Минатата недела во рамките на самитот за климатски промени COP26, една архитектонска фирма одржа презентација во којашто предложи облакодери на иднината коишто би можеле да отстранат повеќе јаглероден диоксид од воздухот отколку што испуштаат. Нивниот концепт-дизајн за еден таков облакодер тие го нарекле Урбана секвоја, во чест на познатите џиновски дрвја од американското поднебје.
Во својата презентација, тимот на Скидморе, Овингс и Мерил (Skidmore, Owings & Merrill) истакнал дека урбаните области се примарни емитери на јаглерод диоксид, и учествуваат со приближно една третина од сите стакленички гасови што се испуштаат во атмосферата. Што е уште попоразително, овој проблемот само ќе се влошува со растот на популацијата во светот. Според нив еден од начините за намалување на емисиите е да се промени тертипот на дизајнирање на големите згради. Како што објаснуваат тие наместо огромни емитери, облакодерите би можеле да се претворат во огромни колектори на стакленички гасови.
Тимот на СОМ замислува облакодери во кои ќе биде вградена технологија која го извлекува и го обработува јаглеродот од воздухот или го складира за продажба на други преработувачи. Во нивната визија тие замислуваат згради направени од материјали кои апсорбираат јаглерод, служејќи како јаглеродни одводи во текот на целиот нивен животен век. Исто така, замислуваат згради со сегменти посветени на одгледување растенија и алги, кои би можеле да се користат за извлекување на јаглеродниот диоксид од воздухот и за обезбедување гориво за зградата. Тие предлагаат и дека самата зграда би можела да биде дизајнирана така што би го ловела јаглеродот од воздухот користејќи “ефект на оџак“. Имено, во солитерот со соодветен дизајн воздухот би се вовлекувал во централниот дел од зградата каде уредите за екстракција на јаглерод би работеле постојано, 24 часа. Тие укажуваат дека ваквата зграда би имала животен век од приближно 60 години, временски период во којшто би апсорбирала и до четири пати повеќе јаглерод отколку што би ослободила.
Тимот на СОМ посочува дека јаглеродот извлечен од зградата би можел да се користи за производство на материјали за поплочување на патиштата, цевки или за други урбани структури.
За крај тие укажуваат на тоа дека ако сите нови згради би биле направени да собираат повеќе јаглерод отколку што испуштаат, емисиите на стакленички гасови од урбаните средини би можеле значително да се намалат, можеби дури за 1,6 милијарди тони годишно.