Идеја за нов електромотор

Здраво Емитер!
Подолго време имам идеја за нов вид на електромотор, па решив да ви ја презентирам со цел да слушнам ваше мислење за неа. Конкретно ја упатувам до господинот Томе Скендеровски, но многу ќе го почитувам мислењето и на другите вработени во редакцијата.
Од сликата (ја имате на attach) се гледа дека е многу сличен по конструкција со бензинските мотори. Разликата е во погонот што ќе ги движи клиповите надолу. Имено, клиповите треба да се направени од јак магнет со јако магнетно поле. Блокот на моторот треба да е направен од немагнетен материјал, на пр., алуминиум. Кога првиот клип е во горна положба се активира првиот ел. магнет. Тој на долниот крај ќе создаде исто магнетно поле како и полето на горниот крај на клипот. Според законите на физиката, тие ќе се одбијат. Бидејќи ел. магнетот е фиксен, ќе мора клипот да се придвижи надолу. Со тоа ќе се заротира радилицата и третиот клип ќе дојде во горна положба ќе се активира третиот ел. магнет и ќе го одбие третиот клип. Тоа ќе доведе во горна положба, да дојде четвртиот клип, и да се активира четвртиот ел. магнет. Потоа иде вториот, па пак првиот итн. Јачината на моторот ќе зависи од јачината на магнетните полиња на магнетните клипови и на ел. магнетите.
Зошто ваков ел. мотор кога има веќе други ефикасни и докажани? Јас мислам дека ваков мотор ќе троши помалку ел. енергија отколку четири класични (на секое тркало по еден). Сепак, сакам да го слушнам вашето мислење.
Благој Минчев.

Пријатно сум изненаден од вашата инвентивност. Секоја чест и пофалби за тоа. Особено значајно е што вашиот изум функционира, т.е. не се коси со темелните закони на природата, а тоа дава подлога за потемелен третман (во почетокот само на хартија) на истиот. Ќе се обидам да ја прокоментирам вашата иновација од неколку аспекти и ќе нафрлам две идеи за подобрување на ефикасноста на вашиот мотор.
1. За идејата: Идејата е интересна, заслужува внимание и подлабока анализа затоа што е остварлива во пракса, т.е. може, согласно на принципот на функционирање кој вие го предлагате, и реално моторот да проработи. Сепак, тука веднаш се поставуваат неколку прашања на кои веднаш мора да се даде одговор. Точно е дека моторот, за кој дадовте објаснување како функционира и приложивте принципиелна шема (скица), ќе троши помалку електрична енергија, но тоа повлекува дека и излезот на механичка енергија ќе биде помал. Овде веднаш се наметнува прашањето за односот силина - маса (вкупна маса на постројката). Тој однос ќе биде изразито неповолен. Ова е хендикеп кој обесхрабрува веќе на почеток и на прв поглед. Втор момент на кој морате да се осврнете е степенот на корисно дејство на вашиот мотор. Вашиот мотор никогаш не ќе може да го достигне степенот на корисно дејство (ефикасност) од 95% до 98% како кај класичните електромотори (независно дали се AC или DC). Кај класичните електромотори имаме директно производство на вртливо движење (поради вртливото магнетно поле кај AC-моторите или преку комутаторот кај DC-моторите), што значи дека отсуствуваат инерцијални сили (директно добиваме ротација) а единствените механички загуби се загубите од тркалањето на тркалачките елементи во тркалачките лежишта. Исто така, и електричните загуби се мали, така што вкупните загуби не се поголеми од 2% до максимум 5% што е извонредно поволен краен резултат.
2. Шанси за подобрување на вашата конструкција: Ефикасноста на претворањето на електричната енергија во механичка може да се подобри единствено со зголемување на кракот на кој дејствува електромагнетната сила што резултира со поголем момент (иако за пократко време). Тоа ќе го направите со тоа што ќе го спуштите електромагнетот (го разгледувам случајот со еден цилиндар) на половина од одот на клипот. Тоа одговара на положба на коленестото вратило на 90° (при од на клипот надолу), односно на 270° (при од на клипот нагоре). Значи, од ова зависи колку од ангажираната електрична енергија (во KW) ќе биде претворена во механичка енергија (во KW). Второто подобрување се однесува на зголемување на времето на кое клипот ќе биде изложен на електромагнетната сила. Имено, при наидување на клипот кон електромагнетот тој би бил привлекуван од него, а при заминувањето би бил одбиван од него. Истото се повторува и при повратниот од на клипот. Четирикратно се зголемува времето на изложување на клипот на електромагнетното поле.
3. Шанси за комерцијализација на вашата иновација: Со оглед на нискиот очекуван степен на корисно дејство, скапата и сложена конструкција, подложувањето на дефекти и нејзино одржување во текот на работата, може да се заклучи дека вашата конструкција нема некои шанси за комерцијализација. Практично ова значи дека вашата иновација ќе функционира, меѓутоа нема да биде привлечна за купувачите (висока цена, мала ефикасност и потреба од одржување и подложност на дефекти). Мое мислење е дека нема шанси за комерцијален успех во сферата на електромоторите. Каде оваа иновација на друго поле би нашла примена, во овој момент не гледам.
4. Завршни напомени: Идејата е одлична и ја поздравувам. Добро би било да направите основни и груби пресметки (за почеток) тн:за да се добијат основните показатели (однос силина маса, степен на корисно дејство (енергетска ефикасност)) и воопшто, да ја разработите конструкцијата колку можете повеќе на хартија за да се одбере оптималната варијанта на механизмот. Би било одлично и доколку владеете со некој од програмите Auto CAD и (најдобро е) во 3Д, да го нацртате моторот. Запомнете, најбитно е (а тоа е и услов без кој не се може) на хартија и во пресметките моторот да ви функционира што е можно подобро.
Да заклучам: Иновацијата ќе функционира во реалноста. Само се поставува прашањето колкав е степенот на корисно дејство, сложеноста на конструкцијата, неговиот габарит, моќноста која може да ја произведе, колкава ќе биде цената на чинење на моторт, подложноста на дефекти, одржување и поправки, ..... и сето ова во споредба со класичните електромотори. За сево ова мора да се води сметка и добро, навистина добро да се изанализира и одмери. Како идеја која функционира е одлична и може да биде претставена.
Искрено се надевам дека овој мој коментар ќе ви користи за вашиот изум. Уште еднаш: го поздравувам вашиот изум и продолжете по оваа патека - патеката на машинството; на вистинскиот пат сте. Очигледно е дека имате талент за машинство.
Томе Скендеровски