Рубрика: Аудио и видеотехника
Сабвуфер Каиро
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 5/2004.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Сабвуферите (subwoofer) се звучни кутии специјализирани за репродукција на многу ниски тонови (фреквенции). Најголема примена наоѓаат во системите за домашно кино (surround), но нив ги користат и hard-core stereo аудиофилите кои имаат пар звучници што не можат да ги репродуцираат најниските тонови. Додека кај видео-сараунд-фанатиците можат да "пројдат" и сабвуфери со просечен квалитет на звук ("важно е да тресе"), на аудиофилите им е потребен квалитетен звук и, ако може, добар дизајн на кутијата – како, на пример, во овој проект. Обликот на кутијата на овој сабвуфер е пирамида, така што името "Каиро" совршено одговара на изгледот.

Нашиот читател Александар Ѓокиќ пројави желба за квалитетен сабвуфер кај кој примарен би бил квалитетот на репродукцијата, додека длабочината на басовите (долната гранична фреквенција) би била на второ место. Ова, всушност, претставува прецизен опис на аудиофилски сабвуфер, и тоа од типот на компресиона (затворена) звучна кутија, со Qtc приближно еднакво на 0,7. За да може добро да работи во компресиона кутија, а да се постигне ваква вредност на Qtc потребен е квалитетен бас-звучник со ниска резонантна фреквенција fs, не многу висок параметар Qts и долг Xmax (должина на линеарно поместување). По краткотрајна но интензивна потрага по квалитетен бас-звучник, дојдов до следниов заклучок: на пазарот во Македонија можат да се најдат квалитетни бас-звучници (сите се 4 ома, за автомобил), но нивната цена е адекватна на високиот квалитет (како што видовте во проектот Mercalli 12 во ЕМИТЕР 10/03). Се покажа дека единствен исклучок од ова правило е US Blaster USB 2830 – тој е многу евтин (50 евра), а ги има сите потребни квалитети. Ова е истиот бас-звучник што беше употребен во проектот за сабвуферот “Аквариум” (ЕМИТЕР 9/02), но таму звучната кутија беше од бас-рефлекс тип – не баш најдобро можно решение за квалитетот на звукот (со овој конкретен бас-звучник), но затоа совршено решение за сараунд систем: многу длабоки и гласни басови, со сосема добар квалитет на звук.

Бас-звучникот US Blaster USB 2830 има голем дијаметар – номинално 12 инчи (30,5 cm), екстремно големо линеарно поместување на мембраната Xmax=10 mm, средна големина на параметарот Qts и ниска резонантна фреквенција fs. Ако се употреби компресиона кутија со волумен од 50 до 55 литри ќе се добијат многу природни и цврсти басови, со фактор Qtc меѓу 0,7 и 0,8 (во зависност од количината на дампирањето), додека долната гранична фреквенција ќе биде околу f3 = 42 Hz. На прв поглед 42 Hz можеби не изгледаат како некоја многу ниска вредност, но тоа, всушност, е најниската фреквенција што може да ја отсвират контрабасот и електричната бас-гитара (нормално штимана). За оние кои сакаат да слушаат оргули или бас-гитари специјално штимани на многу ниски фреквенции, потребен е бас-еквализатор. Во некој следн број на ЕМИТЕР ќе биде објавен проект за еден ваков тип на бас-еквализатор.

Желба на Александар беше кутијата за сабвуферот да има невообичаен и интересен дизајн. Јас предложив две решенија, од кое едното беше кутија во облик на четиристрана пирамида.

Добар партнер за “Каиро” е проектот од ЕМИТЕР 9/03: “100 W филтер-засилувач”, верзијата за 4 ома

Клучни зборови:
Измерена амплитудно-фреквенциска карактеристика

Измерена амплитудно-фреквенциска карактеристика

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 5/2004. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.