Шестото масовно одумирање, она предизвикано од нашето присуство на планетата и на кое сме сведоци во моментов, загрозува околу милион видови на растенија и на животни. До 2050 година ризикуваме да видиме истребување на некаде помеѓу 30% и 50% од сите живи видови. Од ова не се поштедени ниту влекачите – според најновиот попис, секој петти вид е загрозен.
Бројките се застрашувачки: ограничувајќи се на 'рбетниците, 40% од водоземците, 25% од цицачите и 13% од птиците се на пат кон целосно исчезнување. Но, каква е состојбата со рептилите? Тие се мошне малку проучувани и многу ретко набљудувани и следени, па досега недостасуваа глобални проценки за нивните шанси за опстанок. Дупката е исполнета со податоците од новото истражување што неодамна беа објавени во Nature. Освен што дознаваме дека секој петти вид на влекач е во опасност од истребување, трудот исто така објаснува и кои групи се најзагрозени, зошто се тие битни и, пред сè, што треба да направиме за да го смениме трендот.
Истражувањето, коешто траеше цели 15 години, беше спроведено од Нил Кокс и Брус Јанг, првиот е конзерватор кој работи за Меѓународната асоцијација за зачувување на природата (IUCN), додека вториот е еден од основачите на мрежата NatureServe. Двајцата заедно ја проучувале состојбата на 10 196 видови влекачи, во суштина сите оние што ги знаеме и што се досега класифицирани.
Тие откриле дека 21% од пет влекачите се изложени на ризик од истребување, односно повеќе од 10 000 видови, додека 1829 се ранливи, загрозени или критично загрозени. IUCN ги користи овие три категории на класификација при утврдување на статусот на зачувување на еден вид.
Најлоша е состојбата со желките. Дури 58% од видовите кои припаѓаат на овој ред се во опасност да исчезнат во следните неколку години. Лошо им се пишува и на крокодилите и алигаторите – 50% од овие видови ќе исчезнат од лицето на Земјата.
Од друга страна, малку подобра е состојбата со гуштерите и змиите: „само“ 19% од нивните видови се во опасност од исчезнување, но меѓу нив особено загрозени се игуанидите, од кои дури 74% се на „црвената листа“.
Анализата им овозможи на Кокс и Јанг и да ги идентификуваат трендовите. На пример, видовите кои живеат во шумите имаат тенденција да бидат повеќе изложени на ризик од оние кои живеат во суви живеалишта, бидејќи нивниот екосистем е за возврат повеќе изложен на ризик од уништување на шумите и од урбаното ширење.
Човечката активност е очигледно главниот ризик-фактор за истребување на влекачите, но не и единствениот: 257 видови во светот се загрозени од инвазивни цицачи, на пример, додека желките страдаат најмногу од нелегалната трговија а крокодилите од лов. И конечно, како пресуден фактор се јавува и глобалното затоплување. Кај многу видови на влекачи биолошкиот пол го одредува температурата, а доколку таа се зголеми, се зголемува ризикува и ризикот за нарушување на соодносот помеѓу мажјаците и женките во популацијата.
Некој може да се запраша зошто дури сега ги откриваме овие работи. Според Јанг, проблемот е во тоа што „многу луѓе не сакаат влекачи, а кога станува збор за зачувување на видовите, повеќе се фокусираме на влакнести или пердувести суштества“.
20-те најзагрозени на листата