Се чини дека романтичарите можеби се во право, животот во градот е живот во сенка. Веќе одамна е општопознато е дека градовите, таа ‘џунгла‘ од бетон и од асфалт, честопати е за неколку степени потопла од предградијата, каде дворовите обраснати со трева и дрвја ја намалуваат температурата. Но, сега научниците открија дека градовите можат да го продолжат траењето на облачната покривка над нив.
Со проучување на сателитските снимки од Лондон и Париз, научниците открија дека во текот на пролетта и летото, современите мегалополиси во континуитет се пооблачни во попладневните и вечерните часови, и тоа за неколку проценти повеќе споредено со околните рурални области. Резултатот е изненадувачки, затоа што недостатокот од вегетација би требало градовите да ги направи суви, што понатаму значи помалку испарувања на вода, помалку влага во воздухот и помали шанси за формирање на облаци.
По проучување на теренските набљудувања направени локално во Лондон, истражувачите сметаат дека го најдоа ‘виновникот’ за оваа чудна појава. Имено, тие укажуваат дека топлината што зградите ја задржуваат кон крајот на пладнето предизвикува турбуленции во воздухот, хранејќи ја влагата во облаците. Истражувањето беше објавено овој месец во журналот на Nature – Climate and Atmospheric Science. Иако во него е документирано продолженото присуство на облаците над само два европски града, постојат индикации дека сличен феномен над градовите може да се запази насекаде низ светот, од Мексико Сити до Лоѓ во Полска.