Најновата студија покажува дека дрвјата во урбаните подрачја обезбедуваат квантитативни придобивки за јавното здравје и животната средина. Имено, зголемувањето на површината со дрвја за 30% во градските средини може да помогне во разладување на градовите и спречување на многу смртни случаи поврзани со топлината.
Моделирањето на 93 европски градови од страна на Институтот за глобално здравје во Шпанија ги истакнува здравствените придобивки од дрвјата и зелените површини во градските средини, особено ако се има предвид дека климатските промени ја зголемуваат температурата и времетраењето на топлотните бранови.
Наодите се објавени неодамна во реномираното научно списание од областа на медицината The Lancet.
Градовите и предградијата бележат повисоки температури од нивната околина поради она што се нарекува ефект на „урбаниот топлински остров“. Отстранувањето на вегетацијата, поголемата густина на населеност и зголемувањето на непропустливите површини како патишта и бетонски згради ја заробуваат и апсорбираат топлината од сонцето. Европските градови застапени во студијата биле во просек за 1,5 степени потопли од околниот зелен простор, со максимална разлика од дури 4,1 степен во топлината што била забележана во Клуж-Напока, Романија.
Голем број истражувања веќе го покажаа смртоносниот ефект на екстремните температури. Високите температури се поврзани со предвремена смртност, зголемен број приеми во болница и смртност на деца, се вели во студијата.
„Оваа студија е најголема од ваков вид и прва што конкретно ја разгледува предвремената смртност предизвикана од повисоките температури во градовите и бројот на смртни случаи што може да се спречат со зголемување на покривката на дрвјата“, вели водечкиот автор, Тамара Лунгман од Институтот за глобално здравје во Барселона.
Користејќи ги податоците од европското лето во 2015 година, истражувачите употребиле детално моделирање за да го проценат ефектот на урбаните топлински острови врз смртноста на возрасните.
Моделирањето укажало дека од 6700 предвремени смртни случаи поради повисоки температури во 2015 година, една третина можела да биде спречена со 30% поголема покриеност на просторот со дрвја.
Па, градски планери и носители на одлуки се чини дека е јасно што треба да направите – вградувањето на урбаната зелена инфраструктура приспособена на секоја локална поставка е неопходност за поодржливи и поотпорни градови. Поголемата застапеност на зеленилото во урбаните простори е од особена важност ако се има предвид дека тие носат и дополнителни здравствени придобивки како што се намалување на кардиоваскуларните болести, деменција и лошото ментално здравје, подобрување на когнитивното функционирање на децата и постарите лица и подобрување на здравјето на бебињата.
Повеќе за градската микроклима и за некои други решенија за намалување на топлината во урбаните средини но и за општо подобрување на квалитетот на животот во градовите видете во
До студени и зелени градски улици со дождовница
Големите градови создаваат свои облаци?!
Садењето нови дрвја во Европа може да придонесе за повеќе врнежи
Oблакодери што го ловат јаглеродниот диоксид?!
Пасивното ладење навистина функционира против летната жештина
Нискоенергетски, пасивни и нула енергетски згради - 1