Отворањето на прозорците во текот на ноќта и спуштањето на ролетните во најсончевиот дел од попладнето е добро познат ‘старински’ начин на разладување на домот. Сега, едно ново истражување спроведено од Универзитетот на Орегон измери колкаво е влијанието на овие стратегии за пасивно ладење и дали со нив може да се спречи домовите да станат опасно топли при екстремните топлотни бранови.
При симулациите научниците ги користеле податоците од силниот топлотен бран од 2021 година што го погодил американскиот северозапад, а како стратегија за ладење била применета комбинацијата од ревносно спуштање ролетни и природно вентилирање во ноќните часови. Вооружени со метео податоците собрани од градови како Јуџин, Портланд и Сиетл, собрани во 2021 година, истражувачите користеле компјутерска програма за симулирање на условите во хипотетички стан со две спални со поглед на запад, применувајќи различни стратегии за ладење.
Без никаква климатизација и без ролетни, температурите во станот мошне бргу ја достигнувале опасната зона. Но, дури и краткотрајното отворање на прозорците го намалило периодот кога станот бил опасно жежок. Со стратешка комбинација на техниките за пасивно ладење станот би можел да стане изненадувачки погоден за живеење, дури и со надворешни температури над 40°.
Како што забележале истражувачите, отворањето на прозорците ноќе и рано наутро, кога надворешниот воздух е најстуден, направило најголема разлика. Во меѓувреме, употребата на ролетни (внатрешни и надворешни) на прозорците најмногу помогнало во попладневните часови, кога сонцето директно “пече” врз нив. Дебелите надворешни ролетни биле најефективни, но и стандардните внатрешни ролетни што се спуштаат надолу, сепак направиле разлика, особено ако нивните рабови биле запечатени со странични траки. Ефектот бил уште поголем со користење на вентилаторот поставен крај прозорецот за да ја потпомогне циркулацијата на воздухот.
Температурата во станот без проблем била одржувана под опасната зона на загревање во текот на целиот тридневен настан, дури и без вклучување на клима уред за дополнително ладење. И, што е најбитно, со примена на оваа стратегија оптоварувањето на клима-уредот било намалено до 80%, што не е мала работа во време кога сметките за струја може да достигнат астрономски височини.
Наодите би можеле да придонесат за подобрување на градежните стандарди за да ги заштитат станарите од ефектите на силната топлина – можеби носењето регулатива што ќе им наложи на градежниците и на сопствениците на станови дека мора да имаат оперативни прозорци што можат безбедно да се остават отворени преку ноќ, како и функционални ролетни за заштита од сонцето.
Предводникот на студијата, Александра Ремпел, научник за градежништво при Универзитетот на Орегон, и нејзината истражувачка група ќе ги објават своите резултати во септемвриското издание на списанието Applied Energy.
Во јуни 2021 година, екстремен топлотен бран ги зафатил државите Орегон и Вашингтон, во Соединетите американски држави. Температурите притоа достигнале речиси 47°C во Портланд и 44°C во Јуџин, надминувајќи ги сите претходни топлински рекорди. Долготрајната топлина била смртоносна, а влијанието било особено големо врз луѓето кои живеат во станови во густо населени урбани средини.
Ваквите екстремни топлотни настани се очекува да зачестат благодарение на климатските промени, па изнаоѓањето начин како домовите да останат погодни за живеење за време на интензивните летни горештини станува сè поитен проблем.
На американскиот северозапад, којшто бил земен како урнек во студијата, вообичаено зградите се дизајнирани за да ја задржат топлината внатре. Многу од домовите немаат клима уред, со оглед на вообичаено свежите лета.
Иако стратегиите со спуштање на ролетните и отворање на прозорците се веќе потврдени, временски тестирани начини за разладување на домовите, досега немаше многу цврсти докази кои покажуваат дали тие можат да направат значајна разлика во услови на екстремно високи температури што дабоко го надминуваат 40-тиот степен.
Стратегиите за пасивно ладење можат да бидат спас за луѓето без климатизација, но дури и оние што поседувааат клима уред би можеле да ги користат техниките за да ги намалат сметките за електрична енергија. Како бонус придобивка за сите е тоа што овој “зелен” начин на ладење ja намалува употребата на клима уредите, а со тоа и оптоварувањето на енергетскиот систем. Ова значи помал ризик за проблеми со доставата на електрична енергија за време на топлотните бранови.
Линк за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid0vpyNwtY7gbZqPc9hKuLf...