Повеќе IR диоди како помошно светло за мини ДВ-камера

Здраво,
Бидејќи во вашето списание од секогаш имало луѓе полни со ентузијазам, би сакал да ми помогнете во мојот ентузијастички проект.
Пред неколку недели купив Sony MiniDV камера. Има опција Night Mode и со помош на IR диода, која е лоцирана на предниот дел од камерата, помага да се генерира слика и при светлина од 0Lux. Забележав дека кога е вклучена опцијата night mode кога ќе притиснам на далечинскиот управувач се гледа светлина. Зедов неколку IR диоди кои ги имав, ги приклучив на еден адаптер и пробав, генерирав светлина, но никако таа да биде појака или барем иста како на камерата. Па затоа би ве замолил доколку можете да ми помогнете и да ми кажете, на пример, кој модел на IR диода би можел да генерира најголема светлина, на колку волти да ја приклучам, со каква батерија да напојувам, дали е подобро да ставам повеќе диоди, на пример, 10 и дали да ги поврзам паралелно или сериски. Исто така, дали треба да залемам уште некоја компонента или само така да ги спојам со напојување.
Однапред ви благодарам,
Иван Ивановски, X-net.

Инфрацрвените LED диоди имаат пад на напон Ud од 1,2 до 1,5 V и издржуваат најмногу 20 mA (има и појаки, но тие се специјални). Целата финта е во брановата должина која ја емитира LED диодата - таа треба да биде меѓу 750 и 850 nm, бидејќи пред CCD сензорите од видеокамерите има вградено филтер кој го блокира инфрацрвениот спектар, особено над 850 nm. Треба да се одбере LED диода со мал агол на зрачење, на пример, 30 степени, за да се постигне доволно силна концентрација на снопот. Може да се користат повеќе диоди сериски поврзани, за да се постигне посилна "светлина".
ЗАДОЛЖИТЕЛНО мора да се користи отпорник, сериски поврзан со групата сериски приклучени диоди!
Формула за пресметка на отпорникот во случај на сериско врзани диоди:
R=(Ubat-nUd)/0,02;
каде што Ubat е напонот на батеријата, Ud е падот на напонот на една диода (околу 1,2 волти), n е бројот на сериско врзани диоди, а 0,02 е 0,02 ампери, односно 20 mA. Формулата дава резултат за R во оми. Треба да се одбере следната наредна вредност од стандардните вредности за отпорници. Моќноста на отпорникот треба да биде поголема од R•I², т.е. поголема од R•0,0004.
Се разбира, напонот на батеријата Ubat мора да биде поголем или барем еднаков на вкупниот пад на напон на диодите n•Ud! Пример: 10 диоди од по 1,2 волти се вкупно 12 волти, значи батеријата мора да биде најмалку 12 волти!
Ако саката да приклучите повеќе IR диоди, а немате доволно висок напон, тогаш може да поврзете паралелно неколку гранки на сериски врзани диоди, но секоја гранка да си има свој отпорник за ограничување на струјата. На прикажаната слика е даден пример за поврзување на 16 IR диоди на напон од 12V.
Владимир Филевски