Рубрика: Автомобилска техника
Електронски системи кај автомобилските мотори (1)
Автор: Марјанчо Шереметкоски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 6/2007.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Пред неколку години, еден мој пријател на шега ми рече: "Шо им требаше ова со електроникиве кај возилава, само шо ги научив платиниве!" Примената на новите електронски системи кај моторите со внатрешно согорување денес го доживува својот зенит. За тоа придонесоа големите предности што овие системи ги имаат над класичните, како и развојот на технологијата која овозможи драстично смалување на цените и зголемување на сигурноста. Сепак, главниот фактор кој најмногу придонесе за воведување на електронските системи кај моторите со внатрешно согорување беше условен со барањата за намалена емисија на штетни издувни гасови во услови на сè поостри законски регулативи кои се однесуваат на загадувањето, што на производителите на моторни возила не им остава никаков избор. Во овој напис ќе зборувам за употребата на електрониката кај моторите со внатрешно согорување и нивните потсистеми, како системот за напојување со гориво, формирање на смесата и системот за палење и неговата регулација.

 

Кои се предностите на електронските системи во однос на класичните со механичка регулација?

• Многу попрецизната регулација на составот на смесата од гориво и воздух, како и многу попрецизната регулација на точката на палење. Подготовката на смесата и точката на палење директно се одредува од електронската контролна единица, која врз база на информациите добиени од давачите (сензорите), преку извршните елементи (актуаторите), прецизно ги приспособува количината на вбризганото гориво, како и точката на палење.

• На специфични режими од работата на моторот, како што се задвижувањето: загревањето, забрзувањето и сл., корекцијата на составот на смесата и палењето е квантитативно и временски многу точна. Сето ова придонесува потрошувачката на гориво да биде сведена во најмали можни количини, како и количината на штетните издувни гасови да биде сведена на најмала можна мерка.

• Зголемена сила на моторот и порамна карактеристика на кривата од моментот.

• Се намалува отпорот на струењето на вшмуканиот воздух како резултат на отсуство од дифузор кој е составен дел на карбураторските системи, со што се зголемува коефициентот на полнење на моторот.

• Повратна врска за квалитетот на издувните гасови со која финално се доработува смесата и палењето.

• Препознавање на квалитетот на горивото и приспособување кон истото, преку посебен сензор кој ги чувствува чукањата во моторот предизвикани од детонантното согорување на смесата од гориво и воздух. Овие чукања се многу опасни и влијаат на вкупното времетраење на моторот.

• Побрзо постигнување на работна температура и нејзино одржување по електронски пат во корелација со електронската контролна единица од моторот или како нејзин интегрален дел. Со тоа се зголемува векот на моторот, како и намалување на потрошувачката на гориво, а воедно е намалена емисијата на штетните издувни гасови.

• Постоењето на електронска контролна единица (компјутер), овозможува самодијагноза на влезните и излезните податоци од давачите и извршните елементи. Доколку некои од елементите не ги даваат податоците во оние рамки во кои софтверски е предвидено да работат, се пали посебна сигнална светилка која ни кажува дека нешто со системот не е во ред и дека треба да се преземе соодветна интервенција. Исто така, е можно набљудување на работата на сите придружни елементи на електронската контролна единица во реално време како и нивно снимање, со што е овозможено со подетална анализа уште подобро да се уочат неисправностите, доколку ги има. Ова овозможува, со системот на телеметрија (особено применувана во Формула 1, а с# повеќе и кај некои нови тестери за дијагноза на возилата) податоците да се следат и снимаат за време на движење на возилото при различни услови на работа, подоцна да се обработат, за на крај да се направат подобрувања на истите.

• Електрониката овозможува спречување на секое неовластено користење на возилото, со тоа што не дозволува да се стартува моторот, доколку истиот не се препознае со клучот од возилото.

• Можност возачите во секое време да ги следат побитните информации на посебен дисплеј, како потрошувачката на горивото, моментална и просечна, преостанати километри кои можат да се поминат со моменталната количина на гориво и ред други корисни податоци.

• Кај поновите електронски контролни единици кои во себе имаат вградени флеш мемории, постои можност за префрлање на нов софтвер со подобри карактеристики, без отворање на електронската контролна единица, преку конекторот за дијагноза и, се разбира, соодветен уред. Ова значи дека иако моторот е финализиран, производителот и понатаму ги набљудува и унапредува неговите карактеристики во доменот на софтверот со кој работи електронската контролна единица.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 6/2007. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.