Се сеќавате ли на жестоката ерупција на вулканот Хунга Тонга што се случи во на почетокот од минатата година? Еруптивната, експлозивна моќ на Хунга Тонга што исфрли материјал дури до стратосферата собори многу рекорди. Сега постави уште еден – бројот на молњи и громови што се формирале во текот на ерупцијата.
Студијата изработена од група американски научници и објавена неодамна во Geophysical Research Letters, проценува дека за само 11 часа имало 192 000 последователни електрични празнења во олујниот еруптивен столб од пепел и водена пареа. При еруптивниот пик биле регистрирани неверојатни 2615 удари од гром за само една минута – официјално најинтензивната продукција на молњи што кога и да е била забележана. Настанот, исто така, е рекордер и во тоа што предизвикал формирање на секавици на досега најголема надморска височина – на висина од 20 до 30 км над окенската површина.
Ерупцијата на Тонга снимена од орбиталните сателити на НАСА и ЕСА
Ерупцијата на Хунга Тонга-Хунга Ха'апаи, со својот столб од пепел, пареа и гас висок 58 000 метри, според геолозите е најголемата ерупција во овој век. Резултати во споменатата студија се добиени благодарение на „новите алатки“ што овозможуваат следење на активноста на вулканите – комбинација од оптички и радио отчитуцања комбинирани заедно со мерења на електромагнетното зрачење во видливиот и во радиофреквентниот спектар, како и слики направени од орбиталните сателити и копнените радио антени способни да детектираат импулси на електрична струја.
Комбинацијата на овие податоци овозможи научниот тим да добие симулација во реално време на продукцијата на молњи над Хунга-Тонга, и покрај големината и дебелината на облакот, додека тој сè уште се надигал и растел. Набљудувањата покажале и дека ерупцијата траела подолго отколку што тоа досега се сметаше. Знаеме дека дел од уникатноста на ерупцијата се должи на тоа што таа започнала под вода, при што од врелината на магмата најнапред морската вода испарувала и се издигнувала кон небото. Очигледно совршени услови за олуја исполнета со молњи и громови, со оглед на тоа што исфрлената вулканска пепел, сега преладената вода и формираните грутките град постојано се триеле едни од други во вулканскиот облак.
Според истражувањето, молњата покажала тенденција да „плови“ со џиновските бранови генерирани од ерупцијата во Јужниот дел од Пацификот. Овие бранови формирале прстени широки и до 250 километри.
Повеќе за ерупцијата на Хунга Тонга Хаапаи пишувавме во
Најголемата вулканска ерупција на векот во детали
Моќта на вулканот олицетворена во звук