Звучници за по дома

Здраво ЕМИТЕР!
После подолга пауза, повторно јас со неколку прашања!
1. Во проектот hi-fi звучник TRANS 6.5 во ЕМИТЕР 7-8/03 е употребен бас/среднотонец TSS WF166D100 (од кај Електро-Ваце) со мембрана од кевлар. Мене желбата ми е да ставам повеќе вакви звучници (2 или 3), а кутијата да биде висока и тенка - не мора да е трансмисиона линија, може да е бас-рефлекс или компресиона, не ми е толку важно. Важно е да се изведе со подобар квалитет на звукот, но многу ми е битно да бидат 2 или 3 бас/среднотонци и еден или колку и да е потребно високотонци. Би ве замолил да ми ги пратите измените кои би требало да ги направам за да го изведам ова.
2. Сакам да направам subwoofer со помош на звучникот Pioneer TS-W306C со една намотка, но како што се информирав тој звучник е замислен да работи во кола, а не за дома?! Каква е разликата од звучник за во кола и звучник за домашна употреба? Дали овој звучник можам некако да го направам за да го користам дома и дали би ми помогнале околу овој проект на звучна кутија за subwoofer? Или би ми предложиле да ја изработам кутијата според нацртот што ќе го добијам со проспектот кога ќе го купам звучникот?
3. Сакам да ги сместам во звучна кутија TSS звучниците (од кај Електро-Ваце) со црвена мембрана 12" – не знам точно кој модел се?! Би сакал да ми помогнете и околу овој проблем или пак да објавите можеби проект на ваков тип на звучник комбиниран со хорна!
Благодарам однапред,
Влатко Попоски, преку e-mail

Повеќе пати имам напишано и нагласено дека бројот (квантитетот) на звучниците (т.е. звучнички единици) треба да биде сведен на апсолутниот минимум, за да може да се добие максималниот квалитет, особено кога станува збор за проект за звучник (т.е. звучнички систем) кој треба да биде евтин. Со други зборови: наместо три евтини бас/среднотонски звучници, далеку подобро решение е еден поскап, а со тоа и поквалитетен бас/среднотонец. Но, со оглед на многу слабиот избор на звучници (т.е. звучнички единици) кај нас во праксата овој добронамерен совет повеќе прилега во сферите на теоријата. Сепак, суштината на овој совет важи и понатаму - не е можно да се исполни вашата желба за "подобар квалитет", ако сакате да го употребите истиот тој евтин бас/среднотонец, па макар и три пати. Квалитетот ќе остане ист. Исто така, не е можно да се добие "тенка и висока кутија", кога наместо еден, сакате да ставите три такви звучници. Со тоа ќе добиете дебела и висока кутија, бидејќи волуменот на кутијата мора да биде три пати поголем. Да се вратиме во реалноста: три бас/среднотонци не можат да се поврзат меѓусебно на некој прифатлив начин (во однос на вкупната импеданса). Подобро решение е: два паралелно врзани бас/среднотонци, а исто така и два паралелно врзани TSS високотонци (заради нивната ниска ефикасност). Во тој случај звучничкиот систем ќе има еквивалентна импеданса од 4 ома. Единствен тип на звучна кутија која доаѓа предвид за вакви евтини бас-звучници со висок Qts параметар е трансмисиона линија.
До тука сè е едноставно и јасно, но вистинските проблеми дури сега започнуваат - старата свртница нема да функционира со новата конфигурација, дисперзијата на високите тонови ќе се намали заради употребата на два високотонца (или треба да се одбере некој друг високотонец, со повисока ефикасност), а потребна е и нова, двојно поголема кутија. Всушност, треба "од нула" да се прави цел нов проект, а тоа воопшто не е лесна работа. Ако сакате во ЕМИТЕР да се појави овој проект, јавете се во нашата редакција за понатамошен договор.
2. Тој што ви кажал дека бас-звучникот Pioneer TS-W306C е проектиран само за автомобил и не може да работи дома, не знае ама баш ништо од оваа област! Исто така, сигурно е дека не чита ЕМИТЕР. Како што веќе имам напишано во некои постари броеви на ЕМИТЕР, звучниците наменети за вградување во автомобил се идентични на оние за домашна употреба, освен што издржувааат големи промени на влага и температура - што е нормална појава во внатрешноста на автомобилот. Всушност, постојат два вида на бас-звучници проектирани за употреба во автомобил: со висок Qts параметар и со (релативно) низок Qts параметар. Автомобилските бас-звучници со висок Qts параметар се наменети само за вградување на плоча (онаа зад задните седишта), но исто така можат да се употребат дома, вградени повторно во отворена плоча, со што се добива дипол-звучник (погледнете го само енормно скапиот домашен hi-fi звучник Jamo Reference R 909, на нивната интернет-страница www.jamo.com)! Оние автомобилски бас-звучници кои имаат (релативно) низок Qts параметар се наменети за вградување во најнормална звучна кутија - иста онаква како за дома! Фабриката Pioneer своите бас-звучници редовно ги произведуваше во овие две варијанти, така што моделите со суфикс (наставка) C имаат релативно низок Qts параметар и се наменети за вградување во звучна кутија. За бас-звучникот Pioneer TS-W306C препорачувам бас-рефлекс звучна кутија со 55 литри внатрешен волумен и бас-рефлекс цевка долга 270 mm и со 106 mm внатрешен дијаметар (стандардна пластична цевка за канализација со надворешен Ø110 mm). Во принцип, за домашна употреба не ги препорачувам проектите на звучните кутии кои фабриките за автомобилски бас-звучници ги нудат за употреба во автомобил, бидејќи таквите звучни кутии намерно се проектирани да бидат што помали (што е сосема разбирливо, со оглед на малиот слободен волумен во автомобилот), но на штета на длабочината на басовите.
3. А што ако тие звучници со црвена мембрана имаат најлош звук на светот? Избор на бас-звучник само врз основа на бојата на мембраната е најкусиот пат до катастрофа. Понатаму, не знам зошто ви е потребна хорна (високотонска, претпоставувам) со тој бас-звучник? Ако случајно сте го планирале како евтин звучник за гласни журки или можеби за озвучување, заборавете на тоа - ваквите евтини бас-звучници ги немаат ниту елементарните потребни квалитети за такво нешто. Пратете ни подетални информации што сакате да постигнете со тој звучник и за која намена би го користеле. Претходно дознајте го моделот на тој звучник!
Владимир Филевски