Здраво,
Бидејќи во вашето списание од секогаш имало луѓе полни со ентузијазам, би сакал да ми помогнете во мојот ентузијастички проект.
Пред неколку недели купив Sony MiniDV камера. Има опција Night Mode и со помош на IR диода, која е лоцирана на предниот дел од камерата, помага да се генерира слика и при светлина од 0Lux. Забележав дека кога е вклучена опцијата night mode кога ќе притиснам на далечинскиот управувач се гледа светлина. Зедов неколку IR диоди кои ги имав, ги приклучив на еден адаптер и пробав, генерирав светлина, но никако таа да биде појака или барем иста како на камерата. Па затоа би ве замолил доколку можете да ми помогнете и да ми кажете, на пример, кој модел на IR диода би можел да генерира најголема светлина, на колку волти да ја приклучам, со каква батерија да напојувам, дали е подобро да ставам повеќе диоди, на пример, 10 и дали да ги поврзам паралелно или сериски. Исто така, дали треба да залемам уште некоја компонента или само така да ги спојам со напојување.
Однапред ви благодарам,
Иван Ивановски, X-net.
Инфрацрвените LED диоди имаат пад на напон Ud од 1,2 до 1,5 V и издржуваат најмногу 20 mA (има и појаки, но тие се специјални). Целата финта е во брановата должина која ја емитира LED диодата - таа треба да биде меѓу 750 и 850 nm, бидејќи пред CCD сензорите од видеокамерите има вградено филтер кој го блокира инфрацрвениот спектар, особено над 850 nm. Треба да се одбере LED диода со мал агол на зрачење, на пример, 30 степени, за да се постигне доволно силна концентрација на снопот. Може да се користат повеќе диоди сериски поврзани, за да се постигне посилна "светлина".
ЗАДОЛЖИТЕЛНО мора да се користи отпорник, сериски поврзан со групата сериски приклучени диоди!
Формула за пресметка на отпорникот во случај на сериско врзани диоди:
R=(Ubat-nUd)/0,02;
каде што Ubat е напонот на батеријата, Ud е падот на напонот на една диода (околу 1,2 волти), n е бројот на сериско врзани диоди, а 0,02 е 0,02 ампери, односно 20 mA. Формулата дава резултат за R во оми. Треба да се одбере следната наредна вредност од стандардните вредности за отпорници. Моќноста на отпорникот треба да биде поголема од R•I², т.е. поголема од R•0,0004.
Се разбира, напонот на батеријата Ubat мора да биде поголем или барем еднаков на вкупниот пад на напон на диодите n•Ud! Пример: 10 диоди од по 1,2 волти се вкупно 12 волти, значи батеријата мора да биде најмалку 12 волти!
Ако саката да приклучите повеќе IR диоди, а немате доволно висок напон, тогаш може да поврзете паралелно неколку гранки на сериски врзани диоди, но секоја гранка да си има свој отпорник за ограничување на струјата. На прикажаната слика е даден пример за поврзување на 16 IR диоди на напон од 12V.
Владимир Филевски
Здраво ЕМИТЕР,
Пред некое време се одлучив да го изработам уредот за комуникација преку 220V мрежа, но се јави проблем. Имено мене ми треба да изработам неколку (вкупно 5) вакви уреди и да ги поставам на различни локации во домот. Проблемот е следниов: дали и како би можело да се изработи повикување на некој од уредите. Да речеме: јас се наоѓам во една соба и треба да го повикам уредот кој се наоѓа, да речеме, во гаража. Нешто како домофоните на зградите само што повикувањето би требало да може да биде од било кој уред кон било кој друг, а не само од еден кон останатите. Значи ако имам 5 уреди на секој од нив би имал по 5 тастери за повикување.
Бидете поздравени и сè најдобро
Душко Јаневски преку e-mail
Проблемот за кој што говорите може да се реши на следниот начин. Како прво треба да изработите пет комплетни уреди, мислам на пет предаватели и пет приемници. Секој од предавателите треба да има по четири тримери (бидејќи нема да комуницира со својот приемник) на шемата означени како P1 чиј што долен крај е поврзан со пинот 6 од IC2 и кондензаторот C8 преку соодветен посебен прекинувач или преклопник а не тастер како што пишувате во прашањето, бидејќи повикување со тастер бара дополнително логичко коло кое ќе ја усложни градбата на таков комплетен уред и засега не е предмет на поширока заинтересираност.
Нагодувањето би одело по следниот начин. Прво сите тример потенциометри кај предавателите се поставуваат во почетна положба спротивно од движењето на стрелките од часовникот. Потоа се нагодуваат носечките фреквенции од првиот предавател и првиот негов прекинувач со вториот приемник, вториот прекинувач и тримерот се поместуваат понапред за да ја одминат наместената фреквенција од вториот приемник и се нагодуваат со третиот приемник... и така со сите четири прекинувачи од првиот предавател. Приемниците повеќе не се поместуваат. Сега со вториот предавател и поединечно со неговите прекинувачи и тримери ги пронаоѓаме кај приемниците и така до крај, притоа мора да забележувате за да знаете кој прекинувач со кој приемник комуницира. Табела 1 која оди во продолжение со одговоров ќе ви помогне во комбинирањето.
Тоа би било во врска со комуницирањето помеѓу поединечни места. Треба да се напомене дека истовремена врска од повеќе предаватели со едно приемно место би било проблематично.
За повикување на избраното место може да се користи тонски сигнал кој ке се вметне на минусот од кондензаторот C7 кај предавателот но нивото на сигналот ќе мора да биде адаптиран спрема осетливоста на IC2 бидејќи негово препобудување ќе предизвика нестабилна носечка фреквенција.
Драган Јовановски
Почитувани,
Кај Теслиниот трансформатор од Е4/06 пишува дека должината на цевката за примарната намотка на слика 6 изнесува 280mm, а кај списокот на потребен материјал дека изнесува 200mm? Да не се мисли 180mm, бидејќи должината на цевката на слика 7 од око ми изгледа толкава?
Мац преку e-mail.
Должината на цевката за примарот е небитна, важна е само должината на примарната намотката и височината на која таа е намотана, а тоа прецизно е покажано на сликата 6. Непрецизноста, на која укажувате, настанала како резултат од експериментирање за утврдување на бројот на навивки за примарот, почнувајќи од 40 навивки, намотани на цевка долга 280 mm. Но, кога го утврдивме точниот број навивки на 26, оптимални за резонанција на системот, непотребниот дел од цевката неколку пати го кратевме поради естетика, така што крајната вредност беше 200mm, како што е наведено во списокот на потребен материјал. Сепак, цевката од горната страна може да биде и подолга, со што би се подобрила изолацијата помеѓу примарот и секундарот и би се оневозможило искрење меѓу нив.
Петар Лагудин
Здраво ЕМИТЕР!!!
Имам еден проблем и ќе ве молам ако можеме заеднички да го решиме!!
Имам компјутер со TV out, но телевизорот нема скарт туку само стандарден антенски влез. Ве молам ако имате шема или некој линк со шема да ми пратите, за да можам ТВ-излезот од компјутерот да го приклучам на стандардниот антенски влез на ТВ.
Однапред Ви благодарам
Стојче Стојанов
Поврзувањето на компјутерот со телевизорот преку антенскиот влез не е препорачливо поради лошиот квалитет на сликата. Ако немате друго решение, тогаш јас би ви препорачал да набавите некој половен видеорикордер (со механички дефект) и истиот да го искористите за ТВ-модулатор. Секој видеорикордер поседува видеовлез (Video In) преку посебен приклучок или во состав на SCART приклучокот, што значи поврзувањето со компјутерот нема да претставува проблем.
Друго решение е самоградбата на посебен ТВ-модулатор заедно со извор за напојување. Во тој случај можете да го направите проектот "РФ-модулатор" од ЕМИТЕР бр. 2/99. Тој број, ако го немате, можете да го нарачате од редакцијата, а исто така од редакцијата за него можете да нарачате и плочка со печатено коло (ППК).
Дејан Трпески
Здраво,
Се јавувам во врска со вашиот проект "Генератор на висок напон" објавен во Емитер бр. 2/2006. Интересен проект што ме предизвика да го направам - ги купив деловите, со тоа што од Логин електроник место тиристорот BRX46 ми дадоа замена P 0102 кој мислам дека не е соодветен, затоа што уредот воопшто не проработи. Ме интересира каде може да се набави BRX 46 или некоја адекватна замена, т.е. од каде вие го набавивте, затоа што јас низ цел град го барав но нема таков тиристор, па не би сакал оваа, иако не скапа инвестиција, да ми остане недовршена.
Однапред благодарам на одговорот.
Зоран Трајковски, преку e-mail.
Здраво,
Се јавувам по втор и последен пат по e-mail откако претходно имав неколку телефонски јавувања до вашата редакција со надеж дека ќе ми биде одговорено на едно прашање, макар и со негативен одговор. Мислам дека сте сериозно списание и за тоа и ве купував, но изненаден сум од ваквиот однос, бидејќи кога веќе има информација за нешто, истата треба да биде поткрепена со факти за места каде можат да се купат елементите од некој проект во Македонија или Скопје.
Срдечен поздрав со надеж дека ќе ми биде одговорено барем на ова прашање,
Зоран Трајковски, преку e-mail.
Почитуван г-не Трајковски,
Одговорот на поставените прашања за генераторот на висок напон од ЕМИТЕР 2/06 сè уште не сте го добиле поради повеќе причини:
1. Авторот на проектот имаше многу обврски во фирмата каде што е вработен, а во последниов период е на повеќедневно службено патување.
2. Сите останати причини можете да ги дознаете во истиот број на ЕМИТЕР (2/06) во рубриката "Писма" на страниците 78-79.
А сега следи мојот одговор на дел од она што прашувате:
Тиристорот BRX46 е брз тиристор предвиден за напони до 100V, струја до 0,8A, Igt<0,2mA, Ih<5mA и време на спроведување 8 микро секунди. Според ова, можете да го замените со некој друг тиристор кој има слични карактеристики, на пример: BRX51....BRX56 или BRY55/100....BRY55/800. Сите овие податоци можевте да ги дознаете самите од некој каталог за електронски елементи, и без нас да нè прашувате. Ако таков каталог немате, тогаш сте можеле да погледнете во каталозите кои ги има во сите продавници за електронски материјали.
Што се однесува до тоа каде го има спомнатиот тиристор не би можел да ви кажам - соработникот не е тука да го прашам од каде тој го купил (а можеби и го извадил од некоја стара плочка?), а немаме ни време да се јавуваме и да прашуваме во сите продавници. Затоа побарајте го самите.
Општо земено, во написите не можеме да даваме податоци за тоа каде и по која цена ги има елементите употребени во проектот, бидејќи тоа, од една страна, би ни одзело многу време, а, од друга страна, е непотребно, бидејќи е можно, речиси веднаш по објавувањето на написот, тие податоци веќе да не бидат точни. Токму затоа во ЕМИТЕР постојат рекламите на продавниците за електронски материјали, заедно со нивните телефонски броеви - на дадениот телефонски број секој читател може да им се јави и да праша за достапноста и цената на елементите што му се потребни.
Резиме:
1. Како и сите други списанија во светот, и ние не сме во можност да одговориме на сите писма кои ги добиваме (и покрај нашата желба), па затоа не треба да се лутите - ако почнеме да ги одговараме сите писма, тогаш нема да стигнеме да го подготвиме новиот број на ЕМИТЕР, а тоа уште помалку би ви се допаднало, нели? :-)
2. Немојте да нè прашувате за банални работи: каде го има некој дел, по која цена, која му е замената и слично. Таквите информации побарајте ги во каталозите, во продавниците за електронски материјали, кај пријателите, во некои други написи во ЕМИТЕР итн.
Се надевам, сега ви е јасно дека непотребно се лутите на ЕМИТЕР и дека во иднина ќе поминете уште многу пријатни мигови со неговите содржини.
Слободан Таневски
Здраво,
Изразувам голема благодарност до уредникот за одговорот. Јас го поседувам каталогот на "VRT" и во истиот ги прочитав замените, но во сите продавници во градов ги нема истите. Единствено во Логинг ми дадоа замена (P0102), но со тој тиристор не функционира уредот.
Поздрав
Зоран Трајковски.
Замената којашто сте ја добиле е предвидена за максимална струја од 0,5A што во случајот е небитно, но не е доволно брз, бидејќи е наменет за работа околу мрежната фреквенција. Инаку, тиристорот кој е наведен во проектот BRX46 е брз тиристор за струја до 0,8A и напон до 100V и купен е во ТВ-сервис "БЛАЖЕ" во Ѓорче Петров. На негово место можат да се користат и BRX47, BRX48 и BRX49.
Посебно нешто на кое би требало да се обрне посебно внимание во овој проект нема, тој е едноставен. Единствено нешто што треба да го направите е правилниот пристап при градбата на кој било уред со сите оние совети кои се провлекуваат низ текстовите на ЕМИТЕР. Во проектот, само трафото не би требало да биде поголемо од наведеното поради евентуален помал отпор на навивките, сè останато трпи прилично голема толеранција.
Драган Јовановски