Пред околу три недели, Скопското астрономско друштво организираше јавно набљудување на кометата C/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС на паркингот пред Калeто. Дури и ако времето беше целосно ведро, влажноста во воздухот како и смогот направија целиот настан да не биде баш како што планиравме. Многу луѓе со право заминаа незадоволни од она што го видоа. Оние што не беа на тој настан нè контактираа со барање да се организираме повторно, но тргнувајќи од набљудувачкото искуство од Кале, не сакавме да ја повториме истата грешка. Затоа организиравме ново јавно набљудување на кометата, но овој пат од темна локација на Рудине кај браната Козјак.
Дојдоа околу педесетина луѓе, вклучувајќи и некокумина кои претходниот пат беа на Кале. Овојпат приказната беше сосема поинаква. Јасното и ведро небо без смог и магла ни ја покажа кометата во полн сјај. Светлата кома на кометата беше јасно видлива додека опашката се протегаше по целото видно поле на окуларот.
Фотографиите што ги гледате ја покажуваат разликата помеѓу она што се виде кога набљудувавме од Рудине (лево) и она што се виде (или поточно она што не беше видено) кога набљудувавме од Кале (десно).
За жал, кометата секој ден се оддалечува од нас за неколку милиони километри и станува сè побледа и побледа, така што ова беше последна шанса да ја видиме убава како што ја видовме минатата сабота. Покрај кометата, ја искористивме можноста посетителите да видат и неколку познати објекти на длабокото небо.
Повеќе информации и слики од кометата C/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС може да видите во написите
C/2023 A3 Tsuchinshan-ATLAS – комета што можеби ќе биде видлива и со голо око