Како прво, поздрав до сите кои се заслужни за овој фотоконкурс, навистина продуктивен начин за развој на фотоаматерството кај нас (ако не и нешто повеќе ). Барем од мое име кажано, ми недостасуваше некој ваков начин на презентирање на интересни фотографии од лична колекција. Само напред со вакви продуктивни идеи...
Гоце Васевски
Поздрав до сите во редакцијата на ЕМИТЕР и ви пожелувам натамошна успешна работа. Редовен читател сум на списанието од почетокот и мислам дека е време во ЕМИТЕР да се објави напис за поправка на звучниците - премотување на самиот калем на звучниците.
Најпрво, како да се одлепи калемот од мембраната кога е употребено епоксидно лепило за метал а да не се оштети мембраната, изработка на телото на калемот и премотување на калемот, начинот на лепењето и мотањето на изгорената намотка, начинот на центрирање. Исто така, се интересни и видовите лепила кои се употребуваат, особено за лепење на лакираната бакарна жица (мислам дека е некој термолак за електромотори или безбоен лак за металик за автомобили). Особено е интересно да се открие кое лепило се употребува за лепење на жицата за тело на калемот кое е изработено од каптон на кој потешко се лепи, а најчесто кај силните звучници баш каптонот го употребуваат како материјал за изработка на телото на калемот кое издржува многу висока температура.
Знаеме дека оние кои професионално се занимаваат со таа работа (а ги има многу во Р. Македонија) често користат готови фабрички изработени калеми, но верувам дека и оние кои се изработени рачно добро функционираат).
Можеби ќе речете дека целта на постоењето на нашето списание не е обука на "сервисери", но домашните поправки (за лична употреба) не губат во актуелноста и секогаш се интересни, а ЕМИТЕР многу пати го има докажано тоа дека има стручни соработници кои го знаат тоа или знаат каде да го пронајдат тоа што им треба на читателите.
Љубомир Стефановски
од Битола.
П.С. Во Р.Македонија знам само двајца мајстори кои стручно го вршат сервисирањето на звучници - не можете да забележите со очи ни со слух никаква промена на комплетно сервисиран звучник во однос на нов. Тоа се Горан од Скопје и Пеце од Битола. Можеби некој од овие двајца за вашето списание би ја откриле оваа мајсторија, за која на страниците на ЕМИТЕР не е пишувано досега. Она пак што го има на интернет е сосема малку и главно е површна информација, а на еден интернет форум го прочитав најсмешниот совет - жица од калемот од звучникот се лепи со лак за коса. Што е многу многу е.
Единствената исправна поправка на звучници е само со комплетна замена на целината: мембрана-намотка-surround! И никако поинаку! Самите фабрики кои ги произведуваат звучниците, за поправка нудат таканаречен reconing kit кој претставува една единствена целина мембрана-намотка-surround, кој треба да се залепи на местото на старата оштетена комбинација мембрана-намотка-surround (од стариот звучник, всушност, останува само магнетот и кошницата). Само на овој начин ќе се добијат назад перформансите на оригиналниот звучник. Секоја друга парцијална поправка гарантирано ги влошува перформансите на звучникот! Можеби за нечии очи и уши ваквите "премотани" звучници се идентични на оригиналните, но секоја малку посериозна слушна компарација (а да не зборуваме за мерења со професионални мерни уреди - на пример, CLIO), ќе покаже големо влошување на перформансите. Јас сум измерил со CLIO голем број на звучници "премотани" од страна на најпознатите и најпризнатите македонски мајстори и резултатите биле најчесто лоши (а имало и вистински катастрофи!), а многу ретко имало само прифатливо добри резултати (но, сепак, со полоши перформанси од оригиналните звучници). Да нагласам дека овие лоши резултати не се резултат на незнаењето или непрофесионалноста на мајсторите, туку на неможноста на таков начин да се добијат добри резултати. Таков начин на поправка на звучници доаѓа предвид само ако никако не може да се најде оригинален reconing kit.
Цената на еден reconing kit обично изнесува половина од цената на нов оригинален звучник. Некои фабрики имаат уште подобар и поедноставен (и поскап) систем на поправка - целиот reconing kit се состои од целината кошара-мембрана-намотка-surround, што значи дека од стариот звучник останува само магнетот! Тој магнет се отшрафува и потоа се монтира на новата целина кошара-мембрана-намотка-surround. На тоја начин се избегнува можноста да настанат проблеми со центрирањето, а и се елиминира употребата на лепак.
Владимир Филевски
Репарирање на звучници е макотрпна и слабо платена работа, а добиените резултати се повеќе од дискутабилни. Општото поевтинување на цените на звучниците како и појавата на нашиот пазар на неверојатно евтини производи со сомнителна провиниенција (читај: кинески) придонесоа с# помалку да има професионалци кои квалитетно можат да ја завршат работата во Македонија.
При оштетување на калемот на звучникот, најлесно е да се монтира нов "мотор". Мотор тука се нарекува веќе асемблираната конфигурација – калем, тело на калем, мембрана, преден и заден амортизер. Производителите обично испорачуваат вакви мотори како резервен дел но нивната цена изнесува околу половина од цената на нов звучник што, според мене, претставува нерационална инвестиција со сомнителен краен исход – кој гарантира дека репарираниот драјвер ќе биде со ист квалитет како новиот?
Во наши услови на беспарица, с# е дозволено па дури и премотување на калемот! Тоа претставува макотрпна игра на нерви и доколку не сте подготвени да го челичите вашиот дух, заборавете ја целата работа!
Целата процедура не е едноставна и не може да се објасни во неколку реда (колку што дозволува просторот во рубриката "Писма"), па затоа ќе се потрудиме во некој од наредните броеви на ЕМИТЕР да објавиме подетален напис на оваа тема проследен со соодветни илустрации.
Емилијан Иљоски
Го изработив проектот 50W Hi-Fi аудиозасилувач, ЕМИТЕР број 56 - март 2002 г., но наидов на проблем. Кога ќе го активирам засилувачот, нормално ја извршува неговата функција, но кога ќе засилам глас, повеќе од половина, доаѓа до прекинување на излезниот сигнал, повторно доаѓање, повторно прекинување... последователно во кратки интервали. Ја изменив повратната врска, на местото на R6 ставив отпорник со вредност од 2k7. Сега го нема тој проблем, но засилувањето е незадоволително, па ќе ве молам за совет.
Тони Ристески.
Според она што го имате наведено во вашето писмо, можам да претпоставам дека главна причина за ваквото однесување на засилувачот е нискиот напон на пинот 3 во однос на негативниот напон за напојување (пинот 4). Во нормални услови, овој напон треба да биде за 5V повисок од напонот на пинот 4. На пример, ако напонот на пинот 4 изнесува -25V, тогаш напонот на пинот 3 треба да биде околу -20V. Ако ја погледнете електричната шема на слика 4, ќе забележите дека овој напон се добива со напонскиот делител кој го сочинуваат отпорниците R8 и R9. Вредноста на овие отпорници е избрана согласно висината на напонот за напојување, која во нашиот случај изнесува +/-25V. Засилувачот може нормално да работи и со понизок напон (до +/-6V), но во тој случај треба да се зголеми вредноста на отпорникот R9. Доколку за напојување користите извор со понизок напон од +/-25V, тогаш треба да извршите корекција на вредноста на R9. Вредноста можете самите да ја пресметате според следната релација: R9=41/(Us-5) [kOmi], каде што со Us е означен вкупниот напон за напојување (напонот помеѓу пинот 2 и пинот 4).
Втора работа на која треба да обрнете внимание е секако квалитетот на изворот за напојување. Изворот за напојување треба да има мала излезна импеданса и за најниските фреквенции. Со други зборови, тоа би значело квалитетни електролитски кондензатори со вредност од најмалку 4700μF, квалитетен мрежен трансформатор, кратки жици за поврзување со засилувачот и добри електрични контакти. Ова е важно, бидејќи секоја промена на напонот за напојување ќе значи и промена на напонот на пинот 3, а тоа е напонот со кој се управува работата на засилувачот.
При поголем излезен сигнал, струјата што протекува низ звучникот може да предизвика голема промена на напонот за управување, а со тоа засилувачот од нормален режим да премине во т.н. "MUTE" режим на работа.
Вредноста на отпорникот R6 не треба да ја менувате, бидејќи за стабилна работа на засилувачот напонското засилување треба да изнесува најмалку 30dB.
Дејан Трпески
Здраво Емитер!
Подолго време имам идеја за нов вид на електромотор, па решив да ви ја презентирам со цел да слушнам ваше мислење за неа. Конкретно ја упатувам до господинот Томе Скендеровски, но многу ќе го почитувам мислењето и на другите вработени во редакцијата.
Од сликата (ја имате на attach) се гледа дека е многу сличен по конструкција со бензинските мотори. Разликата е во погонот што ќе ги движи клиповите надолу. Имено, клиповите треба да се направени од јак магнет со јако магнетно поле. Блокот на моторот треба да е направен од немагнетен материјал, на пр., алуминиум. Кога првиот клип е во горна положба се активира првиот ел. магнет. Тој на долниот крај ќе создаде исто магнетно поле како и полето на горниот крај на клипот. Според законите на физиката, тие ќе се одбијат. Бидејќи ел. магнетот е фиксен, ќе мора клипот да се придвижи надолу. Со тоа ќе се заротира радилицата и третиот клип ќе дојде во горна положба ќе се активира третиот ел. магнет и ќе го одбие третиот клип. Тоа ќе доведе во горна положба, да дојде четвртиот клип, и да се активира четвртиот ел. магнет. Потоа иде вториот, па пак првиот итн. Јачината на моторот ќе зависи од јачината на магнетните полиња на магнетните клипови и на ел. магнетите.
Зошто ваков ел. мотор кога има веќе други ефикасни и докажани? Јас мислам дека ваков мотор ќе троши помалку ел. енергија отколку четири класични (на секое тркало по еден). Сепак, сакам да го слушнам вашето мислење.
Благој Минчев.
Пријатно сум изненаден од вашата инвентивност. Секоја чест и пофалби за тоа. Особено значајно е што вашиот изум функционира, т.е. не се коси со темелните закони на природата, а тоа дава подлога за потемелен третман (во почетокот само на хартија) на истиот. Ќе се обидам да ја прокоментирам вашата иновација од неколку аспекти и ќе нафрлам две идеи за подобрување на ефикасноста на вашиот мотор.
1. За идејата: Идејата е интересна, заслужува внимание и подлабока анализа затоа што е остварлива во пракса, т.е. може, согласно на принципот на функционирање кој вие го предлагате, и реално моторот да проработи. Сепак, тука веднаш се поставуваат неколку прашања на кои веднаш мора да се даде одговор. Точно е дека моторот, за кој дадовте објаснување како функционира и приложивте принципиелна шема (скица), ќе троши помалку електрична енергија, но тоа повлекува дека и излезот на механичка енергија ќе биде помал. Овде веднаш се наметнува прашањето за односот силина - маса (вкупна маса на постројката). Тој однос ќе биде изразито неповолен. Ова е хендикеп кој обесхрабрува веќе на почеток и на прв поглед. Втор момент на кој морате да се осврнете е степенот на корисно дејство на вашиот мотор. Вашиот мотор никогаш не ќе може да го достигне степенот на корисно дејство (ефикасност) од 95% до 98% како кај класичните електромотори (независно дали се AC или DC). Кај класичните електромотори имаме директно производство на вртливо движење (поради вртливото магнетно поле кај AC-моторите или преку комутаторот кај DC-моторите), што значи дека отсуствуваат инерцијални сили (директно добиваме ротација) а единствените механички загуби се загубите од тркалањето на тркалачките елементи во тркалачките лежишта. Исто така, и електричните загуби се мали, така што вкупните загуби не се поголеми од 2% до максимум 5% што е извонредно поволен краен резултат.
2. Шанси за подобрување на вашата конструкција: Ефикасноста на претворањето на електричната енергија во механичка може да се подобри единствено со зголемување на кракот на кој дејствува електромагнетната сила што резултира со поголем момент (иако за пократко време). Тоа ќе го направите со тоа што ќе го спуштите електромагнетот (го разгледувам случајот со еден цилиндар) на половина од одот на клипот. Тоа одговара на положба на коленестото вратило на 90° (при од на клипот надолу), односно на 270° (при од на клипот нагоре). Значи, од ова зависи колку од ангажираната електрична енергија (во KW) ќе биде претворена во механичка енергија (во KW). Второто подобрување се однесува на зголемување на времето на кое клипот ќе биде изложен на електромагнетната сила. Имено, при наидување на клипот кон електромагнетот тој би бил привлекуван од него, а при заминувањето би бил одбиван од него. Истото се повторува и при повратниот од на клипот. Четирикратно се зголемува времето на изложување на клипот на електромагнетното поле.
3. Шанси за комерцијализација на вашата иновација: Со оглед на нискиот очекуван степен на корисно дејство, скапата и сложена конструкција, подложувањето на дефекти и нејзино одржување во текот на работата, може да се заклучи дека вашата конструкција нема некои шанси за комерцијализација. Практично ова значи дека вашата иновација ќе функционира, меѓутоа нема да биде привлечна за купувачите (висока цена, мала ефикасност и потреба од одржување и подложност на дефекти). Мое мислење е дека нема шанси за комерцијален успех во сферата на електромоторите. Каде оваа иновација на друго поле би нашла примена, во овој момент не гледам.
4. Завршни напомени: Идејата е одлична и ја поздравувам. Добро би било да направите основни и груби пресметки (за почеток) тн:за да се добијат основните показатели (однос силина маса, степен на корисно дејство (енергетска ефикасност)) и воопшто, да ја разработите конструкцијата колку можете повеќе на хартија за да се одбере оптималната варијанта на механизмот. Би било одлично и доколку владеете со некој од програмите Auto CAD и (најдобро е) во 3Д, да го нацртате моторот. Запомнете, најбитно е (а тоа е и услов без кој не се може) на хартија и во пресметките моторот да ви функционира што е можно подобро.
Да заклучам: Иновацијата ќе функционира во реалноста. Само се поставува прашањето колкав е степенот на корисно дејство, сложеноста на конструкцијата, неговиот габарит, моќноста која може да ја произведе, колкава ќе биде цената на чинење на моторт, подложноста на дефекти, одржување и поправки, ..... и сето ова во споредба со класичните електромотори. За сево ова мора да се води сметка и добро, навистина добро да се изанализира и одмери. Како идеја која функционира е одлична и може да биде претставена.
Искрено се надевам дека овој мој коментар ќе ви користи за вашиот изум. Уште еднаш: го поздравувам вашиот изум и продолжете по оваа патека - патеката на машинството; на вистинскиот пат сте. Очигледно е дека имате талент за машинство.
Томе Скендеровски