за вградување на плоча (онаа зад задните седишта), но исто така можат да се употребат дома, вградени повторно во отворена плоча, со што се добива дипол-звучник (погледнете го само енормно скапиот домашен hi-fi звучник Jamo Reference R 909, на нивната интернет-страница www.jamo.com)! Оние автомобилски бас-звучници кои имаат (релативно) низок Qts параметар се наменети за вградување во најнормална звучна кутија - иста онаква како за дома! Фабриката Pioneer своите бас-звучници редовно ги произведуваше во овие две варијанти, така што моделите со суфикс (наставка) C имаат релативно низок Qts параметар и се наменети за вградување во звучна кутија. За бас-звучникот Pioneer TS-W306C препорачувам бас-рефлекс звучна кутија со 55 литри внатрешен волумен и бас-рефлекс цевка долга 270 mm и со 106 mm внатрешен дијаметар (стандардна пластична цевка за канализација со надворешен Ø110 mm). Во принцип, за домашна употреба не ги препорачувам проектите на звучните кутии кои фабриките за автомобилски бас-звучници ги нудат за употреба во автомобил, бидејќи таквите звучни кутии намерно се проектирани да бидат што помали (што е сосема разбирливо, со оглед на малиот слободен волумен во автомобилот), но на штета на длабочината на басовите.
3. А што ако тие звучници со црвена мембрана имаат најлош звук на светот? Избор на бас-звучник само врз основа на бојата на мембраната е најкусиот пат до катастрофа. Понатаму, не знам зошто ви е потребна хорна (високотонска, претпоставувам) со тој бас-звучник? Ако случајно сте го планирале како евтин звучник за гласни журки или можеби за озвучување, заборавете на тоа - ваквите евтини бас-звучници ги немаат ниту елементарните потребни квалитети за такво нешто. Пратете ни подетални информации што сакате да постигнете со тој звучник и за која намена би го користеле. Претходно дознајте го моделот на тој звучник!
Владимир Филевски


Почитувани,
Ако може некој од вашите добри познавачи или програмери да ме информира, дали PC со инсталиран стандарден XP има сопствена програма, некој вид архива, во која се набележани сите активности (дејствија) направени на тој компјутер во определен ден? Конкретно, дали (и како) може да се утврди дали неавторизирано лице "чепкало" по компјутерот?
Поздрав,
Драган Стојановски

Доколку Event Log сервисот е активен на вашиот компјутер, со десен клик на иконата My Computer одберете ја опцијата Manage. Со кликнување на плусот експандирајте го делот каде што пишува Event Viewer. Во Application, Security и System ќе ги најдете сите информации кои се однесуваат на настани што се случиле или извршиле на вашиот компјутер со време, датум, тип, корисник и многу други детални информации. Исто така, со малку иницијатива, на интернет можете да најдете многу програмчиња кои ја логираат секоја активност што се случува на вашиот компјутер. Доколку се сомневате дека некој ви чепка по вашиот компјутер, заштитете го со добра лозинка, и од кориснички и од администраторски аспект. Поздрав :-)
Драган Јованоски

Се сомневам дека во XP има такво парче софтвер вграден во САМИОТ оперативен систем. Јас одамна не користам XP па затоа не можам 100% да тврдам. Доколку ве интересира дали некој фајл бил "чепкан" можете на самиот file да направите десен клик и Properties и во делот означен accessed ќе видите кога последен пат е пристапувано до вашите податоци.
Доколу навистина сакате понатаму да се заштитите и да бидете сигурен дека никој нема да ги "чепка" програмите и податоците, време е да си инсталирате некое сериозно програмче кое ќе ви биде "бинарен ангел-чувар" :-)
Еве неколку сугестии од мене:
1) Доколку имате некој одреден фолдер (папка) во кој имате лични податоци и кој не сакате да биде виден и прелистуван од другите корисници на компјутерот, тогаш можете да инсталирате програма од типот на FolderLock. Резултатот ќе биде следниов: Фолдерот со податоците ќе биде невидлив сè додека не се стартува програмчето Folder Lock и не се внесе коректната лозинка. По стартувањето ќе видите две копчиња "Lock" и "Unlock" и веќе е повеќе од јасно кое копче што прави. Корисничкиот интерфејс е направен така што дете од 5 години може да се снајде :-)
2) На некој од веб-пребарувачите обидете се да пребарувате софтвер со клучни зборови "record PC events". Уште подобро би дошло ако пребарувате заедно со зборчето "Free". Вака можеби ќе имате среќа и ќе "закачите" некоја бесплатна верзија од некој програм, во спротивно од програмчето што ќе го симнете ќе бидете осуден на 30-дневно заморување од типот "This is unregistered version ...бла бла бла.." :-)
Во секој случај каква било програма добро ќе ви дојде, важно е да го фатите натрапникот којшто го пика "носот" во вашите податоци.
Можете да се обидете со програмата "EZ Macros".
Со неа можете да правите разни автоматски случувања на вашето PC.
3) Одете на www.winguardpro. com и преземете го програмчето.
Премиум верзијата дава поголема заштита, меѓутоа и со основната "Free" верзија ќе завршите работа.
4) Доколку не сакате да симнувате нови програмчиња искористете го стариот добар WinZip. Фолдерот кој сакате да го заштитите компресирајте го во zip архива и ставете му password. Оригиналот избришете го. Вака вашите податоци се донекаде заштитени (на интернет постојат WinZip разбивачи на лозинки).
Ова ви го препорачувам доколку податоците во фолдерот сакате да ви стојат "замрзнати" и да не ги модифицирате многу често. Доколку сакате да прегледате некој од податоците, тогаш не е проблем, внесувате password и ќе ви се отвори на екран, но ако модифицирате нешто во фајлот (датотеката), тогаш ќе имате мало проблемче :-(
Се надевам дека бев од помош,
Петар Димоски