Минатата година бевме сведоци кога НАСА во соработка со Лабораторијата за применета физика при Универзитетот Џон Хопкинс намерно удри со летало во астероид оддалечен околу 11 милиони километри од Земјата. Сега, откако обемните податоци од овој експеримент беа темелно обработени, тие знаат дека би можеле повторно да го сторат истото, чин што би можел потенцијално да ја спаси Земјата.
Во моментот на ударот, проектот DART (Double Asteroid Redirection Test) се сметаше за огромен успех. Имено, ударот на вселенското летало изведен со брзина од преку 26 000 км/ч ја промени орбитата на астероидот Диморф, носејќи го поблиску до неговиот ‘родител’ Дидим. Со овој тест научниците во НАСА и во Универзитетот Џон Хопкинс се надеваа дека ќе ја докажат можноста за функционална планетарна одбрана со помош на пренос на кинетичка енергија. Текот на оваа мисија ЕМИТЕР го следеше уште од почеток и повеќе за мисијата DART може да прочитате тука, тука, тука и тука.
Првично научниците за цел си го поставија намалувањето на орбитата на Диморф за најмалку седум минути, што би било потврда за успехот на мисијата. Откако правот се слегна, помина извесно време и беа направени прецизни мерења, беше откриено дека новата орбитална патека на Диморф е пократка за 33 минути, споредено со онаа од пред ударот.
Сликата направена од LUKE на која е прикажан системот Дидим–Диморф и облакот од материјал (растојание помеѓу LICIACube – Диморф = 56,7 km) / фото: ASI/NASA
Според петте написи кои ги обработуваат податоците од овој проект што беа објавени во водечкиот научен журнал Nature изминатиов период, истражувачите се сега уверени во способноста дека кинетичкиот удар може да се искористи за поместување на патеката на астероидитешто би претставувале закана за Земјата.
И покрај тоа во наредните најмалку 100 години не се очекува ниту еден познат астероид да претставува закана за Земјата, успехот на мисијата ДАРТ побуди една здрава доза на оптимизам во поглед на идните перспективи на планетарната одбрана.
Фактот дека сателитот беше лансиран директно кон астероидот Диморф, без претходно “извидување“, не се сметаше за проблематичен за идните обиди за пренасочување на вселенски тела. Сепак, тестот потврди навременото препознавање за опасност од потенцијално смртоносен удар од астероид би било особено корисно за да ја избегнеме судбината на диносаурусите. Притоа научниците нагласуваат дека „технологијата на кинетички удар за поместување [на патеката] на астероидот бара поседување доволно време за предупредување – најмалку неколку години, но по можност и децении – за да се спречи ударот на астероид во Земјата“.
„Успешното автономно таргетирање на мал астероид со ограничено претходно знаење изведено со DART претставува клучно прво достигнување на патот кон унапредување на технологијата на кинетичкиот удар до оперативна способност“, велат тие.
Ако некого го интересира да ги погледне и научните трудови и од прва рака да се увери во добрите вести, нив може да ги најдете тука, тука, тука, тука и тука