Здраво.
Прочитав во еден ваш број, не знам кој точно, пишуваше нешто за радиоаматерство. Би било интересно да се пишува повеќе за него, бидејќи радиоаматерството во Македонија полека изумира, односно бројот на радиоаматери е сè помал, а, пак, од Македонија има многу "јаки" радиоаматери. Ми кажаа дека еден штипски клуп, не знам точно кој, освоил прво место во радио-аматерство.
Доколку планирате и понатаму да пишувате написи за оваа тема, јас би ви стоел на располагање, колку можам, ќе најдам материјали и би ви ги испратил. Има многу интересни шеми за самоградба на антени, за морзеови азбуки за клубови, радиоаматерството е многу битна работа. Може да се пишува многу околу таа гранка, па доколку сте заинтересирани пишете ми, ќе се потрудам да најдам слободно време да најдам некакви материјали.
Поздрав,
Коста Масларов.
Веројатно сте го прочитале написот за Радиоаматеризам од февруарскиот број на ЕМИТЕР. Тоа е "повратнички" напис на нашиот "стар" соработник Владимир Кова-чески. Порано радиоаматерските теми беа редовно застапени во ЕМИТЕР, но со текот на годините таквите теми стануваа сè поретки. Дел од причините се во презафатеноста на Добре Блажевски и неколку-годишното службено отсуство од државата на Владимир Ковачески, единствените соработници кои пишуваа теми за таа рубрика. Сепак, главната причина е намалениот интерес за радиоаматеризмот кај луѓето (и во Македонија и во светот), што, главно, е последица на развојот на интернетот и мобилните телефони.
Меѓутоа, "вината" за незавидната состојба со радиоаматеризмот кај нас во голем дел е и на самите радиоаматери, односно на нивната неактивност. Радиоклубовите (освен ретки исклучоци) спроведуваат многу малку активности, а освен двајцата погоре спомнати ниту еден радиоаматер не понудил свои написи во ЕМИТЕР, иако ние секогаш сме отворени за соработка. Затоа, ако вие сакате да дадете свој прилог во популаризација на радиоаматеризмот, ние со задоволство ја прифаќаме вашата "кандидатура". А понудата за соработка се однесува и за секој друг радиоматер кој може да понуди квалитетни написи од областа на радиоаматеризмот.
Пријатели радиоаматери - бидете поактивни.
Слободан Таневски
Јас имам Nikon D60, а другар ми има Canon EOS 1000D. Навлеговме во дискусија кој е подобар, но прашањето не е тоа. Тоа може да се прочита и од коментари на интернет. Прашањето е во DPI, односно резолуцијата. Неговиот Canon прави фотографии со 72dpi, а мојот апарат Nikon, со 300dpi. Што значи тоа и кога е подобар апаратот, со помали вредности на dpi или со поголеми како на мојот Nikon?
Иако доста читав на интернет, сè уште сум во забуна, ако поголемата вредност е подобра, зошто тогаш некои камери од телефон достигнуваат до 150dpi, кога мојот стар апарат SONY DSCP-72 има 72dpi, како и Канонот на другар ми.
Аврам Петровски, преку e-mail.
Ова прашање е често поставувано од фотографите, и тоа не само од аматерите туку и од оние кои си го вадат лебот од тоа.
Техничките податоци на двата фотоапарата укажуваат дека тие имаат речиси ист број на пиксели (3888x2592 - Canon EOS1000D и 3872x2592 - Nikon D60). Што е апсолутно незначителна разлика и, ако сите други параметри на апаратите се идентични (што никогаш не е случај), тие треба да даваат фотографии со идентичен квалитет. Овие апарати се со извонреден квалитет и спаѓаат во иста класа, така што апсолутно земено, разликите се многу мали.
Идеално земено, разлика во квалитет нема да има и покрај фактот што едниот ги меморира сликите со резолуција од 72 dpi а другиот со 300 dpi, бидејќи и двата апарата меморираат исто количество на информации. Се разбира, бидејќи вкупниот број на пиксели кај двата апарата е речиси ист, фотографиите на оној со помала резолуција ќе зафаќаат поголема површина и тоа токму за односот (300 : 72)^2 = (4,16)^2 = 17,3. Односно, Никонот ќе направи фотографија со резолуција од 300 dpi и големина (3872 x2592)/300 = 12,9x8,64 инчи (32,8x21,9 cm), а Канонот фотографија со резолуција од 72 dpi и голе-мина (3888x 2592)/72 = 54x36 инчи (137x91,4 cm).
Друга работа е фактот што секој производител користи свои алгоритми за да го добие крајниот резултат: меморирана дигитална фотографија во одреден формат. Не е никаква тајна ако се каже дека Канон има незначителна предност на ова поле, но тоа нема никаква врска со резолуцијата која ја употребува за својот излезен фајл. И предноста на Канон не е некоја предност, бидејќи и двата апарата можат да ги меморираат своите фотографии во необработен (RAW) формат, за потоа "во светла комора", истите да се конвертираат според одреден алгоритам во JPEG (JPG) формат со одредена резолуција. Така, за инает, снимките на Никон можеме да ги обработиме со алгоритмите на Канон!
Инаку, општо земено, резолуцијата од 72 dpi дава најдобри резултати на 17-инчен монитор и нагодена резолуција на екранот од 1024x768, додека 300 dpi е претпочитана резолуција при печатење на хартија. Луѓето неоправдано сметаат дека толку ниска резолуција како што е 72 dpi априори повлекува слаб квалитет. Имајте на ум дека секогаш најдобар квалитет на репродукција ќе се постигне ако резолуциите на снимениот материјал и средството за репродукција се исти или ако резолуцијата на снимениот материјал е многу поголема (10 и повеќе пати) од онаа на средството за репродукција.
За оваа тематика може многу да се пишува, дури и за тоа дека тие 300 dpi можат да се конвертираат во 72 dpi и тоа без губитоци, и обратно. Но, јас би застанал тука за да ви биде поинтересно продолжението на Школата за фотографија врзано со оваа тематика! Тоа продолжение е предвидено за септември или октомври.
Емилијан Иљоски
Здраво,
Имам ТВ-приемник Венус во кој има изгорено кондезатор и отпорник. Кај кондезаторот се чита вредноста, а отпорникот е целиот црн и не може да се прочита неговата вредност. Како да ја најдам вредноста на отпорникот? Напоменувам дека овие елементи се во делот на високонапонскиот трансформатор.
Александар од Велес
Единствен начин да ја дознаете точната вредност на отпорникот е истата да ја прочитате од електричната шема на телевизорот или да отворите ист таков телевизор. На интернет постојат сајтови кои поседуваат библиотеки со електрични шеми во електронска фо-рма (најчесто во .pdf формат) од најразлични производители. Некои од нив шемите ги нудат бесплатно, а некои за својата услуга наплатуваат. За да дојдете до посакуваната електрична шема, искористете ги можностите на популарните интернет-пребарувачи. Во пребарувачот (на пр., Google) во полето за клучни зборови не заборавајте да го внесете точниот назив на телевизорот (моделот) заедно со зборо-вите "Service Manual" (на пр., SONY KV-X2951D Service Manual).
Дејан Трпески
Правилен начин е да погледнете во електричната шема на приемникот, каде ќе ја најдете точната вредност.
Друг начин, кој служи само за снаоѓање и за приближно одредување на вредноста на отпорникот, е да го изгребете заштитниот слој на отпорникот некаде на средина, на гребаното место да го ставите едниот испитен шилец (црвениот или црниот, сеедно) на инструментот за мерење отпор, а другиот испитен шилец на едниот крај на отпорникот, а потоа на другиот. Ако во еден од тие случаи добиете некаква вредност, тоа значи дека сте измериле приближно половина од вредноста на целиот отпорник.
При замена на прегорениот отпорник, треба да водите сметка и за неговата моќност, која се одредува според неговата големина.
Зоран Тасиќ
Здраво професионалци од Емитер.
Имам една идеја и сакам да ве прашам дали е безбедно да ја изве-дам. Сакам да земам еден NPN или PNP транзистор со метално куќиште, куќиштето да го пресечам со некои ножици за метал и да го отворам транзисторот, за да видам што има внатре во него.
Прашањето е: Дали има некаков токсичен гас во внатрешноста на куќиштето од транзисторот кој не смеам да го вдишам, дали има некаков токсичен материјал внатре кој не смеам да го допирам, дали има канцероген гас/материјал кој не смеам да го вдишам/допрам или нешто такво слично кое може да го загрози моето здравје???
Топли поздрави,
Дарко Петрески
Внатре во транзисторот нема токсични гасови и материјали кои не смеат да се допираат. Значи сосема е безбедно да го исечете куќиштето за да видите како внатре е направен транзисторот. Впрочем, сечењето на горниот дел од куќиштето на транзисторот BC108 беше начин да се добие фототранзистор пред 20-30 г. кога таквите елементи тешко се наоѓаа кај нас.
П.С. Иако се подразбира, сепак, да кажам: допирањето на материјалите од внатрешноста на транзисторот е сосема безбедно, но не и нивно голтање :-)))
Слободан Таневски
Не сум сретнал до сега дека во внатрешноста има некој токсичен материјал. Јас имам отворено десетина транзистори, па еве и после 15-ина години немам гајле!
За отворање најдобро е да се користи турпија за да го отстрани капакот со стругање на рабовите од куќиштето или уште подобро е да се употреби рам и пилица за моделарство.
Благој Ќупев
Почитувани, како ваш редовен читател би сакал да ви поставам едно прашање. Поседувам напојување за PC кое би сакал да го искористам како издвоен извор за напојување на мал потрошувач како што е CD-ROM, на пример, без да се користи матичната плоча. Кои контакти треба да се премостат на главниот конектор со 20 изводи (кој нормално оди на матичната плоча) за да добијам напон од 5 и 12 волти на конекторот за периферни уреди. Претпоставувам дека едниот извод е PS_ON. Дали другиот е некој од COM изводите или PWR_OK изводот или некој друг?
Поздрав и благодарам,
Бранко Марјановиќ
Треба да се поврзе само PS_ON на маса и за да работи исправно напојувањето треба да има некаков потрошувач поврзан на него. Ако нема потрошувач, напојувањето ќе се исклучи.
Благој Ќупев
Бидејќи г.Симјановски на повеќе пати ги прозва архитектите и инженерите, би сакал да му одговорам на некои прашања.
Прво, за тврдењето на Херодот дека "прво бил готов врвот на пирамидата, па средниот дел и, на крајот, најдолниот кој лежи на самата земја". Г. Симјановски вели дека никогаш не би му паднало на памет да не му верува на Херодот. А зошто? Па, Херодот опишува случка која се случила 20 века пред него, и тоа само на база на нечие кажување. Далеку од памет е дека некој (па бил тој и Херодот) може точно да опише случка стара 2000 години на база на кажувања и објаснувања на свештеници. Да не спомнуваме за многуте нереално фантастични описи што ги дава Херодот во својата Историја, бидејќи тој, сепак, не можел истите да ги провери, туку само ги забележувал.
Од инженерски аспект гледано, Херодот вели дека прво бил завршен врвот, значи не започнат. Ако гледате некоја зграда како се фасадира, ќе видите дека се започнува од горе па надолу. Тоа се прави затоа што при работата паѓаат отпадоци кои може да ја оштетат фасадата. Дали не може истиот принцип да се примени на пирамидите, бидејќи знаеме дека и тие биле фасадирани. Значи, градбата си тече нормално, а завршните работи почнуваат од врвот па до ножицата на пирамидата.
Како второ, пирамидите не биле обложени со мермер туку со алабастер кој е многу помек. Дури и основниот материјал на пирамидата, камените блокови, се од мека варовничка карпа, додека мермерот кој го гледал г. Симјановски во Прилеп спаѓа во групата на многу тврди варовнички карпи. Во целата пирамида има само неколку гранитни блокови и од нив е направен покривот на просторијата каде се чува саркофагот и самиот саркофаг. Камените блокови кои биле пренесувани од 900 km растојание се токму овие неколку гранитни блокови. Другите камени блокови (2,5 милиони) се ископани од каменоломот оддалечен само неколку километри од пирамидите во Гиза. Кога ќе ги посетите пирамидите во Гиза, прашајте го вашиот водич и тој ќе ви го покаже.
Како трето, зошто токму таа форма. Па, во книгите за прва година на архитектонски факултет се учи развојот на гробниците во Египет од првобитните мастаби од плитар, преку камените мастаби, преку скалестата пирамида на Зосер (висока 60m), преку искривената пирамида и црвената пирамида (и двете високи по 105m) на Снофру, се доаѓа до Кеопсовата пирамида (висока 146,59m). Помеѓу нив има уште две мали пирамиди на Хуни (таткото на Снофру) и Џедефре (син на Кеопс и брат на Керфрен), но тие не се важни од архитектонски аспект. Значи, знаењето и идејата за градењето на Кеопсовата пирмида се развивало преку неуспесите или успесите на неговите предци. Прв кој ја развива оваа форма е кралот Зосер со неговиот генијален градител Имхотеп. Другите само ја развивале и надградувале неговата идеја. Ако на сето тоа се додаде дека почнувајќи од Зосер, Секхемхет, Кхаба, Хуни, Снофру, Џедефре, Кеопс, Кефрен и Микерин, сите се последователи владетели, и сите имаат изградено какви такви пирамиди, логично е да се заклучи дека не некоја стара и непозната цивилизација (или вонземјани) ги направиле пирамидите, туку токму овие фараони (нивните поданици) преку многу труд, проби и преиспитувања на конструкциите ги имаат изградено. Архитектонско-градежната идеја се развива како и секоја друга научна гранка. Со материјалот кој го имале на располагање, египетските фараони направиле сè да ја докажат својата моќ. Да имале челик и бетон можеби ќе ги граделе кулите близначки. Што се однесува за примитивноста, да не заборавиме тие луѓе биле исто толку интелигентни како нас (но не и толку корумпирани). Тоа што нам денес ни изгледа невозможно не е навистина невозможно, туку научени со полесен начин сме го заборавиле. Кој сака да се увери нека проба да запали оган со две дрвени стапчиња (без кибрит и запалки), или да направи лак и стрела и со тоа да улови нешто (не домашно животно). Невозможно, зар не?
Што се однесува на објаснувањето на г. Симјановски дека пирамидите служеле за да го соберат сето знаење во нив, тогаш Египќаните имале многу знаење. Освен најпознатите пирамиди во Гиза (на Кеопс, Кефрен и Микерин), тука се и пирамидите во Абусир (на Кхаба, Сахура, Нефериркара, Нусера, Тети, Усеркаф, Зосер, Унас, Секхемкет) во Сакара (на Пепи 1, Меренра, Исеси, Пепи 2, Хенџер, Сенвосрет 3, Аменемхет 2, Аменемхет 3) во Дашур (на Мазхуна, Снофру, Сестрис 3, Лепсиус) и безимената пирамида во Медиум. Вкупно 26 пирамиди на фараони плус десетина на кралици, можеби има повеќе, јас ги знам овие. Ако древните Египќани имале толку знаење за да наполнат 26 пирамиди, тогаш сигурно знаеле како да ги направат.
Што се однесува до неговата математика "2 600 000 блока : 20 години =130 000 блока : 365 дена = 356 блока :12 часа = 29 блока на час" јас би ја дополнил со следната математика: 1 блок = 2500кг; 2500 кг : 100 работници = 25 кг/работник. Значи, 100 работници лесно може да повлечат еден блок. Да ставиме уште 100 за тоа време да го исечат и довлечат до пирамидата. Е сега 29 блока/час х 200 работници = 5 800 работници. Значи, за да пирамидата се изгради за 20 години се потребни само 5800 работници. Многу малку за еден фараон. Ако на Големата пирамида работеле 100 000 луѓе, тогаш 100 000 : 5 800 = 17,24 => 20години : 17,24 =1,16 години. Значи, 100 000 работници би требало да ја завршат пирамидата за малку повеќе од една година. Што правеле останатите 19 години, спиеле? Многу поверојатна е бројката од 35 000 луѓе кои работеле само 4 месеци годишно кога е поплавата. 35 000 луѓе х 120 дена х 12 часа = 50 400 000 работни часови ако 2 600 000 х 2 500 кг = 6 500 000 000 кг., тогаш 6 500 000 000кг : 50 400 000 часа = 129 кг/час. Тоа се две и половина вреќи цемент да се пренесат на растојание од 200 метри за еден час. Па, тоа е под денешните градежни нормативи.
Душко Бонев