Рака на срце, кога станува збор за кометите, никогаш не можеме да бидеме 100% сигурни дека ќе бидат видливи со голо око. Сепак, астрономите полагаат големи надежи за кометата C/2023 A3 (Tsuchinshan-ATLAS) која би требало да биде видлива непосредно пред зори, во текот на четири последователни утра во следните неколку дена. Кон средината на октомври може да уследат и дополнителни прозорци на видливост со голо око на ноќното небо
Кометата за првпат е забележана на 9 јануари 2023 година, кога кинеската опсерваторија Цучиншан, наречена Опсерваторија на Пурпурната планина, лоцирана во близина на Нанџинг, ја забележа кометата во правец на соѕвездието Змија. Во тој момент таа се наоѓаше на 7,7 астрономски единици или преку милијарда километри од нас, поточно помеѓу Јупитер и Сатурн.
Оваа комета е „нова“, односно никогаш не поминала во близина на Земјата (освен, можеби, пред десетици милиони години) и веројатно потекнува од Ортовиот облак.
Тајм-лапс на кометата C/2023 A3 (Tsuchinshan–ATLAS) снимена на 10 мај 2024 година Фото: Википедија/ Cpayoub, CC 0.0
C/2023 A3 (Tsuchishan-ATLAS) ќе го достигне перихелот (најблиската точка до Сонцето) утре, на 27 септември 2024 година, поминувајќи на 0,39 астрономски единици од Сонцето, односно на оддалеченост од околу 55 милиони километри. Ако го преживее оваа блиска средба, по прелетот сјајноста на кометата може да достигне магнитуда од околу 0,5 до крајот на септември. За ориентација човечкото око може да види објекти до магнитуда 6. Ова значи дека кометата би можела да биде видлива в зори, “поставена” многу ниско на источниот хоризонт, половина час пред изгрејсонце, и на неколку степени од Mесечината.
Астрономите, астрономите-аматери и сите вљубеници во ноќното небо се надеваат дека ќе бидеме во можност да уживаме во поголемиот спектакл што би нè очекувал секоја вечер на зајдисонце, во првата половина на октомври 2024 година, кога кометата ќе биде на минимално растојание од Земјата. Ако кометата ја преживее интимната средба со Сонцето, би можеле да очекуваме особено извонредна глетка на 13 октомври, кога кометата ќе биде на оддалеченост од 71 милион километри од нас, додека аголот помеѓу кометата и правецот Сонце-Земја ќе биде мошне поволен за набљудување од Земјата.
Но, кога кај кометите никогаш не сме на сигурно во врска со нивните изгледи да го преживеат поздравот со Сонцето. Ова особено важи за „новите“ комети, како C/2023 A3, чијшто состав изобилува со испарливи материи, па честопати се мошне сјајни светли на големи растојанија, за потоа нивниот сјај да бледнее со нивното приближување до Сонцето. Најпознат ваков случај е оној на кометата C/1973 E1-Kohuteck која од „комета на векот“ се трансформираше едвај забележлива дамка која практично се „изгасна“ веднаш по преминот на перихелот на 28 декември 1973 година, на оддалеченост од 21 милион километри.
Но, ако кометата C/2023 A3 го преживее перихелот од 27 септември 2024 година, во втората половина на октомври може очекуваме прекрасно вечерно шоу во правец на соѕвездието Девица-Змијоносец-Змија. Веднаш под кометата ќе биде видлива планетата Венера. Потоа кометата ќе се оддалечува од Земјата и брзо ќе се движи “низ” созвездијата Змија (по 18 октомври) и Змијоносец (по 22 октомври). На крајот на ноември 2024 година, откако ќе се оддалечи на 2 астрономски единици, кометата веќе нема да биде видлива со голо око.