Рубрика: Фототехника
Завршна годишна изложба на ФотоЕМИТЕР 2008
Автор: Невенка Стојановска
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 2/2009.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Минатиот месец заврши првиот циклус на ФотоЕМИТЕР - наградниот фотоконкурс на списанието ЕМИТЕР, каде што читателите можеа да ги презентираат своите достигнувања на полето на фотографијата. По овој повод ЕМИТЕР организираше голема Годишна завршна изложба во Мултимедијалниот центар "Мала станица" во Скопје, каде што беа доделени и трите главни награди за 2008 година.

Како што веќе споменавме во минатиот број, по речиси година дена траење заврши првиот циклус на ФотоЕмитер. Во 9-те месечни изданија на "ФотоЕМИТЕР" во 2008 година пристигнаа 1186 фотографии од кои само 84 (односно 6%!) влегоа во најтесниот избор за завршната изложба, што само по себе говори за високите критериуми при изборот на фотографиите.

Сите оние коишто учествуваа и го следеа овој фотоконкурс имаа вистинска можност да научат како да го извлечат максимумот од сцената при чинот на фотографирање и како да ги коригираат своите фотографски вештини.

Свеченото отворање на Годишната завршна изложба беше на 22.01.2009 година во 20 часот и на него присуствуваа повеќе од 200 посетители кои ги проследија избраните фотографии. Притоа беа доделени и главните три награди, Надеж на ФотоЕМИТЕР, Најзастапен Фотограф на ФотоЕМИТЕР и, се разбира, највредната награда - Гран При на ФотоЕМИТЕР.

Наградата Надеж на "ФотоЕМИТЕР 2008" му припадна на најмладиот учесник, седумнаесетгодишниот фотограф Филип Десподовски. Најмладиот учесник имаше неколку трудови коишто ги задоволија строгите критериуми и влегоа во рамките на завршната изложба за што сосема заслужено доби диплома и дигитален фотоапарат Digimax L830;

Во изминатата година најмногу фотографии кои влегоа во главна конкуренција имаше Енкел Дика. По освојувањето на Гран При на Lumix Awards Македонија 2007 овој автор оваа година се закити со титулата Најзастапен Фотограф на ФотоЕМИТЕР 2008 за што му беше доделена диплома и дигитален фотоапарат Digimax i705.

Изборот за главната награда за најдобра фотографија на "ФотоЕМИТЕР 2008" беше навистина тежок. Сепак, дипломата за освоен Гран при на ФотоЕМИТЕР 2008 и комплет дигитален камкордер Samsung VP-DC 173 и дополнителна опрема сосема заслужено му припаднаа на Атанас Бајлозов за фотографијата Image Observer 2. Како што во летниот двоброј нашиот фотоселектор кажа кога ја проценуваше наградената фотографија Image Observer 2 од Атанас Бајлозов: " ...Фотографијата “Image Observer 2” тешко се подредува во одреден уметнички правец. Концептуална по својата природа таа има надреалистички елементи, што е контрадикторно. Но, отворената композиција, спрегнатоста на светлината со сите нејзини променливи форми, длабокиот впечаток на динамика, сосема невообичаените агли на набљудување, како и заститувањето на боите типично за еден Моне или Реноар, можат да ја подредат истата во импресионизмот. Денешниот човек е толку маѓепсан од убавините на природата, планините, езерата, флората и фауната што воопшто не ги забележува своите сродни, а да не зборуваме за некаква нивна анализа. Бајлозов, напротив, длабоко влегува во анализата на своите протагонисти, доделувајќи им соодветни психолошки атрибути преку своите илустрации. Едноставно тој нè враќа кон заборавените човекови атрибути, тој нè тера да се анализираме себе и оние околу нас. Оваа фотографијата заслужува да биде видена од најеминентните светски критичари и среќен сум што фотографија од ваков ешалон доживува своја промоција токму во ФотоЕмитер."

Наградите беа обезбедени од спонзорот на ФотоЕМИТЕР2008 - Samsung Digimax, а на наградените им ги доделија главниот и одговорен уредник на ЕМИТЕР, Слободан Таневски и фотоселекторот на конкурсот, Емилијан Иљоски. Сите учесници добија дипломи за учество и луксузен каталог со сите изложени фотографии. Изложбата беше отворена за посетители и во наредните 5 дена.

Подготовките за "ФотоЕМИТЕР 2009" веќе се во тек и наскоро очекувајте го почетокот на новиот циклус од овој награден фотоконкурс. Сите коишто ќе сакаат да земат учество во новиот циклус ги повикувам да продолжат да ги следат написите во нашата рубрика "Школа за фотографија", кои ќе ви овозможат да ги подобрите своите вештини на ова поле. Истовремено ве повикуваме да земете и активно учество со конкретни прашања во врска со проблемите кои ги среќавате на ова поле кои може да бидат тема на некој од наредните написи. А на крај, се разбира, применете ги своите знаења и учестувајте во новиот циклус на ФотоЕМИТЕР.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 2/2009. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.