Почитувани,
Го изработив автоматскиот полнач на акумулатори од ЕМИТЕР 4/04, но наидов на проблем при неговото нагодување. Конкретно ме збунува објаснувањето за нагодувањето на струјата со помош на отпорник-потрошувач. Јас сакам да го наштелувам на 5 ампери, фиксно. Дали може авторот да ми даде некои дополнителни појаснувања? Исто така, се интересирам и за додатокот кој го спомнувате на крајот од текстот – што треба да се направи за да можам да го стартувам автомобилот по само 5-10 минути полнење на акумулаторот?
Сè најдобро во Новата 2006 година,
Мирослав Јаневски
При нагодување на напонот и струјата на полначот потребно е полначот да биде оптоварен со соодветна струја. Во оваа фаза, за да не направиме погрешни нагодувања и евентуални оштетувања на полначот или акумулаторот, се препорачува на излезот од полначот наместо акумулатор да се приклучи соодветен отпорник како потрошувач. Кога се нагодува максималниот напон до кој треба да се полни акумулаторот (14,4V) потрошувачот треба да биде таков да обезбеди мало оптоварување од околу 200mA, а нагодувањето на напонот на 14,4V се прави со тримерот P2. Кога се нагодува струјата на полнење отпорникот-потрошувач треба да биде со соодветно помала вредност, така што излезната струја ќе биде околу 5A Вредноста на таа струја се мери со надворешен амперметар приклучен редно на потрошувачот (не со вградениот амперметар M1 како што стои во текстот) и на саканата вредност (во случајов 5A) се нагодува со P1. Ако ви е потребна фиксна вредност на струјата на полнење од 5A (ако секогаш полните ист тип на акумулатори), тогаш P1 треба да биде тример-потенциометар. Ако, пак, сакате по потреба да ја менувате струјата на полнење (ако полните различни типови акумулатори), тогаш P1 треба да биде потенциометар монтиран на предната страна од кутијата. Во таков случај задолжително треба да го вградите и амперметарот M1, да го монтирате на предната плоча и да го нагодите неговото покажување (да го избаждарите) според објаснувањата дадени во текстот во ЕМИТЕР 4/04 (на почетокот од последната колона на стр. 53).
Откако ќе ги направите нагодувањата на напонот и струјата со помош на отпорник-потрошувач, него го исфрлате (исто така и кондензаторот од 10 000µF) и на излезот од полначот приклучувате празен акумулатор. Во текот на неговото полнење ја контролирате струјата на полнење и по потреба вршите нејзина корекција на саканата вредност (5A) со помош на P1. Кога акумулаторот ќе се наполни на 14,4V (што ќе го проверите со унимер поставен на DC-напон), тогаш полначот треба да се исклучи и струјата на полнење да падне на 200mA. Ако исклучувањето на полначот се случи на помал или поголем напон од 14,4V, тогаш тоа треба да се коригира со тримерот P2.
Што се однесува до можноста за кратко полнење на акумулаторот и стартување на автомобилот, прво треба да се исполнат некои услови, а тие се:
- трансформаторот да може да даде барем 20A струја,
- соодветен грецов исправувач и тиристор во полначот кои тоа ќе го поднесат,
- изработка на отпорникот R1 од подебела жица и
- моќен преклопник со кој ќе се издвои само мал дел од отпорникот R1 (околу 0,05 ома)кој во бараниот случај ќе го претставува отпорникот R1. Изработката на отпорникот R1 детално е опишана во текстот на проектот.
Во тој краток период од десетина минути полнење под таков засилен режим настанува големо возбудување на акумулаторот, кое и не е многу здраво за него ако продолжи долго време. Значи, ако по тие десетина минути го стартуваме моторот со плус тие дваесеттина ампери кои во таквиот случај ги дава полначот, ќе може да оствариме едно до две кратки стартувања на моторот, но во никој случај нема да можеме да стартуваме мотор во чиј акумулатор нема ниту трунка енергија.
Доколку ви е потребен класичен стартер, можете да го искористите проектот "Класичен тиристорски насочувач" кој е објавен во ЕМИТЕР бр. 11/2005, кој работи одлично и не претставува многу сложено електронско коло.
Драган Јовановски
и Слободан Таневски
Една голема благодарност до ЕМИТЕР. Ги изработив сабвуферот Каиро и 100W засилувач за сабвуфер. Многу сум задоволен од звукот кој го добив - иако е вуферот во компресиона кутија со овој засилувач стварно знае да тресе. Додека ги изработував наидов на неколку проблеми, но со помош на вашите одговори преку e-mail се се заврши супер и сега вуферот со засилувачот перфектно работат.
Сега имам еден проблем кој иако не е проект од ЕМИТЕР верувам дека ке ми помогнете да го решам. Во Југо Темпо 1.1 монтирав аналоген бројач на вртежи. Имам еден проблем – бројачот под мал гас покажува 800 вртежи во минута, но кога ќе ги вклучам светлата покажува 1100rpm. Доколку имам дадено гас над 1000rpm и ги вклучам светлата, вртежите кои ги покажува не се покачуваат (што е нормално). Исто така, под мал гас кога ќе вклучам трепкачи стрелката осцилира (мрда) ненормално многу. Од бројачот има три жици: едната (-) ми е врзана на маса, другата на бобината и третата (+) напојување преку осигурувач на кој има струја само под контакт. Како да го решам проблемот, односно и под мал гас да показува реално. Не ми кажувајте да пробам плусот да го ставам на друг осигурувач, бидејќи тоа е веќе пробано и се случува истото.
На автоелектричар ми рекоа дека тоа е нормално, но сум забележал дека тоа не се случува со фабрички вградените бројачи. Дали проблемот би можел да се реши со додавање на некој кондензатор (тоа ми изгледа најлогично)? Ако може - како и со каков кондензатор? Не би имал трпение да го чекам наредниот број, бидејќи сакам да го средам тоа што побргу. Би бил многу благодарен ако би можеле побргу да ми одговорите преку e-mail (било да има или нема решение).
Однапред ви благодарам,
Никола преку e-mail
П.С. ЛУЃЕ ШТО Е ОВА? ВИ ПИШУВАМ ТРИ ПАТИ ДО СЕГА И НЕ МИ ОДГОВАРАТЕ. ЧЕКАМ ДА ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ БРОЈ, ГО КУПУВАМ И ПАК ГО НЕМА ОДГОВОРОТ. ФАЛА ЗА НЕСЕРИОЗНОСТА!!!!!!!
Почитуван Никола,
Очигледно не сте обрнале внимание на краткиот текст со неколку објаснувања за рубриката "Писма" кој редовно стои на тие страници отпечатен во негатив. Во тој текст јасно е кажано дека и покрај нашата желба, сепак, не сме во можност да одговориме на сите прашања, особено ако прашањето не се однесува директно за некој напис објавен во ЕМИТЕР (а вашето прашање не се однесува на некој конкретен напис во ЕМИТЕР). За ова има 2 главни причини:
1. Ние добиваме многу писма со прашања, па ако ги одговараме сите нема да стигнеме да го подготвиме списанието.
2. На писмата треба најчесто да одговори некој од нашите соработници, а сите тие се хонорарни соработници (не се вработени во ЕМИТЕР) и имаат многу други обврски на своите работни места или факултети.
Впрочем, ниту една редакција на ниту едно списание во светот не одговара на сите писма што ќе ги добие, па така и ЕМИТЕР не може да одговори на сите писма од читателите. И покрај сето ова ние успеваме да одговориме на околу две третини од писмата кои ги добиваме.
Инаку, вашето писмо со прашање, уште првиот пат кога го примив, го препратив до двајца наши соработници кои имаат најголеми познавања од соодветната област, но досега од нив немам добиено одговор, најверојатно поради нивна презафатеност. Штом ќе добијам одговор од нив веднаш ќе ви го испратам, а ако процениме дека тоа е од интерес за останатите читатели писмото и одговорот ќе бидат објавени во некој следен број на ЕМИТЕР. Ете тоа е процедурата која е вообичаена за писмата од читателите.
Се надевам дека сега многу работи се појасни и дека лутината и сарказмот кон ЕМИТЕР веќе ги нема кај вас.
Слободан Таневски
П.С. Неколку дена по овој мој одговор, нашиот соработник Георги Ефтимов испрати одговор кој го проследувам во продолжение.
Почитуван Никола,
Врз основа на што тврдите дека под мал гас вашиот бројач на вртежи не покажува реално? Врз основа на вашата желба бројот на вртежи да не се смени кога ќе вклучите светла или, пак, имате сигурен податок дека бројот на вртежи на моторот не се менува кога светлата се вклучени? Според мене, зголемувањето на бројот на вртежи под мал гас при вклучување на светлата е сосема логично со оглед на зголемената потрошувачка на струја во автомобилот.
Никаквите податоци кои ги давате за состојбата на вашето возило и аналогниот бројач на вртежи што го монтиравте не остава простор за сериозна анализа. Обидете се кај други автоелектричари. Ако и тие ја дадат истата констатација нема зошто да се сомневате во нивната стручност. Современите стробоскопи покрај тоа што овозможуваат прецизно нагодување на аголот на палење го покажуваат и бројот на вртежи на замаецот. Претпоставувам дека автоелектричарот со помош на стробоскоп утврдил дека бројот на вртежи навистина се зголемува кога под мал гас ќе се вклучат светлата.
Ако демонтажата на веќе вградениот бројач на вртежи не е сложена, обидете се сами да ја утврдите неговата точност. Едноставно приклучете го бројачот на осцилатор со позната фреквенција и проверете дали прикажаниот број на вртежи кореспондира со фреквенцијата на осцилаторот. Во ЕМИТЕР повеќе пати досега е пишувано за начинот на кој тоа може да се изведе.
Георги Ефтимов
Здраво ЕМИТЕР!
Имам неколку прашања до вас.
1. Имам трафо 220V / 2 x 40V /150W. Како можам да го симнам напонот на 2 x 25V, за да го изработам засилувачот со TDA7294? Трафото е фабрички правено и е лиено, па затоа не можам да го премотам, само ми треба стабилизатор кој ќе ја издржи бараната снага.
2. Дали микроконтролерите што ги објавувате во ЕМИТЕР со веќе внесена програма можат да се избришат и да се репрограмираат и ако може до колку пати може да се изврши тоа. Дали постои посебен програмски јазик за програмирање на микроконтролери или со веќе постоечките C, C++ и др. може да се програмира? Дали постои некој компајлер што потоа го приспособува програмот погоден за микроконтролерот?
Однапред ви благодарам !
Александар преку е-маил
1. Напонот од 2x25V на секундарот можете да добиете само ако на примарната страна приклучите понизок напон од предвидените 230V. Тоа можете да го постигнете на два начина: со дополнителен трансформатор врзан на примарната намотка со преносен однос 1,6:1 и моќност од најмалку 150W или со врзување на моќен индуктивитет (придушница) во серија со примарната намотка на вашиот трансформатор предвидена за работа на мрежен напон. Потребниот индуктивитет лесно може да се пресмета тргнувајќи од потребниот пад на напон кој треба да го создаде. И двете решенија се прилично скапи и можат да дојдат предвид само ако при рака го имате потребниот трансформатор или придушницата, што е малку веројатно.
Бидејќи трансформаторот сакате да го користите за напојување на излезен аудиозасилувач, можеби е поприфатливо да се употреби активен симетричен стабилизатор за еднонасочен напон приклучен на секундарната страна по насочувачот и филтерските електролити, кој во овој случај може да биде прилично едноставен. Сепак, и покрај едноставноста мора да биде во состојба да испорача доволно голема струја за напојување на засилувачот/засилувачите, што значи се потребни најмалку два транзистора на моќност во секоја гранка и соодветен ладилник за истите. Ладилникот треба да биде масивен, бидејќи при нормална работа моќноста на дисипација ќе изнесува повеќе од 50W.
Како што гледате, не постои елегантно и евтино решение за вашиот проблем. Можеби е најдобро вашиот трансформатор да го сочувате за некој друг проект, а за засилувачот да набавите некој посоодветен, што е воедно и моја препорака.
Дејан Трпески
2. PIC микроконтролерите може да се репрограмираат, т.е. да се избрише она што е во нив и да се стави некоја друга или иста програма. Кога се појавија PIC микроконтролерите, можноста да се репрограмираат беше 1000 пати, потоа 100 000 пати, а со денешната технологија можете да претпоставите што сè е можно.
Постојат посебни Basic и C јазици дизајнирани за пишување програми наменети за микроконтролери, во кои воедно се врши и компајлерската работа. На Интернет можат да се најдат цела дузина такви, па дури и со Fortran и Pascal основа.
Успешна работа,
Добре Блажевски-Доц
Здраво ЕМИТЕР
Имам електрично коло за регулација на напон до 12V со транзистор BD135, зенер диода BZX10 и променлив отпорник од 10k. Мене ми треба регулација до 20V, па дали колото ќе може да ми "брка работа", а ако не што треба да сменам (освен трансформаторот)? Па, пишете ми што побргу.
Однапред ви благодарам.
Борче Борчески
Многу е тешко да се даде прецизен одговор на вашето прашање без да се знае точно за каков напонски стабилизатор се работи. Но, сепак, и покрај тоа ќе се обидам да ви одговорам под претпоставка дека станува збор за еден класичен сериски стабилизатор реализиран со зенер диода како стабилизирачки елемент и сериски излезен транзистор. Ако е тоа така, тогаш освен трансформаторот ќе треба да ја замените и постоечката зенер диода со BZX20 или некоја слична. Веројатно е потребно да се извршат уште некои помали корекции, пред сè, во вредностите на останатите елементи, но во принцип колото би требало да функционира. На крајот, немојте да заборавите дека максимално дозволениот напон на сите кондензатори во колото треба да биде барем 20% повисок од напонот на кој ќе бидат приклучени, што значи можеби ќе биде потребно да се замени и некој од електролитските кондензатори.
Дејан Трпески