Во сенка на возбудата по претставувањето на првите четворица астронаути што ќе бидат лансирани на пат околу Месечината следната година, некако под радар помина веста дека вселенска компанија Астролаб, со седиште во Хоторн, Калифорнија, постигнала договор со SpaceX за лансирање на сопствен ровер за помош на астронаутите на површината на Месечината. Роверот FLEX (од Flexible Logistics and Exploration) треба да биде дел од мисијата на НАСА со вселенското летало Starship (види ова и ова).
Според најавите, мисијата е закажана за средината на 2026 година. FLEX ќе биде најголемиот и најсестран ровер што некогаш работел на површината на Месечината, способен да носи до 1500 килограми товар.
На фотографиите објавени од Astrolab, FLEX изгледа како автомобил на четири тркала со мала зафатнина на моторот, а тежи нешто повеќе од два тона кога е целосно оптоварување. Ќе може да смести двајца астронаути, кои ќе можат да го управуваат возилото со свои раце. Опремен со погон на сите четири тркала, FLEX ќе може да совладува различни видови пречки и терен. FLEX исто така нуди можност и за далечиско управување во отсуство на човечки оператори, а опремен е со роботска рака.
Џерет Метјус, извршен директор на Astrolab објаснува: „Создадовме логистички систем способен да прими широк спектар на товар. Очекуваме дека овој пристап ќе помогне да се воспостави постојан лунарен пункт на Месечината по пониска цена и за помалку време отколку што беше претходно предвидено“.
Инженерите на FLEX исто така предвидуваат дека роверот би можел да се употребува и во идните мисии на Марс.