Рубрика: Астрономија и астронаутика
Испрати го твоето име на пат околу Месечината
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.03.2022 - 15:00

Артемида 1 е првиот пробен лет без екипаж во рамките на програмата Артемис на НАСА, чијашто цел е враќање на човекот на површината на Месечината. Станува збор за прв лет на Системот за лансирање во вселената (Space Launch System – SLS), наменет за лансирање на голем товар и воедно е првиот лет на леталото Орион MPCV. Лансирањето на Артемис 1 е закажано за најрано во мај оваа година, но веројатно треба ќе се случи во текот на летото.

Лансирањето треба да се случи од Лансирниот комплекс 39B (LC-39B) во вселенскиот центар Кенеди. Притоа вселенското летало Орион ќе биде испратено на мисија долга 25,5 дена, од кои 6 дена ќе помине во ретроградна орбита околу Месечината. Мисијата треба да ја потврди пловидбеноста на вселенското летало Орион и функционалноста на SLS за да може потоа да се прејде на вселенски летови со екипаж, почнувајќи веќе со вториот тест на системот, Артемис 2. Летот ќе го трасира патот за првата човечка мисија на Месечината по повеќе од 40 години во рамки на којашто на површината на Месечината за првпат ќе се најдат една жена и една обоена личност.

За да се одбележи овој историски момент во НАСА нудат можност и вие 'виртуелно' да отпатувате во вселената заедно со Артемида I. Односно, вашето име да отпатува во вселената и да сврти круг околу Месечината. Сè што треба да направите е да го внесете вашето име во означеното место да внесете PIN код и – воала:  вашиот билет до за пат околу Месечината ќе се генерира! Секако запомнете го PIN-от за да може да пристапите до вашиот билет за патување во иднина wink

Во реалноста вашето име ќе биде внесено во флеш-драјвот кој заедно со Орион ќе отпатува до Месечината и назад. (Резервации за билетите тука)

Артемида I е прва од серијата сè покомплексни мисии чијашто цел е воспоставување на долгорочно човечко присуство на Месечината во наредните децении.

 

Клучни зборови: