Камената библија веродостојна како библијата

Бидејќи г.Симјановски на повеќе пати ги прозва архитектите и инженерите, би сакал да му одговорам на некои прашања.
Прво, за тврдењето на Херодот дека "прво бил готов врвот на пирамидата, па средниот дел и, на крајот, најдолниот кој лежи на самата земја". Г. Симјановски вели дека никогаш не би му паднало на памет да не му верува на Херодот. А зошто? Па, Херодот опишува случка која се случила 20 века пред него, и тоа само на база на нечие кажување. Далеку од памет е дека некој (па бил тој и Херодот) може точно да опише случка стара 2000 години на база на кажувања и објаснувања на свештеници. Да не спомнуваме за многуте нереално фантастични описи што ги дава Херодот во својата Историја, бидејќи тој, сепак, не можел истите да ги провери, туку само ги забележувал.
Од инженерски аспект гледано, Херодот вели дека прво бил завршен врвот, значи не започнат. Ако гледате некоја зграда како се фасадира, ќе видите дека се започнува од горе па надолу. Тоа се прави затоа што при работата паѓаат отпадоци кои може да ја оштетат фасадата. Дали не може истиот принцип да се примени на пирамидите, бидејќи знаеме дека и тие биле фасадирани. Значи, градбата си тече нормално, а завршните работи почнуваат од врвот па до ножицата на пирамидата.
Како второ, пирамидите не биле обложени со мермер туку со алабастер кој е многу помек. Дури и основниот материјал на пирамидата, камените блокови, се од мека варовничка карпа, додека мермерот кој го гледал г. Симјановски во Прилеп спаѓа во групата на многу тврди варовнички карпи. Во целата пирамида има само неколку гранитни блокови и од нив е направен покривот на просторијата каде се чува саркофагот и самиот саркофаг. Камените блокови кои биле пренесувани од 900 km растојание се токму овие неколку гранитни блокови. Другите камени блокови (2,5 милиони) се ископани од каменоломот оддалечен само неколку километри од пирамидите во Гиза. Кога ќе ги посетите пирамидите во Гиза, прашајте го вашиот водич и тој ќе ви го покаже.
Како трето, зошто токму таа форма. Па, во книгите за прва година на архитектонски факултет се учи развојот на гробниците во Египет од првобитните мастаби од плитар, преку камените мастаби, преку скалестата пирамида на Зосер (висока 60m), преку искривената пирамида и црвената пирамида (и двете високи по 105m) на Снофру, се доаѓа до Кеопсовата пирамида (висока 146,59m). Помеѓу нив има уште две мали пирамиди на Хуни (таткото на Снофру) и Џедефре (син на Кеопс и брат на Керфрен), но тие не се важни од архитектонски аспект. Значи, знаењето и идејата за градењето на Кеопсовата пирмида се развивало преку неуспесите или успесите на неговите предци. Прв кој ја развива оваа форма е кралот Зосер со неговиот генијален градител Имхотеп. Другите само ја развивале и надградувале неговата идеја. Ако на сето тоа се додаде дека почнувајќи од Зосер, Секхемхет, Кхаба, Хуни, Снофру, Џедефре, Кеопс, Кефрен и Микерин, сите се последователи владетели, и сите имаат изградено какви такви пирамиди, логично е да се заклучи дека не некоја стара и непозната цивилизација (или вонземјани) ги направиле пирамидите, туку токму овие фараони (нивните поданици) преку многу труд, проби и преиспитувања на конструкциите ги имаат изградено. Архитектонско-градежната идеја се развива како и секоја друга научна гранка. Со материјалот кој го имале на располагање, египетските фараони направиле сè да ја докажат својата моќ. Да имале челик и бетон можеби ќе ги граделе кулите близначки. Што се однесува за примитивноста, да не заборавиме тие луѓе биле исто толку интелигентни како нас (но не и толку корумпирани). Тоа што нам денес ни изгледа невозможно не е навистина невозможно, туку научени со полесен начин сме го заборавиле. Кој сака да се увери нека проба да запали оган со две дрвени стапчиња (без кибрит и запалки), или да направи лак и стрела и со тоа да улови нешто (не домашно животно). Невозможно, зар не?
Што се однесува на објаснувањето на г. Симјановски дека пирамидите служеле за да го соберат сето знаење во нив, тогаш Египќаните имале многу знаење. Освен најпознатите пирамиди во Гиза (на Кеопс, Кефрен и Микерин), тука се и пирамидите во Абусир (на Кхаба, Сахура, Нефериркара, Нусера, Тети, Усеркаф, Зосер, Унас, Секхемкет) во Сакара (на Пепи 1, Меренра, Исеси, Пепи 2, Хенџер, Сенвосрет 3, Аменемхет 2, Аменемхет 3) во Дашур (на Мазхуна, Снофру, Сестрис 3, Лепсиус) и безимената пирамида во Медиум. Вкупно 26 пирамиди на фараони плус десетина на кралици, можеби има повеќе, јас ги знам овие. Ако древните Египќани имале толку знаење за да наполнат 26 пирамиди, тогаш сигурно знаеле како да ги направат.
Што се однесува до неговата математика "2 600 000 блока : 20 години =130 000 блока : 365 дена = 356 блока :12 часа = 29 блока на час" јас би ја дополнил со следната математика: 1 блок = 2500кг; 2500 кг : 100 работници = 25 кг/работник. Значи, 100 работници лесно може да повлечат еден блок. Да ставиме уште 100 за тоа време да го исечат и довлечат до пирамидата. Е сега 29 блока/час х 200 работници = 5 800 работници. Значи, за да пирамидата се изгради за 20 години се потребни само 5800 работници. Многу малку за еден фараон. Ако на Големата пирамида работеле 100 000 луѓе, тогаш 100 000 : 5 800 = 17,24 => 20години : 17,24 =1,16 години. Значи, 100 000 работници би требало да ја завршат пирамидата за малку повеќе од една година. Што правеле останатите 19 години, спиеле? Многу поверојатна е бројката од 35 000 луѓе кои работеле само 4 месеци годишно кога е поплавата. 35 000 луѓе х 120 дена х 12 часа = 50 400 000 работни часови ако 2 600 000 х 2 500 кг = 6 500 000 000 кг., тогаш 6 500 000 000кг : 50 400 000 часа = 129 кг/час. Тоа се две и половина вреќи цемент да се пренесат на растојание од 200 метри за еден час. Па, тоа е под денешните градежни нормативи.
Душко Бонев