Вселенскиот телескоп Хабл го истражува универзумот 24 часа во текот на денот, 7 дена во неделата. Погледнете какви космички чуда забележал Хабл на вашиот роденден...
Една од постојаните мисии на НАСА е и приближување на науката до обичниот граѓанин. Освен преку едукативни работилници, ТВ-преноси, конкурси и натпревари, онлајн игри итн, тие редовно имаат и забавни проекти за речиси секоја од нивните мисии. Дозволете ми да ве потсетам на можностите да “купите” билет за виртуелно патување до Mарс заедно со роверот Perseverance или за пат околу месечината заедно со екипажот од мисијата Артемис, на можноста виртуелно да “посетите” некои од планетите во Сончевиот систем како и надвор од него итн. Во оваа насока е и оваа интересна можност достапна уште од 2020 година.




Некои од фотографиите што вселенскиот телескоп Хабл ги направил на роденденот на ЕМИТЕР (фото: НАСА)
Со децении, вселенскиот телескоп Хабл на НАСА има направено безброј слики од космосот. Преку интернет страницата на НАСА за мисијата Хабл, може да патувате низ времето и да видите како дел од космосот изгледал во некои од деновите на вашиот роденден, годишнина, дипломирање или кој и да е за вас значаен настан. Така, селектирајќи го посакуваниот датум – ден и месец (тука), ќе откриете што токму на тој ден вселенскиот телескоп Хабл фотографирал низ годините откако беше лансиран во орбитата на Земјата. Резултатот лесно можете да го споделите на социјалните медиуми со алатките за споделување.
Внимание: Понекогаш, Хабл прави експозиции во текот на повеќе дена за да долови доволно светлина од далечните космички објекти. Затоа може да се случи некои од сликите да се повторат и на различни датуми!

Една од сликите фотографирани на роденденот на ЕМИТЕР – Галактичко јато MACS J0416.1-2403 Масивото галактичко јато MACS J0416.1-2403 тежи колку милион милијарди сонца. Гравитационото поле на јатото ја зголемува и ја искривува светлината од галаксиите далеку зад него, феномен наречен гравитациска леќа

Една од сликите фотографирани на роденденот на ЕМИТЕР – Прстените на Уран. На оваа слика, откриени се пар нови прстени околу далечната планета Уран. Најголемиот е двојно поголем од дијаметарот на претходно познатите прстени на планетата.

Една од сликите фотографирани на роденденот на ЕМИТЕР – Платото Аристарх на Месечината. Кратерот Аристарх, со дијаметар од 42 километри и длабочина од приближно 3,2 километри, се наоѓа на југоисточниот раб на платото Аристарх на Месечината. Платото е познато по својот богат спектар на геолошки карактеристики.

Една од сликите фотографирани на роденденот на ЕМИТЕР – Спиралната галаксија NGC 6503. Повеќето галаксии се збиени во групи или јата. Соседната галаксија никогаш не е далеку. Но, оваа галаксија, позната како NGC 6503, се најде во осамена позиција, на работ од чудно празен дел од вселената наречен Локална празнина.