Рубрика: Астрономија и астронаутика
Кометата C/2023 A3 Tsuchinshan-ATLAS над Скопје
Објавено на 03.10.2024 - 16:30

Веќе пишавме за кометата C/2023 A3 Tsuchinshan-ATLAS  која за првпат по 80000 години минува низ Сончевиот систем. Кометата може деновиве да се види непосредно пред изгрејсонце, ако сте упорни и внимателни. Скопското астрономско друштво беа и упорни и внимателни, но и и дарежливи, споделувајќи го нивното искуство од набљудувањето на кометата со една прекрасна фотографија. Ви ја пренесуваме нивната приказна во продолжение...

Утрово со Радан се качивме на Водно за да пробаме да ја фотографираме актуелната комета. Рано тргнавме и некаде пред 5ч пристигнавме и се паркиравме на кривината кај патот што е затворен со куп песок.

Го наместив апаратот на трипод и додека чекавме да се појави кометата направив неколку ноќни фотографии од градот, а подоцна и повеќе фотографии од кометата со различни објективи. Радан веднаш зад нас гo постави својот мобилен да прави тајм лапс од фотографирањето.

Во исчекување на спектаклот Автор: Радан Митровиќ/Скопско астрономско друштво

Објектот е забележан. Време за акција Автор: Радан Митровиќ/Скопско астрономско друштво

Иако беше ведро, имаше еден слој од смог и облаци кои не дозволуваа да се гледа јасно на хоризонтот. Кога се појави кометата можевме да го видиме само јадрото, а подоцна кога се качи повисоко на хоризонтот и излезе над смогот можевме да ја видиме и опашката. Кометата е многу блиску до Сонцето и кога тоа почна да се приближува до хоризонтот кометата почна да се губи во светлината.

Фотографија од кометата C/2023 A3 Tsuchinshan-ATLAS над Скопје. Фотографирано со Canon R5, објектив Canon 100-500mm @150mm f5 ISO 800,
експозиција: 5 секунди
  Автор: Боби Кузмановски/Скопско астрономско друштво

За помалку од две недели ќе можеме да ја гледаме навечер, веднаш по зајдисонце. Ако не послужи времето ќе пробаме да ја фотографираме уште еднаш smiley

Автор на фотографијата и текстот е Боби Кузманоски, член на Скопското астрономско друштво.
 

Клучни зборови: